Вечерва, на седмиот ден од 54. МТФ „Војдан Чернодрински“, настапува Театарот „Комедија – Скопје, кој од 19.30 часот во официјална конкуренција ќе ја изведе претставата „На отворено“ од Мрожек, во режија на Андреј Цветановски, по што ќе се одржат разговорите на тркалезната маса. Оваа претстава е претпоследна во официјална конкуренција на годинашниот фестивал кој се одржува под мотото „Ова е наше време, време за театар“.

Денеска беше претставена Европската мрежа за драмски преводи ЕУРОДРАМА, а беа соопштени и наградите за 2019 година. Беше посочено дека од „Евродрама“, се доделни признанијата на преведувачите Оливера Павловиќ и Дарко Јан Спасов. При тоа беше кажано дека преводната драмска литература во земјава е засилена со три наградени текста од руските драмски автори Иван Вирипаев и Људмила Разумовскаја, како и од ирскиот драматичар Конор Мекферсон. Ова е заслуга на преведувачката од руски јазик, Оливера Павловиќ, вработена во НТ-Битола и на Дарко Јан Спасов-драматург во театарот Комедија во Скопје и преведувач. Нивните преводи беа поттикнати од ланскиот конкурс што го спроведе Евродрама – европска мрежа за драма и превод , која обединува 30 јазични комитети од разни земји.

Мрежата Евродрама, постои од 1991 година, а основач и режисер е Доминик Долмие, кој рече дека приказната со европската мрежа за драма и превод започнала барајќи преведувач од албански на француски јазик, на текстот „ Историја на тие што веќе ги нема “, од албанскиот писател Касем Требешина, при посетата на Тирана.

Конкурсите на Евродрама за преводна драмска литература се објавуваат во непарни години, а во парни, се објавуваат повиците за оригинални драмски текстови, кои потоа се споделуваат низ мрежата.

Ка.М.