Брисел „не разликува“ датум од членство

Додека македонскиот политички врв лобира во ЕУ за добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ уште овој месец, во јавноста сѐ погласни се коментарите дека доделувањето датум, всушност, не претставува полноправно членство во Унијата туку заслужена шанса за сработеното со оглед на сите отстапки, кои Македонија ги направи во изминатиот период.

Според домашните познавачи на меѓународните односи и дипломатијата, крајно некоректна е политиката на Брисел во моментов кон Македонија ако се земе предвид дека датумот за преговори не е полноправно членство во ЕУ.

Дополнително, според толкувачите на состојбите, нашиот пат кон ЕУ понатаму во процесот на преговори може без некоја поголема причина повторно да биде блокиран доколку некоја земја-членка ни стави вето на процесот, што уште еднаш докажува дека не е јасна тактиката на Брисел кон Македонија во овој момент со одложувањето за доделување датум.

Професорот Љубомир Цуцуловски истакнува дека најпрво треба да се направи разграничување што е почнување на преговорите за прием на Македонија во ЕУ со прием на земјава во Унијата.

– Разликата помеѓу барањето за почнување преговори за прием во ЕУ и стварен, вистински прием во ЕУ е иста со разликата помеѓу она што само се посакува, замислува или сонува и она што стварно постои. Оваа разлика е еднаква на разликата помеѓу мислењето/замисленото и самото битие – постоењето! Дури и да се бара прием на Македонија во ЕУ, ништо суштински не се менува, бидејќи доволно е само една земја, точно така, само една земја да стави вето за приемот во ЕУ и сè е завршено. Правото на вето, колку и да изгледа демократско, сепак е право на моќниот, бидејќи слабиот, зависен од моќниот, никогаш нема да се одлучи за вето, т.е. да го стопира она што моќниот го наумил. Накратко, прстот во устата и понатаму е единствената извесност – вели професорот Цуцуловски.

Од друга страна, според поранешниот амбасадор Ристо Никовски, нон пејперот за кој зборува целата домашна и странската јавност нема никаква гаранција и основа дека ќе добиеме датум во јуни.

– Фактот што 13 земји-членки на ЕУ јавно ја поддржаа Македонија да добие датум за преговори, зборува за успех на нашата дипломатија. Тој потег нема многу да помогне, но сепак е наш успех. Мора да се знае дека во Унијата има мали земји и другите, кои не се свесни дека се мали. Таму решаваат неколку главни фактори, а тие очигледно се против вклучувањето на Македонија во преговарачкиот процес. Шансите да се добие датумот се минимални или никакви за што е свесна и Владата – оценува Никовски.
Во меѓувреме, претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, вчера на претседателот Стево Пендаровски, кој отпатува на прва официјална посета во Брисел, му посочи дека сите земји-членки на ЕУ не се подготвени да донесат одлука за отворање преговори во наредните денови.

Туск рече дека треба да се биде внимателен затоа што понекогаш постигнувањето консензус меѓу 28 земји знае да трае подолго.
– Вие направивте сѐ што се очекуваше од вас. Но, сакам да бидам искрен со вас: сите земји-членки не се подготвени да донесат одлука за отворање преговори во наредните денови. Лично верувам дека може да има само една одлука. Да се отворат преговори во согласност со препораките на Европската комисија, и за Северна Македонија и за Албанија. Прашањето денеска не е дали, туку кога. Малку сум внимателен, бидејќи знам дека понекогаш постигнувањето консензус меѓу 28 земји знае да трае подолго отколку што би сакал – кажа Туск.

Претседателот Пендаровски на ова додаде дека граѓаните на Македонија не бараат незаслужена награда, туку заслужена шанса за изградба на европска држава со праведно, хумано и напредно општество.

[email protected]