Молдавскиот Уставен суд го разреши претседателот Игор Додон и за привремен шеф на државата го постави бившиот премиер Павел Филип. Демократската партија на Молдавија, чиј лидер е Филип, вети дека ќе го оспори легитимитетот на новата влада, која ја формираа проевропскиот блок АКУМ и Социјалистичката партија, која е поддржана од Русија. Додон е поранешен лидер на Социјалистичката партија и го поддржува формирањето нова влада, пренесува Ројтерс.

Социјалистичката партија и АКУМ во саботата постигнаа договор за формирање влада и за именување на Маја Санду, бивша министерка за образование и советничка на Светската банка, за премиерка, за да ја намалат моќта на олигарсите во една од најсиромашните земји во Европа. Со тоа му беше ставен крај на повеќемесечниот застој во парламентот по изборите во февруари. Но нивниот сојуз предизвика судир со Демократската партија на Молдавија и Уставниот суд, кој претходно соопшти дека парламентот треба да биде распуштен и дека секоја одлука за формирање влада што ќе ја донесат пратениците ќе биде неважечка. Санду е остар противник на Демократската партија, која ја формираше последната влада, и нејзиниот лидер Владимир Плахотниуч, богатиот бизнисмен, кој е обвинет за корупција и злоупотреба на власта.

Истовремено, демократите ги обвинуваат социјалистите и АКУМ за узурпација на власта по барање од Русија, а заменик-претседателот на партијата Андриан Чанду изјави дека тие на суд ќе го оспорат формирањето на Владата.
– Руската Федерација се обидува да нѐ принуди на формирање проруска влада, нелегално, во Молдавија – порача Чанду.

Од друга страна, на парламентарната седница Санду и социјалистите потпишаа и декларација, со која Молдавија се нарекува „окупирана држава“.
Молдавија се соочува со политичка нестабилност и корупција, особено поради скандалот познат како „Грабеж на векот“, кога во периодот 2014-2015 година од три банки беа украдени околу милијарда долари, односно една осмина од БДП на земјата.