Со планот, кој неодамна го презентирал министерот за одбрана Патрик Шенахан, сепак не е предвидена копнена инвазија на Иран, за што ќе бидат потребни поголем број војници и повеќемесечни подготовки. Станува збор за ревизија на иранската стратегија на Пентагон, која е направена по барање од група високи функционери во Вашингтон, предводена од Џон Болтон, советникот за национална безбедност на претседателот Доналд Трамп. Ваквиот развој на настаните го рефлектира влијанието на Болтон, чиј притисок за конфронтација со Техеран беше игнориран пред повеќе од десет години од страна на тогашниот претседател Џорџ Буш

Пентагон планира да испрати 120.000 војници на Блискиот Исток доколку Иран ги нападне американските сили или ја забрза работата на производство на нуклеарно оружје. Со планот, кој неодамна го презентирал министерот за одбрана Патрик Шенахан, сепак не е предвидена копнена инвазија на Иран, за што ќе бидат потребни поголем број војници и повеќемесечни подготовки. Станува збор за ревизија на иранската стратегија на Пентагон, која е направена по барање од група високи функционери во Вашингтон, предводена од Џон Болтон, советникот за национална безбедност на претседателот Доналд Трамп. Ваквиот развој на настаните го рефлектира влијанието на Болтон, чиј притисок за конфронтација со Техеран беше игнориран пред повеќе од десет години од страна на тогашниот претседател Џорџ Буш. Сепак неизвесно е дали Трамп, кој сака да го намали американското воено присуство во Авганистан и во Сирија, на крајот ќе даде зелено светло за испраќање на толкав голем број војници на Блискиот Исток, пренесува „Њујорк тајмс“.

Во администрацијата на Трамп има остра поделба за тоа како да се одговори на предизвикот од Иран, и тоа во период кога тензиите растат поради иранската нуклеарна политика и намерите на Техеран за Блискиот Исток. Некои од највисоките функционери во Вашингтон посочуваат дека ревизијата на планот, дури и во прелиминарна фаза, покажува колку е голема опасноста од Иран. Од друга страна, пак, одредени функционери, кои инсистираат на дипломатско решение на сегашните тензии, сметаат дека планот претставува тактика за заплашување и предупредување на Техеран против нови агресии.

Некои од европските сојузници на САД посочуваат дека се загрижени од опасноста од кулминација на тензиите помеѓу Вашингтон и Техеран. Шефовите на дипломатиите на Британија, Франција и Германија наводно биле шокирани од американскиот план.
Со распоредувањето на 120.000 војници и голем број воздушни, копнени и поморски сили, Техеран ќе има повеќе цели за напаѓање, ризикувајќи да ги вовлече САД во отворен конфликт. Тоа исто така ќе го запре повеќегодишното намалување на американското воено присуство на Блискиот Исток, што почна со одлуката на претседателот Барак Обама од 2011 година за повлекување на војниците од Ирак. Но дел од безбедносните советници на Трамп тврди дека најавата за повлекување на американските сили од Сирија и намаленото поморско присуство во регионот ги охрабриле лидерите во Техеран, истовремено убедувајќи ја Револуционерната гарда дека САД не се расположени за воен конфликт со Иран.

Шефот на американската дипломатија, Мајк Помпео, во понеделникот во Брисел се сретна со своите колеги од Британија, Франција и од Германија – земјите-потписнички на нуклеарниот договор со Иран од 2015 година – како и со еврокомесарката за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини. Тие побарале воздржаност од Вашингтон, стравувајќи дека случајната ескалација на тензиите може да доведе до отворена војна со Иран.

– Многу сме загрижени од ризикот конфликтот да почне случајно, со ескалација на настаните што не е планирано од ниту една страна – порача Џереми Хант, британскиот министер за надворешни работи.

Иранската влада изминатиот период не се закани со насилство, но претседателот Хасан Рохани минатата седмица порача дека Иран ќе суспендира некои одредби од договорот од 2015 година. Трамп ги повлече САД од договорот пред една година, но европските земји го повикаа Техеран да го почитува договорот и да ги игнорира провокациите од американскиот претседател.

Ревизијата на плановите на Пентагон се случува само неколку дена откако администрацијата на Трамп соопшти дека новите разузнавачки податоци покажуваат дека Иран мобилизира сили во Ирак и во Сирија, за напад врз американските сили стационирани во овие две блискоисточни земји. Во знак за претпазливост, САД во заливскиот регион распоредија носач на авиони, бомбардери „б-52“, дополнителни воени бродови, како и противракетниот одбранбен систем „патриот“.

– Претседателот беше јасен, САД не сакаат воен конфликт со Иран, и тој е отворен за преговори со иранското раководство. Сепак, почетната позиција на Иран веќе 40 години е насилството, и подготвени сме да ги браниме американските војници и интереси во регионот – изјави Гарет Маркиз, портпаролот на американскиот Национален совет за безбедност. 


Кина, Русија и конкуренцијата помеѓу суперсилите

Намалувањето на бројот на американските војници на Блискиот Исток во изминатите години беше поттикнато од новиот фокус на Вашингтон на Кина, Русија и т.н. конкуренција помеѓу големите сили. Иако во најновата Национална одбранбена стратегија, што беше објавена пред Болтон да стане дел од администрацијата на Трамп, Блискиот Исток и натаму останува важен, а Иран е посочен како закана за американските сојузници, сепак од САД се бара да се ангажираат повеќе и да не дозволат Кина да го наруши светскиот поредок. Откако Болтон стана советник за национална безбедност во април 2018 година, тој ги интензивира политиките на Вашингтон за изолирање и вршење притисок врз Иран.