Гувернерот на американската сојузна држава Луизијана, Џон Бел Едвардс, синоќа потпиша нов рестриктивен закон за абортус, кој ја забранува процедурата откако ќе биде детектирано срцево отчукување на фетусот. Тоа значи дека нема да смее да се изврши абортус по шестата недела од бременоста.

Со потпишувањето на овој закон, Луизијана се приклучи во редот на конзервативните сојузни држави кои целат овој длабоко емотивен проблем да го претстават пред Врховниот суд на САД, пренесува „Ју-ес-еј тудеј“.

– Знам дека постојат многумина кои се согласуваат, како и многумина кои не се согласуваат со мене во врска со ова прашање и јас го почитувам нивното мислење – изјавил Едвардс.

Следејќи ги примерите на Алабама, Мисисипи и Охајо, законот на Луизијана, исто така, не прави исклучок за бременост настаната од силување или инцест.

Главна тема на дебатата на законодавната власт во Луизијана била дали да се воведе исклучок од законот за случаите на силување и на инцест.

– Не сум доволно голем маж за да и кажам на жена која била силувана едноставно да се справи со ситуацијата и да се научи да живее со тоа – кажа еден од претставниците на власта на Луизијана.

Алабама, Џорџија, Кентаки, Мисисипи и Охајо донесоа слични закони на законот со срцевото отчукување, додека Мисури усвои осумнеделна забрана за абортус.

Минатата недела илјадници луѓе маршираа на протест за правата поврзани со абортусот, организиран од движењето #StopTheBans (Запрете ги забраните).

– Ќе продолжиме да се појавуваме за да зборуваме и да се бориме против овој неуставен обид да се казнуваат жените. Политичарите не треба да носат одлуки во името на жените, нивните семејства и лекарите – напишале од движењето на нивната веб-страница.