Фото: Игор Бансколиев

Македонската репрезентација, која води во својата група, утре игра со Турција

Македонската машка ракометна репрезентација утрово со чартер лет заминува за Турција, каде што утре во 18 часот (пренос на ТВ-Телма) во Ескишехир, ќе го игра првиот од двата преостанати квалификациски дуели за заверка на пласманот на Европското првенство в година во Австрија, Норвешка и во Шведска. Селекторот Данило Брестовац ќе има мал проблем поради неиграњето на левото крило, повредениот Дејан Манасков и повредата со која се соочува пикерот Стојанче Стоилов.

– Пред нас се двата последни натпревари од квалификациите, со кои треба да го завериме пласманот на Европското првенство. Мечот против Турција на гости ќе биде многу потежок, поразличен и со поголема тежина од оној што го игравме во Битола. Победата во овој меч и за двете репрезентации е важна. Иако е крај на сезоната, во овие два меча ќе влеземе максимално борбено и цврсто и ќе дадеме сѐ од себе да стигнеме до позитивен резултат и да ја оствариме нашата цел – изјави репрезентативниот пикер Жарко Пешевски.

По досегашните четири кола Македонија е прва во групата со пет бода, колку што има и Исланд, но за да ја задржи таа позиција ѝ се потребни победи во двата меча (утре со Турција и в недела со Грција). При ист број бодови со Исланд, предност ќе има Македонија поради подобриот меѓусебен скор (победа и реми).