Со проекција на бугарскиот омнибус-филм „8 минути и 19 секунди“, чии режисери се: Петaр Валчанов, Љубомир Младенов, Теодор Ушев, Надежда Косева, Владимир Љуцканов и Кристина Грозева, вечерва, со почеток во 21 часот, во Кинотеката ќе заврши деветтиот Филозофски филмски фестивал. Овој филм, како и турскиот, „Крадци на гулаби“ на режисерот Осман Наил Доган, кој на програмата беше синоќа, се дел од специјалните проекции на добитниците на наградите „златен був“, доделени од жирито и од публиката во селекцијата на долгометражни филмови.

Филмот „8 минути и 19 секунди“ е базиран на расказите и работен по сценарио на најпреведуваниот современ бугарски писател, Георги Господинов. Насловот на филмот доаѓа од неговата збирка кратки раскази „И сè стана месечина“, која преведена на македонски јазик ја издаде „Или-или“.

Членови на жирито, кое годинава одлучуваше за наградите на Филозофскиот филмски фестивал, покрај режисерот Милчо Манчевски, беа и Дејвид Сорфа (професор по филмски студии од Универзитетот во Единбург) и Бошко Караџов (професор по филозофија и научен истражувач).