Пред цели две декади, на 24 март 1999 година, во непосредното соседство на Македонија, зад нејзината северна граница, започна една од позначајните воздухопловни операции во поновата светска воена историја во која борбените авиони на САД и на Британија ги реализираа нападите против тогашната Југославија. Но малкумина знаат дека токму таа операција резултирала со големи промени во американската армија.

Имено, американскиот интернет-портал „Популар електроникс“ истакнува дека истиот воен конфликт го сменил засекогаш начинот на кој војува Америка и истовремено ретко кој тоа го забележува денеска. Колумнистот во порталот, Џо Папаралдо, својата анализа ја започнува со фактографски податоци за воената кампања врз Југославија и потсетува дека бомбардирањето со борбените авиони траело 78 дена.

– Во конфликтот, воената авијација на САД започна да ги користи тогашните новитети во борбената технологија, беа користени беспилотни борбени летала, во практика беа употребени нови тактики за постојните борбени воздухоплови (ловецот „Ф-16“ и бомбардерот „Б2“), а сето ќе се покаже како круцијално успешно во конфликтите кои следуваат потоа во Авганистан и во Ирак – истакнува Папаралдо.
Во својата анализа „Популар електроникс“ репортажно прераскажувајќи воена операција на двајца ловци со авиони „Ф-16“, информира дека тогаш за прв пат леталата не биле управувани со радиоврски од команден центар, туку тие борбените мисии за прв пат ги извеле користејќи ги упатствата за мисијата инсталирани во електрониката на борбениот авион и притоа употребиле паметни бомби, а не огромни количества оружје.

Според „Популар електроникс“, една декада претходно токму овој начин на војување применет на Балканот, со користење на прецизни бомби, започнал да станува практика за време на воените операции на Заливската војна.

– Во операцијата „Пустинска олуја“, приближно 10 проценти од испуканата муниција на воздухопловите била со помош на користење на технологијата на прецизно војување, а истото се зголемило за вкупно 29 отсто за време на втората поголема воена операција „Алајд Форс“ на Балканот – пишува порталот.
Според медиумот, со овие нови технологии се намалила тежината на оружјата кои дотогаш ги пренесувале бомбардерите. Во операцијата „Алајд Форс“, поради оваа причина биле користени бомбардерите од моделите „Б-52с“, „Б-1с“ и „Б-2с“, кои во операциите исфрлиле приближно 23.000 ракети и бомби и по оваа операција овие летала имаат поголема употреба надвор од онаа за пренесување на нуклеарни бомби.
Порталот подвлекува дека клучна улога во оваа операција кај бомбардерите била употребата на уредот „Џоинт директ атак мунишнс“, кои бомбите ги пренаменува во паметни ракети управувани од далеку.

Според медиумот, во овој конфликт „дебитирал“ и стелт-бомбардерот „Б-2“, кој наместо дотогашната практика на ноќни прелети, за прв пат бил користен во сите услови. Овие летала во своите мисии, пак, користеле современи синтетички радари со кои за време на операциите ги исцртувале метите на екраните за нишанење кои требало да ги погодат со бомби и ракети.

Натаму, војната во Косово е клучен момент во почетокот на користењето на беспилотните летала и дронови во војувањето, како леталото „предатор 1-А“, кое во мисија може да остане во воздух околу 24 часа и за време на операцијата може да ги снима сигналите на радиоврските и мобилните телефони на српските борбени групи.
– Оттогаш денешните борбени операции со дронови ги спроведуваат пилоти од командни центри стационирани во САД, а за војната на Косово леталата се управувани од воздухопловна база во Унгарија – пишува „Популар електроникс“.

Во резимето на анализата се подвлекува дека заклучоците од американската борбена мисија на Косово биле занемарени од информациите кои следувале во јавноста поради конфликти во Авганистан и во Ирак.

Според магазинот, воздушната војна над Косово длабоко влијаела врз дејствувањата на Пентагон и тоа повеќе отколку што се мисли, но таа често не е дискутирана во јавноста, бидејќи траела кратко за разлика од другите конфликти и САД немале големи жртви.