Наградата за животна средина Goldman се доделува секоја година на заслужни херои
од областа на животната средина од сите шест населени континенти во светот.
Оваа година наградата е доделена на активисти од Чиле, Либерија, Монголија,
Куковите Острови, САД, а меѓу добитниците е и Ана Чоловиќ Лешоска од Центарот
за истражување и информирање Еко-свест од Македонија.

Ана Чоловиќ Лешоска е извршна директорка во Центарот за истражување и
информирање за животна средина Еко-свест од Скопје, по професија е биолог и повеќе од 20 години од својот живот активно работи на подигнување на јавната свест за прашања поврзани со животната средина.

Наградата за животна средина Goldman ја добива како признание за седумгодишната
кампања за стопирање на меѓународното финансирање за Бошков мост и Луково поле-
две големи хидроцентрали планирани во националниот парк Маврово, со која го заштити живеалиштето на речиси исчезнатиот Балкански рис и многу други ретки и ендемски видови во паркот.

– Во трката да ги исполнат своите обврски кон Енергетската заедница и да започнат
со преговори со ЕУ, многу од земјите од Западен Балкан побрзаа со планови за
изградба на хидроенергетски капацитети заради зголемување на уделот на електрична енергија од обновливи извори во своите земји. Меѓу нив и нашата земја- повеќе реки се веќе уништени или изложени на опасност од изградба на мали хидроцентрали. Хидроенергетските проекти ја уништуваат природата и животот на локалното население – рече Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест. 

Во последните години нашата земја безобѕирно ги троши ресурсите со кои располага, се уништуваат скапоцени природни предели со ретки и ендемски видови и се  загрозуваат цели екосистеми од кои зависи и нашиот опстанок на планетата.

– Во услови кога климатските промени ја загрозуваат безбедноста на нашата храна,
нашите домови и нашето здравје, ние стануваме зависни од екосистемските услуги
кои ни ги обезбедува природата – за вода, за чист воздух, за храна. Потребно е да
обезбедиме повеќе зони за заштита на природа каде нема да биде дозволена изградба
на било какви инфраструктурни проекти. Искрено верувам дека можеме да се
развиваме и поинаку со внимателно планирање кое ќе ги вклучи сите засегнати
страни – вели Ана Чоловиќ Лешоска.

Со Goldman наградата им се оддава почит за достигнувањата и лидерството на грасрут
активисти за животна средина од целиот свет, со цел да нè инспирираат сите нас да
преземеме нешто за да ја заштитиме нашата планета. Оваа година се одбележува 30
годишнината од наградата, којашто беше востановена во 1989 година во Сан Франциско од страна на филантропите и граѓански лидери Рода и Ричард Голдман. До денес, наградата е доделена на 194 добитници од 89 различни нации и со тоа успеа да ја подигне свеста за многу критични прашања со кои се соочува Планетата.