Тројката европратеници Едвард Кукан, Кнут Флекенштајн и Иво Вајгл, доцна синоќа заедно со претседателот на Собранието, Талат Џафери, од законодавниот дом, соопштија дека успешно завршил вториот ден од дијалогот „Жан Моне“ меѓу партиите и дека за одредени прашања ќе продолжат да дискутираат и понатаму.

Џафери рече дека основен принцип при овој дијалог е да не се соопштуваат детали за прашањата за кои не се донесени одлуки, но го издвои ограничувањето на времетраењето на дискусиите, начинот и организација на избор на генералниот секретар на Собранието.

Тој го спомена зајакнувањето на надзорната улога на Собранието и начинот на организирањето на надзорните седници. Тема на разговор биле собранискиот деловник, финансиската независност на Собранието, прашањето со собраниските служби и собраниското обезбедување.

Разговарано било и за реституција на имунитетот на пратениците односно можноста да се врати имунитетот.

Иво Вајгл рече дека е презадоволен од она што било постигнато меѓу партиите и дека очекува Република Македонија да добие датум за преговори со Европската Унија во септември или октомври.

– Ништо не е готово. Ова е само еден од почетоците на приближување. Наскоро ќе добиете датум. Септември – октомври се близу. Само едно лето стои меѓу сега и датумот кој ќе го добиете за почеток на преговорите – рече Вајгл.

Тој додаде дека целиот свет се восхитува и со почит говори за успесите на Македонија.

– Имате единствен функционален парламент во регионот – нагласи Вајгл во врска со дијалогот меѓу партиите.