Изложбата на филмски плакати и рекламен филмски материјал со наслов „Филмовите што ги сакавме (1947 – 1980)“, изработена од Историскиот архив на Пожаревац, ќе биде отворена денеска, во 12 часот, во Кинотеката на Македонија. Претходно Државниот архив на Македонија и Историскиот архив на Пожаревац ќе потпишат меморандум за соработка.

Изложбата се состои од 64 паноа, со димензии 70 см х 100 см, на кои се претставени 180 постери, односно рекламни филмски летоци и претставува своевиден омаж на историјата на југословенскиот филм.

Таа го следи развојот на домашната кинематографија во тогашна ФНРЈ, односно СФР Југославија, во периодот меѓу 1947 и 1980 година. Отворањето на изложбата „Филмовите што ги сакавме (1947 – 1980)“, која ќе биде збогатена со уште десет паноа за македонската кинематографија, подготвени од Државниот архив и Кинотеката на Македонија. Изложбата ќе може да се види до 17 јуни.

На потпишувањето на меморандумот, како и на отворањето на изложбата, ќе присуствуваат: Јасмина Николиќ, директорка на Историскиот архив на Пожаревац, Бојан Илиќ, претседател на Собранието на град Пожаревац, Ненад Петровиќ, помошник-градоначалник на Пожаревац и Дејан Крстиќ од Градскиот совет на Пожаревац, а пред присутните ќе се обратат Кирил Петров, директор на Државниот архив и Владимир Ангелов, директор на Кинотеката на Македонија.

Исто така, ќе бидат прикажани филмот „Пула 56“, во режија на Славко Јаневски, и инсерти од југословенската филмска продукција 1945 – 1981, а за својот влог во оваа jугословенска и македонска кинематографија ќе зборува и Данчо Чеврески.
Ќе бидат истакнати и дел од наградите што македонските филмски работници ги имаат освоено и претставуваат континуитет до најголемото филмско признание што македонската кинематографија го има освоено, „златниот лав“ во Венеција на Милчо Манчевски за „Пред дождот“, кој исто така ќе биде изложен.