Со гала оперски концерт на Националната опера и балет под диригентство на Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ, синоќа беше отворено 40-то издание на фестивалот Скопско лето, кој традиционално почнува на првиот ден од летото 21 јуни – Светскиот ден на музиката.

На свеченото отворање на овој фестивал, присуствуваше и градоначалникот Шилегов, кој се обрати пред присутните.

– Овој фестивал, кој повеќето од нас го сметаме за обележје на градот, веќе 40 години ги задоволува вкусовите на сите оние коишто останале во топлото Скопје. Организаторите на фестивалот и годинава во текот на 40 најтопли денови ќе се потрудат со богата програма којашто ќе содржи концерти, претстави, ликовни изложби, мултимедијални проекти, филмска програма, традиционалното кафе кино, како и програма и за најмладите, да ја задоволат естетските вкусови на сите генерации – истакна Шилегов.

Тој додаде дека фестивалот преку избор на различни и необични локации како што се Матка, Марков манастир, Водно, Старата скопска чаршија, Калето, Кејот на Вардар, Градски парк, плоштадите низ градот, старите маала, како и на веќе познатите простори за уметничка интерпретација ја вади уметноста надвор од стандардните простори и ја прави подостапна за сите граѓани и трагачи по културниот туризам.

– И годинава централното градско подрачје и други локации низ градот и во околината во вечерните часови ќе се претвораат во летни сцени на културата, а јас се надевам дека програмата којашто ја нудиме ќе ве привлече да дојдете и да уживате во палетата културни збиднувања -рече Шилегов на отворањето на фестивалот.