Стапката на невработеност е нереална бидејќи немаме попис на население - Фото: Игор Бансколиев

Како намалувањето на невработеноста, иако бавно, воопшто е можно кога немаше пораст на економијата во последниве години, а првиот поголем раст на БДП е во првиот квартал од 2019 година – 4,1 отсто. Која е вистинската причина за ова намалување? Дали македонската економија навистина почна да го надминува најголемиот проблем?

Македонија бележи намалување на невработеноста на 17,8 отсто на крајот од првиот квартал од оваа година, во споредба со претходниот квартал, кога стапката на невработеност беше 19,4 отсто. Според Државниот завод за статистика, за период од една година бројот на лица без работа се намалил за над 35 илјади. Но дали тоа е резултат само на нови вработувања како што тврди премиерот Зоран Заев, според кој, во изминативе две години, имало вкупно 49.522 нови вработувања.

– Во споредба со невработеноста од 22,6 отсто во вториот квартал од 2017 година, кога Владата започна со работа, тоа значи намалување на невработеноста за 4,8 отсто во изминатите две години. Изразено во бројки, тоа се 49.522 нови вработувања. Само во еден квартал имаме пад од 1,6 отсто или 17.600 нови работни места – посочи премиерот Зоран Заев.

Сепак, барем на прв поглед, поинтересно е прашањето како намалувањето на невработеноста, иако бавно, воопшто е можно кога немаше пораст на економијата во последниве години, а првиот поголем раст на БДП е во првиот квартал од 2019 година – 4,1 отсто. Која е вистинската причина за ова намалување? Дали македонската економија навистина почна да го надминува најголемиот проблем? Дали македонската индустрија конечно почна да вработува и да го зголемува производството? Или, пак, ова намалување е резултат на иселувањето од државата, ажурирањата на податоците и на вработувањата во државните служби?

Професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети, истакна дека намалувањето на невработеноста не е поради економското подобрување и порастот на БДП.

– Станува збор за техничко-статистичка операција, која најверојатно подразбира бришење на невработените од системот на податоци, како и иселување од државава – смета Беџети.

Тој додава дека нашата држава има континуирано одлевање на работната сила и тоа не само млади, туку од сите старосни структури.
– Вработувањето е еден од начините за справување со сиромаштијата и стапката на невработеност се намалува како резултат на новите вработувања, но и поради заминувањето на младите во странство – вели претседателот на Организацијата на работодавци на Македонија (ОРМ), Ангел Димитров.

Според институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, пак, овој пад се должи на зголемената побарувачка за работници во приватниот сектор, особено кај големите работодавци и во слободните зони, а делумно и на раздвижениот пазар на трудот поради активните мерки за вработување.

– Невработеноста во Македонија има тренд на пад и тоа се должи главно на вработувањата во ТИРЗ и стимулациите преку активните мерки за вработување. Сепак, за достигнување на ниските стапки на невработеност компаративни со земјите во Европската Унија, потребни ни се структурни реформи. Овие реформи треба да ја зголемат продуктивноста на вработените, но и јакнење на вештините за вработување на невработените активни баратели на работа. Исто така, потребно е да се зголемат продуктивноста и конкурентноста на домашните компании на странските пазари, стимулирајќи креирање на подобро платени работни места – сметаат од „Фајненс тинк“.
Од друга страна, Димитров, вели дека огромен број работни места остануваат непополнети поради расчекорот на понудата и побарувачката. Затоа, според него, Македонија мора многу да работи на усогласување на потребите од разни занимања и на понудата на работната сила.

– На лицата со ризик од сиромаштија им се потребни повеќе средства во семејниот буџет. Тоа може да се постигне со вработување на невработените во семејството и преку преквалификации и обуки за подобро платени работни места. На пазарот недостигаат многу стручни занимања и занаетчии, а невработените лица со ризик од сиромаштија немаат знаења и квалификации за овие занимања – нагласува Димитров.
Горан Рафајловски од „Рафајловски консалтинг“, неодамна објасни дека стапката на невработеност е нереална бидејќи прво немаме реален попис за да знаеме со колкаво население располагаме.

– На нашиот пазар недостигаат образовани среднисти, како електричари или работници во дрвната индустрија, а од друга страна имаме голем број млади што завршуваат општествени науки и нема каде да се вработат. Друг проблем е што веќе со години Владата е најголемиот работодавец, што е лошо за развојот на економијата. Мора да истакнеме и дека многу од невработените работат на црно, инаку не би можеле да преживеат, ниту пак државата ќе опстоеше со толкава невработеност и со толку голема администрација, тоа значи дека и поради ова се намалува невработеноста – посочува Рафајловски.

[email protected]