За светските лидери, лимузините се важен елемент за спектакуларен влез, пишува „Бизнис инсајдер“.

Кралицата Елизабета Втора патува во нејзиниот „бентли“, додека пак императорот на Јапонија преферира „тојота сенчури“.

Но, постојат и неколку лимузини кои се препознатливи, како онаа на претседателот на САД, Доналд Трамп, која е позната под името „ѕверот“.

Лимузината на Доналд Трамп позната како „ѕверот“

Во поголемиот дел од 20-от век, разни лимузини на „Линколн“ беа избор за возило на претседателот на САД. Но, тоа се промени во раните 80-ти кога админстрацијата на Реган се одлучи за „кадилак“ и оттогаш се возеше само таа марка на кола.

Најновата верзија на „ѕверот“ излезе есента 2018 година. Неговата вредност изнесува 1,5 милиони долари. Повторно, станува збор за „кадилак“. Официјално лимузината беше нарачана во 2014 година од страна на администрацијата на Барак Обама, но не се користела сѐ до доаѓањето на Трамп на власт.

Рускиот претседател Владимир Путин неодамна дебитираше со нова претседателска лимузина која ја нарекол „аурус сенат“. „Аурусот“ е нов руски луксузен автомобилски бренд кој дебитираше во 2018 година на меѓународното шоу на автомобили во Москва.

Владимир Путин во неговиот „аурус сенат“