Јубилејното 40-то „Скопско лето“ официјално почна со оперски гала-концерт на Националната опера и балет под диригентство на Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ на плоштадот „Мајка Тереза“, на кој како солисти настапија: Весна Гиновска-Илкова, Владимир Саздовски, Ѓорѓи Цуцковски, Наде Талевска-Спасовска, Маријан Николовски, Сандра Митровска… Фестивалот ќе трае до 31 јули на повеќе локации во Скопје. Организатор е Дирекцијата за култура и уметност – Скопје, а и оваа година фестивалот е поддржан од градот Скопје и Министерството за култура.

Директорот на Дирекцијата за култура и уметност, Никола Глигоров, најави дека публиката на меѓународната манифестација „Скопско лето“ најмногу ќе може да проследи концерти, како и ликовни изложби, претстави, мултимедијални проекти, ќе има филмска програма, традиционалното кафе-кино, ќе има програма и за најмладите…

Во рамките на фестивалот публиката денеска ќе може да го проследи концертот на ромскиот фолклорен ансамбл „Рајко“ на плоштадот „Карпошово востание“. Се работи за уметници што се занимаваат со музика од рана возраст и имаат репертоар што опфаќа различен вид музика. На 14 јули во црквата „Рождество на пресвета Богородица“ во Скопје концерт ќе има машкиот камерен хор „Св. Ефраим“, кој е христијански хор. Предвидена е и презентација на два унгарски филма. Затворањето на годинашново „Скопско лето“ ќе биде на 31 јули, на плоштадот „Карпошово востание“, со концерт на ансамблот „Танец“, кој одбележува 70 години од своето постоење. Концертот е насловен „70 лета“.

– Иако „Скопско лето“ е во своите зрели години, останува свежо во духот, секогаш отворено за истражување и борбено – нагласи Глигоров.

Организаторите апелираат да се следат социјалните мрежи, каде што дополнително ќе бидат објавувани информации за сите настани и известувања доколку дојде до промена на локациите. Се подготвува и брошура во која ќе има текстови од учесници на „Скопско лето“, збогатена со фотографии.