Три англиски клуба ќе има во првиот барабан при ждрепката за групната фаза за Лигата на шампионите, објави Европската фудбалска унија (УЕФА). Тоа ќе бидат Ливерпул, како првак на Европа, Челси, како победник на Лига Европа (ЛЕ), и Манчестер сити, како шампион на Англија. Во минатата сезона Шпанија имаше три тима во првиот барабан, и тоа Реал Мадрид (ЛШ), Атлетико (ЛЕ) и Барселона (првак на Шпанија), а една сезона пред тоа осумте носители беа од осум земји.

Другите клубови во првиот барабан се Барселона (првак на Шпанија), Јувентус (Италија), Баерн (Германија), ПСЖ (Франција) и Зенит (Русија). Преостанатите барабани ќе бидат комплетирани откако ќе бидат завршени квалификациите, но се очекува во вториот барабан да бидат Реал Мадрид, Атлетико Мадрид, Борусија Дортмунд, Наполи, Шахтер, Тотенхем итн.

Полуфиналистот од сезонава, холандскиот првак Ајакс, и во новата сезона на ЛШ ќе тргне од квалификациите, но сега од третото коло (лани од второто). Од таа рунда почнува и Порто, кој сезонава играше во четврт-финалето. Аталанта (третопласирана во Италија) ќе дебитира во групната фаза и воопшто во Лигата на шампионите, оти претходно овој клуб никогаш не се натпреварувал ниту во квалификациите за ЛШ.