По концертите на Лени Кравиц, Стинг и Ерос Рамацоти, во Скопје доаѓа и еден од најголемите мејнстрим артисти на светот, човекот што испеа безброј хитови што и денес со задоволство се слушаат, Брајан Адамс.

На денот на ослободувањето на Скопје, 13 Ноември, скопјани во ВИП-арената „Борис Трајковски“ во живо ќе можат да ги слушнат: „Summer of 69“, „Heaven“, „Please forgive me“, „Everything I do (I do for you)“, „Have you ever really loved a woman“ и многу други хитови.

Брајан Адамс ќе нѐ почести со свој концерт во рамките на големата светска турнеја „Шајн а лајт“, насловена по истоимениот нов албум, со што настапува во најголемите концертни сали низ светот. Организаторите, продукцијата „Авалон“ влезниците ќе ги пушти во продажба во понеделник, во 9 часот наутро.