Фото: Маја Јаневска-Илиева

Гласините на социјалните мрежи дека праската во Росоман е оштетена од град или бактериолошки неисправна се целосно невистинити. Во откупните пунктови во Росоман вчера откупувачите бараа килограм повеќе од росоманската праска, која ја извезуваат на пазарите во Русија, Косово и во Црна Гора. Почетната цена по која се откупува праската е 15 денари, а откупувачите велат дека квалитетот е добар и токму тој е главна причина за формирање на конечната цена

Откупот на праските во Росоман се одвива непречено, а откупувачите велат дека се во можност да откупат многу повеќе бидејќи имаат договори за пласман на македонската праска на странските пазари. Тоа го потврдуваат и надлежните откога во изминативе денови имаше голем број реакции по социјалните мрежи околу откупот на праската. Едни се жалеа на ниска откупна цена, а други дека не им се купува родот, бидејќи имал оштетување од град.

Во откупните пунктови во Росоман вчера откупувачите бараа килограм повеќе од росоманската праска, која ја извезуваат на пазарите во Русија, Косово и во Црна Гора. Почетна цена по која се откупува праската е 15 денари, а откупувачите велат дека конечната зависи од квалитетот.
– Ние како откупувачи имаме потреба од стока и подготвени сме да откупиме сѐ што ќе донесат производителите. Цената зависи од квалитетот и е од 15 денари нагоре, а плаќањето ќе биде навреме, нема да дозволиме да чекаат луѓето за пари. Колку и да имаат стока, луѓето нека ја носат, ние ќе ја откупиме, имаме големи нарачки и имаме каде да ја пласираме. Носиме за Косово, Русија, Црна Гора – вели Беким Скендели од „Феникс енерџи“ и додава дека се бара македонската праска.
Претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информираа дека првите камиони со македонска праска без проблеми веќе стигнале во Русија.

– Од посетата на откупните центри може да заклучиме дека нема доволно стока за потребите на откупувачите. Сите почетни проблеми ги надминуваме, институциите работат секојдневно за извозот да се одвива без проблеми, односно за откупувачите непречено да ја пласираат стоката на странските пазари. Можеме да кажеме дека 60 отсто од македонската праска одат на рускиот пазар. Првите камиони се стигнати и нема никакви проблеми. Државниот инспекторат за земјоделство е отворен за соработка, постојано имаме инспектори на терен, стоката не смее да чека. Фитосанитарната лабораторија дежура и сабота и недела за примање и издавање анализи, за да бидеме експедитивни, за производот да се извезе и да нема застој. Цената се движи во зависност од квалитетот – појаснува Трајан Димкоски од МЗШВ.

Градоначалникот на Росоман, Бранко Јанев, нагласи дека некои од реакциите на производителите на праски биле оправдани, но некои биле исполитизирани, и додаде дека е добро што откупот на праските се одвива непречено.
– Минатите денови имаше различни реакции со пласманот на праските. Некои беа реални некои беа исполитизирани. Ги повикуваме сите што имаат праски да го понудат својот производ. Има трговци што се заинтересирани за откуп – рече Бранко Јанев, градоначалник на Росоман.
Тој додаде дека одгледувачите што присуствувале на едукацијата за заштита на праската и си презеле мерки немаат проблеми со пласманот на праските, но оние што не презеле такви чекори имаат. Јанев појасни дека производителите што имаат послаб квалитет на праски ќе имаат пониска цена, но тоа не значи дека нема да им бидат откупени.

Во минатиот период МЗШВ спроведуваше едукација за производителите да можат полесно да се справат со болеста монилинија, изјави директорот на ДИЗ, Благој Индов.
– Забраната што ја симна Руската Федерација во врска со болеста монилинија нѐ услови секој камион да има анализа од државната фитосанитарна лабораторија. Нашите инспектори излегоа на терен и зедоа мостри. Сите мостри засега се негативни и праските се извезуваат на рускиот пазар. Во наредниот период, со затоплување и со врнежи од дожд, може да се појави болеста и секоја праска што ќе биде позитивна нема да оди во Русија, бидејќи државата гарантира за здрав производ – вели Индов и информира дека секој магацин имал добиено решение пред откупот да изврши дезинфекција на магацинскиот простор, но и на камионите со кои се врши транспорт на праските.

Сепак, надлежните посочуваат дека праските кај кои ќе се утврди конкретната болест нема да бидат фрлени, бидејќи истите и понатаму се здрави за јадење.
– Во следниов период може да се појави болеста, а тие праски нема да се извезуваат за Русија, но тоа не значи дека нема каде да се пласираат. Истите тие сепак се здрави и ќе можат да се извезуваат во соседните земји или, пак, да се продаваат на домашниот пазар. Само во Русија има забрана за увоз на праски со конкретен тип болест и мора да внимаваме да ги испочитуваме нивните правила. Производите што ја имаат болеста не се опасни за здравјето на луѓето, има забрана за извоз со таа болест само на рускиот пазар, а секаде на другите пазари се извезуваат. Мора да истакнам дека досега немавме добар одѕив од производителите, така што се надевам дека отсега ќе доаѓаат на собирите за да ги следат советите за прскање и заштита на овошките – додава Индов.