Ослободување на просторот

(Додипломска работа на ученичка од средно насочено училиште ЈБТ – насока архивистика и библиотекарство)

Во овој извештај од мојот престој во оваа непозната (во моментов и службено безимена) земја, обрнувам внимание на еден гимназиски состав посветен на истражување на синтагмата „ослободување на просторот“, која (тоа ќе го забележите) е постојана тема на оваа секојдневност. Овој мој случаен наод (текстот го добив преку пошта од родител на гимназијалката, која во моментов е на постојано привремена работа во странство) го нарекувам НАОД поради неверојатноста дека „ослободувањето на просторот“ е најупорната заложба на овдешната архитектонска мисла во последните 60 години.

Од биографијата на ученичката дознаваме дека станува збор за одлична ученичка со примерно поведение, а дека поттикот за ваков труд е последица на практиката во Историскиот архив на СРМ кога воспитаниците добиле задача да „расчистат некои неважни документи“, кои биле одамна некласифицирани и биле ставани во обични картонски кутии. Таа забележала извештај на службено лице од разговор помеѓу висок државен службеник и градски претставник на Битола, кои во присуство на претставник на СКОЈ и повикан надлежен експерт за урбанизам од Загреб одлучувале како да се „ослободи“ доволно грандиозен плоштад во Битола за потребата: митинг или говор на Маршалот. За да го реши проблемот (задача од ЦККПМ) групата закажала состанок на врвот на битолската Саат-кула, која се наоѓала среде најголемата чаршија (по Цариградската) во сето Отоманско Царство. Претставникот на ЦК – го прашал младиот експерт (тој подоцна ќе израсне во универзитетски професор по урбанизам) дали е задоволен од позицијата и дали може да види доволно далеку за да донесе одлука како да се ослободи просторот. Младиот експерт бил воодушевен од петтата фасада на древната чаршија, нејзините мистериозни лавиринти, звуци и мириси. Но задачата е задача и храбро покажал со кружно движење на десната рака над чаршијата: „ВАКА ЌЕ НАПРАВИМЕ“, а со хоризонтално исправената лева рака покажал кон североисток преку целата чаршија: „А тука ќе направиме голема влезна авенија во градот Битола! А отспротива ќе подигнеме облакодер поголем од оваа кула“. Претставникот на Битола изненадено, повеќе за себе изустил: „Но тоа е повеќе од половината од сета чаршија! Кој ќе урне толку дуќани на битолчани!?“ Членот на ЦК го погледнал претставникот на СКОЈ, а овој веднаш: „НИЕ ЌЕ ГО ОСЛОБОДИМЕ ПРОСТОРОТ!“

Потоа синовите и внуците ги уриваа дуќаните на татковците и на дедовците. Сопствениците беа наградени поради жртвата за да се ослободи просторот со вработување во новоизградената фабрика „ИДНИНА“ на периферијата на Битола. Така беше ослободена од простор Битола и доби плоштад на кој Маршалот иако 16 пати беше во посета на СРМ ни еднаш не одржа говор од Саат-кулата во Битола, а „ИДНИНА“ одамна не постои во Битола!

Од трудот на воспитаничката на ЈБТ дознаваме дека Битола е почетокот на генералниот урбанистички план на СРМ за посветла иднина, кој не само во Битола туку во сите градови предвидел плоштади и како симбол на посветлата иднина облакодери – станбени објекти како вертикални стожери. Наведени се повеќе примери низ годините што надоаѓаат од посветлата иднина: Велес со слично сценарио, но без експерт однадвор (со домашни значи), Прилеп, Струга, Крива Паланка, Штип, Тетово… Просторот се ослободува, но слободата сѐ уште не надоаѓа. Архитектонското наследство исчезнува, но нема сѐ уште „ослободување“?

Се гледа напорот на терен, но сѐ уште не е постигната целта. Додипломската потоа се занимава со уште една анегдота: ПОСЕТА НА РЕПУБЛИЧКИОТ ЗАВОД ЗА УРБАНИЗАМ И ПРЕЛИСТУВАЊЕ (во рамките на предметот библиотекарство) НА ПРВИТЕ ДУП-ови – ВОЗОБНОВИ НА ЦЕНТРАЛНИТЕ ГРАДСКИ ПОДРАЧЈА НА ГРАДОВИТЕ.
Заклучокот подвлечен во трудот е дека кај сите планови (ДУП-ови), во теоретското образложение задолжително постои обврската за „зачувување на архитектонското наследство“, но во цртежите преку старите јадра се шират плоштади и широки улици, кои го „ослободуваат просторот“! Патем стои уште една забелешка за „ослободен простор“, сериозно ослободен со пробивање автопати низ археолошките локалитети: Хераклеја (точно по средината на древното наследство), Стоби (по средината на некрополисот), Скупи (низ центарот на градот), Вардарски Рид (половина рид срамнет иако автопатот има неограничена можност за трасирање)… ПОТОА, повторно, односно третпат е ослободен просторот во Битола кога е расчистен стариот театар за да се изгради нов културен центар и иако стариот не бил во колизија со основата на културниот тој е срамнет за да се создаде „ослободен простор“ пред новото и иднината.

Скопската катастрофа од 1963 г. даде можност што обилно се искористи за да се ослободи централното градско подрачје. Околу 30 години потоа истите ослободители го ослободија просторот на скопско Дебар Маало и Буњаковец. Така, следејќи ја логиката на „ослободувањето“ најослободен остана центарот на главниот град.
Ослободителите (тоа е забележено во темата) необично, природно 100 години неизградениот простор на центарот на Скопје, сметаа дека треба да се изгради! Доказот е приложен преку низа интернационални, југословенски и домашни конкурси. Но и покрај тоа, ниедна власт не се осмели да изгради и да обликува централен плоштад! Напротив од неколкуте објекти подигнати во минатиот век, ослободи простор расчистувајќи половина. Потоа некој што не го разбираше „ослободувањето на просторот“ и не гледаше напред кон „посветлата иднина“ се осмели (во своето незнаење) и… скоро го изгради центарот на Скопје!?

Ослободителите беа сериозно изненадени: по 50 години ослободување некој си дозволил неразумност од голем размер – дури подигнал и СПОМЕНИЦИ (тоа барем беше јасно дека е враќање во мрачноста на минатото и вистински пат кон ИЗОЛАЦИЈА со која ќе нѐ санкционира посветлата иднина)!!
Трудот што е причината за овој извештај, во изворна форма го испраќам според пропишаната процедура.

Ослободувањето на просторот е во полн ек и се одвива како дебата во Музејот на бескрајната уметност. Првпат е вклучен и меѓународниот фактор, кој треба да помогне да се доослободи оваа географска широчина, која (интересно) низ познатото минато секогаш се именувала како Македонија. Сега откако е службено ослободена од името (тоа меѓу експертите на меѓународната се смета за генијално и храбро исчеречување (се извинувам) ИСЧЕКОРУВАЊЕ, кое многу брзо ќе го засили ослободувањето на просторот) природно ќе се ослободат просторите на сите македонски градови и села што веќе се потврдува со бројките од теренот.