Фото: Игор Бансколиев

Додека во Македонија се истакна само фактот дека електричните возила трошат електрична енергија добиена од електричната мрежа, без притоа да се прецизира дали струјата е произведена од термоелектрани на јаглен, мазут, земјен гас или од обновливи извори, анализата на германската фирма „СЕГ Аутомотив“ укажува на одредени „дупки“ во приказната

Придобивките од употребата на електричните автомобили постојано се истакнуваат во медиумите. Тие се посочуваат како еден од најголемите чувари на животната средина, поради што и се наметнува прашањето дали електричните автомобили навистина имаат најдобар еколошки биланс?
Анализа изработена од германската фирма „СЕГ Аутомотив“, производител на автомобилски делови, укажува на одредени „дупки“ во приказната за заштита на животната средина. Компанијата од Штутгарт, која вработува над 8.000 работници и соработува со речиси сите големи автопроизводители, се повикува на пресметките на реномирани сообраќајни и стручњаци за климатски прашања.

– За производството на еден електричен автомобил, поради големите батерии се испушта многу повеќе јаглероден диоксид отколку од возило со мотор на внатрешно согорување. Поради ова е-автомобилот во текот на својот животен циклус штеди 50 отсто емисии на ЦО2 само во земјите со мал удел на фосилни енергенси. Еколошкиот биланс на електромобилите би бил подобар од автомобилите со внатрешно согорување само во случај комплетната енергија која се троши да е добиена од регенеративни извори – наведува „СЕГ Аутомотив“ во анализата.

Но тоа е помалку познат момент во Македонија, бидејќи се истакна само фактот дека електричните возила трошат електрична енергија добиена од електричната мрежа, без притоа да се прецизира дали струјата е произведена од термоелектрани на јаглен, мазут, земјен гас или од обновливи извори.

– Електричната енергија може да биде произведена од термоелектрани на јаглен, мазут, земјен гас како и од обновливи извори, и тоа од хидроелектрани, ветерни електрани, фотонапонски електрани, електрани на биогас и електрани на биомаса. Во Република Северна Македонија се произведува електрична енергија од сите гореспоменати видови електрани, а кога се полнат батериите на електричните возила не знаеме од која електрана се зема таа електрична енергија и затоа не може да се каже дека електричните возила се штетни за природната средина, туку напротив тие се корисни, бидејќи истите не исфрлаат емисии од погонскиот мотор (електричен), како што се возилата кои се на погонски мотор на бензин или на дизел-гориво, како што се: (СО2, СО, ТНС+NOX) јагленоводороди и азотни оксиди и ПМ-честички – велат од Министерството за економија.

Магазинот „Едисон“, кој се занимава со областа на е-мобилноста, одржливоста и вмрежениот живот, посочи дека анализата на „СЕГ Аутомотив“, и покрај одредени непрецизности, се движи во вистинска насока. Кај моторите на внатрешно согорување без сомневање има уште голем потенцијал за намалување на испуштањето на ЦО2, но исто така има потенцијал и во подрачјата на развој на батерии и на енергетскиот микс. Јасно е дека со зголемувањето на изминатите километри расте предноста на електромобилите.

– Оптимално би било кога електричните автомобили би користеле исклучиво соларна енергија. Од друга страна, воопшто нема смисла некој е-автомобил по тригодишен лизинг со годишна километража од 15 илјади километри да се замени со некој нов модел. Ова е сознание за кое всушност не ни треба некаква пресметка, туку само малку човечки разум втемелен на одржливоста – тврди „Едисон“.

Од Министерството истакнуваат дека во согласност со Акциониот план за обновливи извори на енергија (ОИЕ), нивното процентуално учество во финалната потрошувачка во 2020 година треба да изнесува 23,9 отсто, а во 2025 година да биде 25 проценти.
Според податоците од Државниот завод за статистика, уделот на ОИЕ во 2016 година изнесува 18, а во 2017 година тој изнесува 19,6 отсто.

– Планираниот процент треба да се постигне преку изградба на нови постројки за ОИЕ, како и засилени мерки за енергетска ефикасност во согласност со Стратегијата за ОИЕ до 2020 година, Стратегијата за енергетска ефикасност до 2020 година и во согласност со новата Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година, која е во фаза на изработка. Владата донесе одлука со која е пропишано процентуалното учество на обновливите извори на енергија во бруто-финалната потрошувачка на енергија до 2020 година да изнесува 23 отсто, додека, пак, процентуалното учество на обновливите извори на енергија во финалната потрошувачка на енергија во транспортот до 2020 година да изнесува 10 проценти. Со овие стратегиски документи треба да бидат утврдени конкретните активности и начин на нивна реализација, како и задолжени институции, се со цел да се промовира употребата на возила на електричен погон – појаснуваат од Министерството.


Бесплатното полнење само една година

Само минатата година во земјава беа инсталирани 40 полначи за електрични автомобили во сите поголеми градови во Македонија, а заради промоција на е-автомобилизмот, ЕВН во текот на минатата година посочи дека полнењето на нивните полначи нема да се наплаќа.
Во текот на оваа година, во рамките на проектот „Електромобилност со ЕВН“, продолжи поставувањето на полначи низ земјава, при што два беа поставени во строгиот центар на Охрид. Користењето на полначите во промотивен период од една година ќе биде бесплатно за сите корисници.