Последното „љубовно писмо“ кое американскиот претседател Доналд Трамп му го испрати на севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун би можело да послужи за одржувањето на личната поврзаност помеѓу лидерите, односно да биде од корист во меѓусебните преговори, пишува магазинот „Атлантик“.

Ваквата претпоставка може да се заклучи од известувањето на светските медиуми според кои Ким Јонг-ун, наводно, задоволно изјавил дека содржината на писмото е со одличен карактер и дека сериозно ќе размисли за неа, искрено поздравувајќи ја извонредната храброст на Трамп.

Од Белата куќа го потврдуваат испраќањето на писмото, истакнувајќи дека допишувањето помеѓу двајцата лидери се случува подолг период, а сето тоа е во рамките на разговорите и одржувањето на добрите односи помеѓу двете земји.

Ова не е првпат двајцата лидери да комуницираат преку писма. На почетокот на месецот, Трамп изјави пред новинарите дека добил прекрасно писмо од Ким, а тоа писмо било првото откако се одржа самитот во Виетнам, од кој и двајцата лидери заминаа со „празни раце“. Дел од писмото на Ким пратено до Трамп содржело и честитки за неговиот роденден.

Според неофицијални извори, писмото сепак не содржело какви било информации за разговорот за денуклеаризирањето.