Ние од МРТ сме исклучително задоволни од ефектот што го постигна овој наш проект во широките регионални музички рамки и верувам дека ќе биде показател во која насока би се движеле размислувањата за понатаму, можеби уште за следната година во Холандија, вели Тони Цифровски, шеф на пресот на македонската евровизиска делегација

„Тамара, ти си наш победник, горди сме на тебе“, „Песно, кралице наша, нѐ направи среќни, за миг успеа да сплотиш многу луѓе, сите да дишеме заедно“, „Покажавме дека кога ќе ги оставиме настрана политичките расправања, знаеме и можеме достојно да ја претставиме државата, независно каде и во што. Но и дека, со чест на ретки исклучоци, имаме дијаспора, која освен што сака да ни ја крои политиката оддалеку, не сака да гласа ако нешто се плаќа, како сега на ’Евровизија’, па макар тоа да е и половина долар или евро“….

Ова се само некои од реакциите на социјалните мрежи откако Тамара Тодевска, освојувајќи го осмото место на „Евровизија 2019“, која завчеравечер се одржа во Тел Авив, Израел, го постигна најдобриот македонски резултат на овој престижен музички фестивал досега, кој го следеа 200 милиони телевизиски гледачи во светот.
„Осмели се да сонуваш“ беше логото на „Евровизија 2019“, чиј годинашен победник е Данкан Лоренс од Холандија, со песната „Arcade“. Токму оваа победа за него е реализација на една огромна желба и сон, рече тој на прес-конференцијата по прогласувањето на победата. Дваесет и четиригодишниот Холанѓанец од самиот почеток беше фаворит за победа, а на првото место изби дури со гласовите на публиката, бидејќи Тамара цело време беше на врвот на табелата кога се соопштуваа поените на 41-та земја-учесничка на овој избор.

Македонскиот евровизиски тим не направи горди

Речиси од сите земји добивавме поени, со исклучок на земјата-домаќин, а дванаесетки добивме од Србија, Австрија, Велика Британија, Албанија, Молдавија и од Швајцарија. Мал куриозитет е и тоа што добивме и 1 поен од Грција, а ние ним не им дадовме ниту бод.

Радоста на нашиот тим беше огромна, но и на Македонците во целиот свет, бидејќи ваков успех досега не сме доживеале. Годинава, како и лани, гласовите на жирито партиципираа во однос 50 спрема 50 со оние на публиката, што според некои коментари не е во ред, бидејќи малите земји никогаш нема да можат да ги стигнат големите. Сепак, факт е дека и нашинците расеани во Европа и оние во Австралија и овој пат потфрлија.

Второто место му припадна на претставникот на Шведска, а трета е Русија, која се искачи на табелата токму со гласовите на публиката.

Инаку, евровизиското шоу на сцената на „Експо-центарот“ беше едно од подобрите досега, со многу ексклузивни гости и убава сценографија. Ги проследивме настапите на минатогодишната победничка Нета, која ја промовираше својата нова песна „Ната банана“, на Кончита Вурст, Манс Зелмерлоу, Верка Сердучка, Елени Фуреира…

Но главната ѕвезда Мадона, која заедно со хор од 35 члена ја отпеа „Like a prayer“, а потоа со раперот Куаво ја изведе „Madame X“ од нејзиниот нов албум, кој ќе излезе на 14, јуни, сосема потфрли, иако од самиот почеток нејзиниот настап беше пренагласен. Фалшот на сцената го слушна цел свет, но, и покрај тоа, таа си замина со еден милион долари во џеб.

Победникот на „Евровизија 2019“ Данкан Лоренс

Исто така сите 200 милиони гледачи ја слушнаа и Тамара со нејзината фантастична интерпретација. Таа даде сѐ од себе и во полуфиналната вечер и на финалето, докажувајќи дека песната „Proud“, заедничко дело на Дарко Димитров, Роберт Билбилов, Лазар Цветковски и Коста Петров, е песна на нејзиниот живот. За македонскиот успех на „Евровизија“ е заслужен всушност целиот тим, вокалите: Васил Гарванлиев, Антонија Гиговска и Александра Јанева, дизајнерот Александар Ношпал и сите што придонесоа Тамара да звучи и да изгледа светски на сцената.

Овој пат телевизиските гледачи го слушаа коментарот на Тони Цифровски, кој исто така одлично си ја заврши задачата. Тој е и шеф на пресот на евровизиската делегација на МРТ.

– Драго ми е што бев дел од ова извонредно евровизиско искуство, и тоа токму кога тимот од соништата се охрабри да направи исчекор во однос на постигнатото на ова значајно музичко натпреварување. Ние од МРТ сме исклучително задоволни од ефектот што го постигна овој наш проект во широките регионални музички рамки и верувам дека ќе биде показател во која насока би се движеле размислувањата за понатаму, можеби уште за следната година во Холандија – ни рече Тони Цифровски.

За коментирањето во живо од арената „Експо Тел Авив“, тој рече дека е негово прво вакво искуство во живо од местото на настанот.

– Повнимателните проследувачи можеби се сеќаваат дека одамна го коментирав првиот „Детски евросонг“, но од студијата на МРТ, впечатоците се интензивни. Верзиите на сценаријата што ги добивавме постојано трпеа измени, дури и во текот на самото шоу, па беше предизвик да се задржи концентрацијата во малечката кабина без вентилација на таванот од арената во „Експо Тел Авив“, од каде што требаше да се има комплетен увид во тоа што се случува на сцената, но и зад неа. Ова беше особен предизвик во финалето, кое траеше многу долго и промените беа пречести, но се надевам дека го задржавме нивото на професионалност во рамките на можностите – ни објасни Тони Цифровски.

За Игор Трајковски, претседател на „ОГАЕ- Македонија“, осмото место на 64-то евровизиско издание е одличен резултат.

– Во второто полуфинале, кое беше појако и каде што сите се плашевме дали ќе се пласираме – сме биле дури втори, во финалето осми. Тоа е за нас голем скок и најдобар пласман од кога и да е. Како што и мислевме, жиријата одлично нè оцениле, но на телефонското гласање, ете, не ни биле наклонети. Без разлика – гласањето беше доста драматично и интересно за гледање и победата на Холандија е, секако, заслужена – вели Игор Трајковски.

Од другите учесници, одлични настапи имаа и Шведска, Норвешка, Швајцарија, Хрватска, која, за жал, не се пласира во финалето, на сметка на некои заскитани учесници, како на пример Сан Марино и Словенија, на кои не им беше место таму.
„Евросонг 2019“ ќе биде запаметен и по невидените мерки за безбедност, поради заканите од терористички напади, по скапите влезници, чија цена достигна 1.000 евра за финалната вечер, по љубезните и срдечни домаќини и многуте места за забава на евровизиските обожаватели во градот што живее 24 часа…

А за нас малобројните Македонци, „Евровизија“ во Тел Авив ќе биде запаметена и по големата радост што ни ја приреди Тамара, кога по седум години пауза обезбеди место во финалето. Да се надеваме дека нема да чекаме уште седум години за тоа. А поука од ова учество за нас е и фактот дека доколку се работи тимски и сплотено, со осмислен концепт, резултатите не изостануваат.


По 44 години, Данкан Лоренс ѝ донесе победа на Холандија

Данкан Лоренс победи со 492 поени со песната „Arcade“ и ѝ донесе победа на својата земја по цели 44 години.
– Се радувам што сум тука, што го остварив мојот сон. Искрено, гласањето траеше предолго, мислам дека ќе добиев срцев удар, но моментот кога слушнав дека сум победник ќе го паметам цел живот, тоа не се опишува со зборови – изјави тој на прес-конференцијата.
Инаку, Данкан има 24 години и тукушто дипломира на Рок-академијата во Тилбург. Тој, освен во Холандија, создава музика и соработува со други автори и во Шведска и во Велика Британија.

[email protected]