Единствената поединечна победа ја оствари Емил Павлов, кој во 1-то коло го совлада со 4-2 Казахстанецот Даулет Шимирбеков

Македонските претставници Емил Павлов (до 60 кг), Ненад Келебиќ (до 67 кг), Берат Јакупи (до 84 кг), сите во борби и Пуликсенија Јованоска во кати, предводени од селекторот на репрезентацијата Сашко Арсовски и тренерот Јован Лазарев, остварија незабележителен пласман на силната Премиер-лига во карате, која викендов се одржи во Шангај, Кина.

Единствената поединечна победа ја оствари Емил Павлов, кој во 1-то коло го совлада Казахстанецот Даулет Шимирбеков со 4-2, но во 2-то коло со 0-4 загуби од Азербејџанецот Фридовси Ферзалиев. Келебиќ уште во 1-то коло беше елиминиран сo 3-6 од Јорданецот Рахман Алмасатфа, додека без победа остана и Јакупи, кој минимално со 0-1 беше поразен од Иранецот Забиолаб Поршаб. Каташката Јованоска заврши како петта во првиот круг натпревари со 23,54 поени (16,52+7,02).
Пред настапот во Шангај, најдобар моментен олимписки пласман имаше Јакупи, кој беше 23-ти (1.425 бода), а во Премиер-лигата пак, е 15-ти (570), додека во кати, Јованоска беше 33-та на листата за настап на ОИ (577,5), а во Премиер-лигата 13-та (720).

Во оваа престижна лига во секоја категорија настапуваат најдобрите 64 каратисти во светот, а крајните пласманите се значајни оти освоените бодови се придодаваат за потребната олимписка норма за настап на Олимписките игри (ОИ) во Токио 2020 година. До крајот на годинава претстојат уште три турнири во Премиер-лигата (Токио, Москва, Мадрид), по што ќе се знаат и конечните победници по категории.