Леон Игоне (на фотографијата) бил притворен во Скопје заедно со новинарот на „Гардиан“

„…Цел одред од заптии чекаше во хотелот под команда на еден капетан… Една личност, што не можев да ја препознаам, излезе од заседа и застана на чело на колоната, држејќи фенер в рака. Така го минавме мостот на Вардар. Сѐ беше пусто. Во темната ноќ водата жуберкаше меланхолично. На средината на мостот се наоѓа една платформа каде што се извршуваат убиствата. Кога ја минавме, се успокоив при помислата дека нема да нѐ обесат веднаш. Меѓутоа, мрачниот час што беше го избрале да нѐ притворат најавуваше кобни планови…“

Во оваа 2019 година се навршуваат точно 120 години од изградбата на скопската телеграфана и пошта во близината на Скопско кале. Телеграфот во тоа време имал огромно значење за комуникацијата, така што изградбата на објектот била голема придобивка за градот. Одбележувајќи го овој датум, ќе се навратам на една интересна приказна, која е поврзана со телеграфаната, а уште повеќе со двајца странски новинари и авантурата што тие ја доживеале во Скопје. Ако сето тоа може да се нарече само авантура, бидејќи буквално нивните животи, нивните глави биле доведени во прашање со она што го преживеале. Со оглед на необичната игра на настаните, тие за малку ќе завршеле на бесилка на Камени мост.
Едниот од новинарите, чие име не се споменува, бил дописник на познатиот англиски весник „Гардијан“, другиот, пак, е познатиот француски новинар и публицист Леон Игоне. Како се одиграл сиот тој настан? Едноставно, за време на војна, а кога е војна, сѐ е можно. Имено, тие двајцата се нашле во Скопје како дописници за време на Руско-турската војна во 1877-1878 година, кога голем број бегалци и војска се повлекувале на југ, кон Скопје и Солун. Во тоа време, веќе се градела и пругата од Скопје до границата со Србија, за подоцна да продолжи кон Белград. Скопје вриело од војници, од технички лица градители на пругата, а многу од ранетите биле сместувани во градот. Не само за присутните Европејци, туку и за домородното население, сиот живот тогаш се одвивал во познатиот хотел „Европа“. Хотелот „Европа“ се наоѓал на просторот помеѓу Зеленото пазарче и Железничката станица.

Новинарот Леон Игоне пристигнал во Скопје, во почетокот на јануари 1878 година, и отседнал во хотелот „Европа“ каде што се запознал со дописникот на англискиот весник „Гардијан“. И двајцата не можеле да претпостават што сѐ можело да им се случи во градот на Вардар. Наскоро, веројатно по нечија директива, двајцата новинари биле обвинети за – заговор. Обвинувањето било тешко, бидејќи тие директно биле посочени како – руски шпиони. Во такво кризно воено време, да бидеш прогласен за шпион, била најтешката можна квалификација. Главите можеле да им летнат многу брзо, по кратка постапка, и тоа со – бесење! Бесењата биле извршувани на платото, во средината на Камени мост, кое порано служело за разгледување на убавините на реката и на кејот, а денес не постои. А да се виси на бесилка на тоа плато, најмалку било поврзано со некаква романтика. Двајцата новинари, со сета своја сила и моќ настојувале да го одбегнат тој чин. Зашто, често се случувало, и оние што ја докажале својата невиност, во сиот тој хаос на матните времиња, сепак, да ја загубат главата. Значи, требало да се биде внимателен.

Значајно за овој настан е што во описите на новинарот и патник Леон Игоне, се доловени непознати и ретки слики од тоа далечно Скопје. А Игоне бил вистински мајстор во сликањето на атмосферата. Овој настан пластично е предаден преку преводите на текстовите на Игоне од страна на професорот Љ. Монев, кој на македонски јазик приопшти и други записи од француските автори што патувале во Македонија. Обвинетите новинари најпрвин биле строго чувани во хотелот, а една ноќ дошле заптии за да ги спроведат

Книгата на Игоне „Непозната Турција-Романија, Бугарија, Македонија, Албанија…“

во притвор на Калето, во зградата на Уќуматот, подоцна куќа на валијата (денешен „Рубин-кармин“). На новинарите таа скопска ноќ им се сторила од црна поцрна, бидејќи помислиле дека таа им е последната. Во продолжение ќе пренесеме како Леон Игоне го опишува тоа нивно спроведување, од хотелот до Калето: „Станувајте, извикаа тие… Се облеков набрзина. Мојот колега (новинарот на ’Гардијан‘), беше зел, по препорака на офицерот, еден куфер, јас не бев известен и не понесов ништо. Цел одред од заптии чекаше во хотелот под команда на еден капетан… Една личност, што не можев да ја препознаам, излезе од заседа и застана на чело на колоната, држејќи фенер в рака. Така го минавме мостот на Вардар. Сѐ беше пусто. Во темната ноќ водата жуберкаше меланхолично. На средината на мостот се наоѓа една платформа каде што се извршуваат убиствата. Кога ја минавме, се успокоив при помислата дека нема да нѐ обесат веднаш. Меѓутоа, мрачниот час што беше го избрале да нѐ притворат најавуваше кобни планови…“

Новинарот на „Гардијан“ бил многу понервозен и повоинствен во врска со нивното затворање. Зошто? Едноставно, турските власти не знаеле дека тој е Американец, со американски пасош и државјанство, иако бил дописник на англискиот весник „Гардијан“. Гордоста не му дозволувала да бидат шиканирани, бесправно обвинети, па дури и со закана да бидат погубени. Како американски граѓанин, веднаш побарал да му напише телеграма на министерот на Соединетите Американски Држави. Властите му го дозволиле тоа, и тој напишал остра телеграма, која според Игоне гласела: „Ме затворија без причина и ве молам да запре ваквиот однос што е недостоен за еден цивилизиран народ“. Телеграмата од поштата ја испратил службеникот по име Спераки, кој истовремено работел и во канцеларијата на мутесарифот, управител на санџакот. Но новинарите биле ослободени дури откако добиле одобрување од приштинскиот валија, кој им упатил и зборови на извинување. Така се завршила оваа непријатна авантура на дописниците, која открива уште еден необичен детаљ за Скопје. Имено, како што може да се види, поштата работела уште во 1878 год., најверојатно во други простории, иако се знае дека таа како посебен објект била изградена подоцна. Убав повод за уште едно навраќање кон богатата историја на скопските пошти и можности за комуникација во тие далечни и немирни времиња.