За инцидентите, кои се случија во Оманскиот Залив и, за среќа, поминаа без жртви, Вашингтон веднаш го обвини Иран, без притоа да понуди некакви конкретни докази. Но подетална анализа ќе покаже дека зад нападот може да стои и некој друг – како што се САД, Израел, па и терористичка организација – водејќи се од своите интереси и калкулации на Блискиот Исток, наведува порталот „Геополитика“

Тензиите во поширокиот регион на Персискиот Залив достигнаа ново, највисоко ниво, по неодамнешните напади врз два танкера со нафта, во сопственост на Јапонија и на Норвешка. За инцидентите, кои се случија во Оманскиот Залив и, за среќа, поминаа без жртви, Вашингтон веднаш го обвини Иран, без притоа да понуди некакви конкретни докази. Но подетална анализа, како што наведува порталот „Геополитика“, ќе покаже дека зад нападот може да стои и некој друг – како што се САД, Израел, па и терористичка организација – водејќи се од своите интереси и калкулации на Блискиот Исток.
Шефот на американската дипломатија Мајк Помпео не чекаше многу, па, така, уште истата вечер официјално изјави дека САД го сметаат Иран за одговорен за инцидентите со танкерите во Оманскиот Залив. Притоа, Помпео не понуди никаков конкретен доказ што би го потврдил таквото тврдење. Уште повеќе, тој додаде дека Иран и претходно вршел напади врз трговски бродови во Ормутскиот Теснец. Со реакција се јави и американскиот претседател, кој на Твитер веднаш ги прокоментира овие обвинувања.

– Според оцените на Владата на САД, одговорноста за нападот, што денес се случи во Оманскиот Залив, ја сноси Исламската Република. Таквата оцена е донесена врз основа на разузнавачките анализи, оружјето користено во нападот, како и искуството што е нужно за извршување такви операции, неодамнешните слични напади на бродови, како и фактот дека ниту една одделна организација во регионот не располага со ресурси или искуство за извршување напади од ваков размер на сложеност. Тоа е еден од серијата на скорешни напади извршени од страна на Исламската Република Иран против интересите на САД и нивните сојузници. И тие треба да се проценуваат во контекстот на 40 години агресија кон државите што ја сакаат слободата. На 21 април, Иран му вети на светот дека ќе го запре протокот на нафта низ Ормутскиот Теснец. На 12 мај Иран нападна четири брода во близината на Ормутскиот Теснец. Овие неиспровоцирани напади претставуваат јавно загрозување на меѓународниот мир и безбедност, претставуваат отворен напад врз слободата на пловење, а исто така се и дел од неприфатлива кампања за ескалација на тензиите од страна на Иран – порача Трмп во серијата пораки на Твитер.

„Геополитика“ оценува дека целата ситуација потсетува на онаа од 5 февруари 2003 година, кога тогашниот американски државен секретар Колин Пауел во својата презентација во Советот за безбедност на ОН покажуваше некаква бела прашина, како доказ за постоење на хемиско оружје во Ирак, под раководство на Садам Хусеин. Потоа, во март истата година почнаа американските напади, а подоцна фактите покажаа дека Ирак не поседувал хемиско оружје и дека доказите за тоа биле фабрикувани. Коинциденција или не, Вашингтон на 13 јуни годинава исто така најави свикување затворена седница на Советот за безбедност.

Без понудата на цврсти докази од Вашингтон дека Иран навистина стои зад инцидентите, може да се анализираат и другите евентуални „извршители“, кои се водат од своите интереси во Персискиот Залив. Па, така, според „Геополитика“, можно е зад нападите да стојат и самите САД, кои сакаат да ја искористат можноста да го обвинат Техеран и со тоа да ја заострат својата антииранска политика и да ги поттикнат другите земји во светот да го следат Вашингтон во зајакнувањето на економските и политичките санкции против Исламската Република.

Потоа, организатор на нападите може да биде и Израел, кому и онака главна цел му е физичка ликвидација на иранската воена моќ, не само капацитетите за развој на нуклеарната програма, туку и ракетните објекти и главните сили на Иранската револуционерна гарда. „Геополитика“ наведува дека Израел можеби е и најзаинтересирана страна за американски воен напад на Иран, заедно со Саудиска Арабија, на која војната со Техеран би предизвикала само хаос, уништување и уназадување на иранската економија.
Покрај, САД и Израел, и различни терористички организации, повеќе или помалку зависни од клучните глобални или регионални спонзори, кои имаат свои интереси и поради кои ваквата посложена хаотична геополитичка слика многу им одговора. Постојат радикални сунитски терористички организации, на кои во голем интерес би им бил крвав конфликт на Американците со шиитскиот Иран.

Во однос на засега единствениот главен осомничен за инцидентите, Иран, и тука постојат одредени причини поради кои Техеран и навистина може да стои зад нападите на танкерите со нафта. Иран е изложен на силни американски санкции, поради кои значително му е ограничен извозот на нафта. Со ваквите напади, Техеран во практика би ја потврдил ефикасноста на своите закани дека евентуалната американска блокада на иранските танкери со нафта ќе значи и прекинување на испораката на нафта од сите арапски земји од Персискиот Залив.

Од друга страна, интересен е и фактот дека еден од нападнатите танкери е во сопственост на Јапонија. Јапонскиот премиер Шинзо Абе беше во дводневна посета токму во периодот на нападите. Цел на посетата на Абе, прва посета на јапонски премиер по 40 години од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу двете земји, наводно е да посредува во спорот помеѓу САД и Иран наспроти самитот на Г20, што ќе се одржи кон крајот на јуни во Јапонија, и да обезбеди понатамошен непречен извоз на иранска нафта, бидејќи Јапонија, веднаш по Кина, е најголем светски увозник на иранското црно злато.

Во контекст на времето на нападите важна е уште една работа: Европската Унија деновиве ја објави намерата за почнување на својот платен механизам во трговијата со Иран, со кој би се избегнале американските санкции и би се овозможило продолжување на нуклеарниот договор со Техеран, кој се заканува дека ќе ја напушти меѓународната спогодба.

„Геополитика“ наведува дека постојат и шпекулации дека САД на Иран му предлагаат, токму преку јапонскиот премиер, укинување на санкциите во замена за повлекување на иранските вооружени формации во Сирија и овозможување пристап за американските енергетски компании до иранските нафтени наоѓалишта.


Кина: Не отворајте ја Пандорината кутија со Иран

По најновите американски обвинувања на сметка на Иран, со реакција се јави и официјален Пекинг, кој предупреди дека САД ризикуваат отворање на Пандорината кутија на Блискиот Исток.
– Американската страна треба да ги промени своите екстремни методи за притисок. Секое унилатерално однесување нема основа во меѓународното право. Тоа може да создаде уште поголема криза. Истовремено, го повикуваме Иран да не го напушта нуклеарниот договор – предупреди кинескиот државен советник Ванг Ји.