Претседателот за кошаркарски операции Масаи Уџири ги направи сите вистински потези во составувањето на тимот на Торонто за титулата во НБА-лигата

Може да биде речиси невозможен обид да се собере совршен тим од 12 кошаркари. И дури ни тогаш често не е доволно да се победи во еден шампионат. Понекогаш за изградба на шампионски тим е потребен некој што е подготвен да ги тестира неопходните техники, да додава состојки што другите ги намалуваат или ги отфрлаат. Уште ви се потребни совршен спој на среќа, време и на перформанси. Таков е кошаркарскиот тим на Торонто репторс, новиот шампион во НБА-лигата, а претседателот за кошаркарски операции Масаи Уџери е тој што го изгради, пишува, меѓу другото, канадски „Си-би-ес“.

Торонто долго беше на маргините на оваа лига, но успеа да го препознае вистинскиот момент и да ја зграпчи укажаната шанса. Во финалето на плејофот го совлада досегашниот првак Голден стејт, со 4-2 во победи. Ова, сепак, беше еден сложен процес, кој не се одвиваше прекуноќ, туку е макотрпно граден последниве години. Но до историскиот успех решавачка беше последната година, во која симпатичните „губитници“, кои дотогаш не можеа да ја поминат пречката наречена Леброн Џејмс, стигнаа на НБА-врвот, се вели, меѓу другото, во анализата објавена на хрватскиот „Индекс“.

Кошаркарската историја на Торонто е кратка, но многу бурна. Кон крајот на 90-тите години од минатиот век доминираа Винс Картер и Трејси Мекгрејди, како мошне атрактивни играчи, од кои првиот заврши во Орландо, а вториот во Њу Џерси нетс. По неколку неконкурентни сезони, поточно со доаѓањето на Уџери на чело на екипата, всушност почнува подемот на денешниот Торонто. По кратката и не многу импресивна играчка кариера, тој ја почнува кариерата како скаут, во која брзо напредува. Генерален менаџер во Торонто станува во 2013 година. Од сегашните кошаркари на Репторс, пред доаѓањето на Уџери, во Торонто беше само борбениот плејмејкер Кајл Лори.

Во 2015 година, Милвоки на драфтот го одбра Норман Паул, но веднаш го проследи во Торонто како замена за Грејвис Васкез. Паул е солиден НБА-кошаркар, ротирачка опција од клупата, кој може да одработи добра одбранбена улога, со понекој блесок во нападот, иако беше 46-ти избор на драфтот. Една година подоцна беше избран 22-годишниот Паскал Сијакам. Идејата беше јасна, високиот играч беше способен да ја заврши задачата во одбрана. Тоа беше првиот план, оти на Истокот тогаш владееше Леброн Џеjмс и беше потребен човек што ќе му се спротивстави на „кралот“. Дали раководството можеше да претпостави, но Сијакам во третата сезона одигра врвно, односно најверојатно е играчот што најмногу напредувал. Истата година на драфтот никој не го одбра 183 см високиот плејмејкер Фред Ванвлит. Но Торонто му даде шанса, а тој селејќи се од развојните лиги до посакуваната НБА-клупа успеа да се избори за улогата на шести играч.

Теренс Рос беше проследен во Орландо на местото на Серџи Ибака, кој некогаш беше столб на одбраната на Оклахома, а во последните сезони главен блокер и шутер. Тој е во состојба во своите минути одлично да си ја заврши работата, особено во доигрувањето, кога треба да се скрати ротирањето на теренот. Со доаѓањето на Шпанецот Марк Гасол пред неколку месеци, Ибака заврши на клупата, а Гасол како квалитетен одбранбен играч ги презеде центарските должности.

Британците Бен Гордон и Луол Денг заедно играле во Чикаго, но морале да чекаат на новиот клуб до 2017 година. Аниноби, уште еден играч избран пред крајот на првата рунда, влегува во категоријата играчи што се способни да попречуваат во одбраната и да погодат во нападот. Ова веќе го покажува правецот во кој оддел Уџери, а во лигата се врти кон ниските постави во кои доминираат атлетски брзи крила. Демар Дероузен не е еден од нив. Станува збор за легендата на Торонто, играч со најмногу поени во неговата историја, но тој, сепак, не може да биде прв или втор играч на екипа што цели кон врвот. Затоа може Кави Леонард, кој ја смени средината минатото лето. Како офанзивен играч полн самодоверба, често сам ги решава натпреварите.

Размената во јули 2018 година, која го испрати Дероузен во Сан Антонио во замена за Леонард, несомнено го смени текот на настаните. Тогаш беше јасно дека Леонард е тип на спортист што овој град ретко го гледал порано. Тој беше еден вид играч што може да ја смени играта, кој би можел да го води својот тим, кој би можел да направи навивачите и градот да заборават на минатите неуспеси. Дени Грин стигна заедно со него во пакет. Искусен со многу плејоф-дуели, способен да го реши мечот со тројки, како што тоа го направи со третиот дуел во финална серија годинава.

Во таа завршна сложувалка е и тренерот Ник Нурс, кој дојде на местото на Двејн Кејси, два дена откако Кејси беше прогласен за тренер на годината. Но Уџери му врачи отказ. Регуларната сезона е едно, а плејофот сосема друго и шанса доби неговиот долгогодишен помошник. Така, веќе беа поставени темелите на новиот Торонто репторс, кој во својата 24-та сезона конечно стигна до шампионскиот прстен.