Трибина на „Војдан Чернодрински“

Трибината со наслов „Ова е наше време, време за театар“ се одржа во рамките на 54-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“.
– Моќно и пресудно е што на овој фестивал се отвори можноста јавно да се говори за тоа каде е сега македонскиот театар – изјави на самиот почетокот театрологот Ана Стојаноска.

Според неа, театарот во нашата држава има своја вредност, но главниот проблем е што немаме однос кон наследството и традицијата.
– Немаме некој континуитет, а имаме одлични театарски корени. За да не биде така ја поздравувам заложбата за гласно говорење. А денес говориме за естетско профилирање на театарот, кој е театарот што е важен за Македонија, и дали се профилира во естетска смисла, односно каков театар имаме. Сметам дека немаме стратегија за театар – посочи Стојаноска.

Новинарот Сотир Трајков смета дека го нема домашниот драмски автор и нагласи дека му пречи партизацијата и политиката во културата.
– Мора да тргнеме од тоа дека театарот е жртва на партизацијата и политизацијата. Годинава имаме кратка сезона што е поразително за една држава. Имаме традиција, но, за жал, не знаеме да ја негуваме – рече Трајков.
Борче Грозданов посочува оти е жално што ги нема домашните автори на фестивал на домашната драматургија, со чест на исклучоци.

– Не е возможно да нема ниту едно име да понуди нешто ново. На некој начин е поразително – посочи Грозданов.
Лилјана Богојевиќ од Хрватскиот народен театар од Вараждин смета дека во Македонија има добар театар, додека драмскиот писател Митко Бојаџиски вели дека ако драмата нема квалитет пишувањето е бесмислено.
– Квалитетот треба да биде основа, но сметам дека има поделба на „наши“ и „ваши“ и затоа сум многу разочаран, оти не успевам најчесто да влезам во програмите – вели авторот.

Драмскиот автор Сашо Димовски смета дека има драмски автори, но образовниот процес е проблем. Беше посочено дека државата има 18 театарски фестивали, но несериозно им се посветува внимание.