Хит серијата на Ејч-би-о, „Големи мали лаги“, се врати со втората сезона на 10 јуни. Новите епизоди ќе бидат емитувани секој понеделник на овој канал во 20 часот, а ќе бидат достапни и на Ејч-би-о гоу.

– На површината, во мирното приморско гратче Монтереј, Калифорнија, сѐ изгледа како и порано. Мајките продолжуваат по свое, сопрузите даваат поддршка, децата се супер, а куќите се прекрасни. Но донаторската средба во училиштето го менува сето тоа, а петте мајки, Медлин, Селест, Џејн, Рената и Бони се здружуваат за да ги средат своите животи. Новата сезона ги истражува лагите, трајноста на врските, кревкоста на бракот и, секако, родителството. Врските ќе се распаѓаат, верноста ќе еродира, а потенцијалот за емоционални и телесни повреди секогаш ќе биде присутен – информираат од Ејч-би-о Адрија.

Втората сезона има седум епизоди, а во главните улоги ги гледаме: Рис Витерспун, Никол Кидман, Шејлин Вудли, Лора Дерн, Зои Кравиц и тројната добитничка на „оскар“, Мерил Стрип во улогата на свекрвата на Селест, Мери Луис. Во другите улоги ќе ги гледаме: Адам Скот, Џејмс Тапер и Џефри Нордлинг.

Креатор на серијата е Дејвид E. Кели, а приказната се базира на романот на Лиен Моријарти. Режијата е на Андреа Арнолд, додека извршни продуценти се Никол Кидман, Рис Витерспун, Дејвид Е. Кели, Андреа Арнолд, Жан Марк Вале, Бруна Папандреу, Пер Сари, Грег Финберг, Нејтан Рос и Лиен Моријарти.

Првата сезона на „Големи мали лаги“ освои голем број награди, вклучувајќи осум „еми“ и четири „златни глобуси“.