Петер Барбарич, музички новинар од Словенија

Во 1990-тите, Барбарич организираше концерти на „Мизар“, „Падот на Византија“ и „Анастасија“ во Љубљана и во Загреб, а подоцна соработуваше и со Ферус Мустафов, оркестарот на Неат Велиов, „Агушеви“ и „Љубојна“. Негов проект е и групата „Шутка рома рап“

Петeр Барбарич, уредник за етномузика на Радио Љубљана и долгогодишен уредник на Радио студент, за нас е важен како врвен познавач на етномузиката во регионот, кој соработувал и ги промовирал: Ферус Мустафов, Џамбо Агушев и чичко му Кочо Агушев, Неат Велиов, „Љубојна“, а е познат и по тоа што ја создал и групата „Шутка рома рап“. Сѐ почнало со познанството со браќата Кирил и Методи Златанови и со организирање на концерти на „Мизар“, „Падот на Византија“ и на „Анастасија“ во Љубљана и во Загреб.

Цели четири децении сте во музичкото новинарство. Каде почнавте?
– Првите чекори ги направив како новинар на Радио студент во Љубљана, доста значајна станица во тоа време, каде што бев и главен уредник. Патот беше навистина долг, но многу интересен, а сега сум музички уредник во Радио Словенија, Прва програма, и водам дури пет емисии. Меѓу другото, специјалист сум за ромска музика, што ја третирам во посебна емисија. Меѓу првите плочи со ромска музика што ги купив беа оние на „Браќа Кадриеви“ и на „Таткото и синот Мустафови“ во „Југотон“.

Кога почна вашиот контакт со македонските бендови?
– Имам чувство дека цел живот промовирам македонска музика и уживам во тоа. Мојата македонска приказна почна кога во далечната 1982 година, во Земун, каде што служев воен рок. Таму се запознав со браќата близнаци Мето и Кире Златанови, многу се зближивме. Метo е владиката Методија од Американско-Канадската Епархија, Кирил беше панкер, а Мето џезер. Се сеќавам дека тогаш се слушаше музиката на „Токинг хедс“, „Џое дивижн“, Дејвид Боуви. Подоцна, во 1986 година, им се јавив да ги прашам за групата „Мизар“, а тие ме поканија да дојдам во Скопје, и тоа беше мојот прв контакт со Македонија. Всушност, јас со членовите на „Мизар“ се запознав во 1982 година на „Јурум“ во Загреб, во клубот „Лапидариј“. Потоа, во 1986 година, тие учествува на фестивалот „Друга годба“ во Љубљана, со мое посредство. Тоа беше негово второ издание, инаку овој фестивал сѐ уште постои. А со „Падот на Византија“ првата средба ја имав во 1986 година, повторно на „Јурум“, звучеа интересно. Имав контакти и со „Анастасија“, ги пратив во Белгија, по филмот „Пред дождот“, имаа многу опрема, многу членови и можеа да настапуваат само на големи фестивали.

Какви се вашите сеќавања од соработката со Ферус Мустафов?
– Го добив телефонскиот број на Ферус Мустафов преку дискографската куќа ПГП РТБ со која соработуваше. Тоа беше во 1991 година. Се сеќавам на првата средба, бевме договорени во 11 часот, а тој се појави во 15 часот, со кожена јакна и со темни очила и со кабриолет ме возеше низ Шутка. Јас бев шокиран, иако претходно ги гледав филмовите на Костурица, но тоа не беше филм. Истата година тој свиреше во Љубљана, на „Крижанки“, пред 1.000 луѓе на фестивалот „Друга годба“. Неговиот настап го сними ТВ-Словенија и досега е емитуван барем 20 пати, а и јас сѐ уште ја чувам радиоснимката. На истата сцена настапи и во 1993 година. Ферус е одличен музичар, расположен за импровизација, со акробатски начин на свирење. Потоа, јас го промовирав низ Европа, а некаде во тоа време се формираше и „ворлд мјузик“ сцената и почна да се одржува „Вомекс“, првиот светски фестивал на етномузика. Во 1994 г., Ферус дојде на фестивал во Берлин и сними албум за британската дискографска куќа „Блог стар“, кој се продаваше во продавниците на „Сони“ и „Вирџин“ во Њујорк. Тоа беше единствен носач на звук од Македонија, заедно со оние на Есма и на „Анастасија“. Ферус имаше успешна турнеја по Западна Европа, а во 1995 г. и одлични настапи во Грција. Соработувавме до 2002 година. Како најквалитетни би ги издвоил неговите настапи со Милан Завков и Кочо Агушев, обединети како „Балкан кингс“.

Сте соработувале и со оркестрите на Неат Велиов и со „Агушеви“?
– Да, на Неат Велиов и на неговиот оркестар им организирав настапи низ Словенија, а работев и на реализацијата на нивната прва плоча. Со „Агушеви“ работев неколку години, од 1999 г., кога Џамбо Агушев на 12 години започна да настапува на европските сцени со оркестарот на чичко му Кочо Агушев, за мене најквалитетниот трубач на балканските простори. Еден од нивните најважни концерти беше на „Сфинкс“ во Белгија – најголемиот етнофестивал во Бенелукс, од каде што се снимени сцени и за документарниот филм за Кочо Агушев. Драго ми е што во 2007 г. им организирав и концерт на „Љубојна“ во Словенија, кои подоцна снимија и плоча.

Групата „Шутка рома рап“ е ваш проект. Како се случи оваа музичка приказна?
– Да, така е. „Шутка рома рап“ е моја измислица. Навистина беа одлични и жал ми е што сега стагнираат. Инаку, овој проект беше поддржан од агенцијата „Сорос“. Направивме една компилација на ромски рап, нешто сосема ново. Момците свиреа и на „Вомкес“ и на други познати европски етнофестивали. Издадоа плоча за „Пирана“, дискографска куќа за етномузика. Но за жал, „Сорос“ престана да нѐ финансира и приказната заврши.

Зошто сега сте во Скопје?
– Доаѓањето тука ми стана навика, доаѓам на секои три-четири месеци. Имам пријатели, убаво се чувствувам, и да, сѐ уште барам интересни музичари.