ОДГЛАСИ ОД РЕФЕРЕНДУМСКАТА КАМПАЊА

586

Шекеринска: Ќе го почитуваме гласот на тие што ќе бидат мнозинство

Бојкотот носи трња и троскот, ништо друго, порача премиерот Зоран Заев од Свети Николе, каде што заедно со министерка за одбрана Радмила Шекеринска одржа трибина.

– Зошто? Оти си ја сака татковината. Оти чувствува одговорност за своите деца. И затоа донесовме праведна и фер одлука. И сите знаат дека направивме компромис. Ама компромисот не мрда од мртва точка, компромисот претставува спогодба помеѓу две или повеќе страни, од кои двете страни се подготвени да направат заемни отстапки за да се договорат – рече Заев.

Тој истакна дека НАТО и ЕУ значат поголеми плати, повеќе работни места, подобро здравство, подобро образование и повика без страв да се излезе на гласање, без дилеми, бидејќи друга, резервна алтернатива нема. Да се зграпчи иднината. Повика на заедништво по ова прашање, најважно за Македонија.

– Владата ќе ги почитува ставот и гласот на тие што ќе бидат мнозинство на референдумот „за“ или „против“. Нема да им дозволиме на тие што сакаат да седнат на маса и да зборуваат за амнестија да ја уценуваат Македонија. Одлуката нема да ја донесат тие, туку Македонија – изјави министерката Шекеринска.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, пак, на дебатата што се одржа во Делчево истакна дека по 27 години Македонија најде решение со соседна Грција со кое се избори за својот идентитет и затоа е жално по 27 години уште да чека.

– Придавката Северна кажува дека нашиот дел е еден дел од Македонија. Факт е дека Македонија е дел и од Грција и од Бугарија, а ние сме оној северниот дел. Додека младите се тука, должност на нашата генерација е да ја исправиме Македонија на прав пат и затоа в недела никој да нема никаков сомнеж околу своето „за“ за референдумот – нагласи Димитров.

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, одржа собир со граѓаните на општината Сарај, каде што рече дека земјата се наоѓа во многу важни одлучувачки ситуации за иднината, како на Албанците, така и сите граѓани на Република Македонија.
– Триесетти септември, ден што нема да се повтори, бидејќи на 30 септември се одлучува за иднината на оваа земја. Дали оваа земја ќе оди напред или ќе седи на место на недефинирани позиции – рече Ахмети.

Со поддршка за референдумот излезе и актерката Шенка Колозова.
– Можам да бидам против оваа влада, можам да бидам против онаа влада, можам да бидам против секоја влада, ама против својата земја не можам, не сакам и не смеам да бидам. Затоа ќе излезам и ќе гласам „за“. Зошто? За подобра иднина на сите нас – кажа Колозова.


Мицкоски: Не верувам дека референдумот ќе биде успешен

Референдумската кампања на СДСМ е манипулативна како што е и прашањето што Зоран Заев и СДСМ им го поставија на граѓаните, констатираа од ВМРО-ДПМНЕ во соопштение испратено до јавноста.

– Македонија нема проблем со своето име, туку со корумпирани, транзициски политичари што цели 27 години ја пустошат државата и ја крадат иднината на нашите поколенија. СДСМ и Зоран Заев се единствена пречка за интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО. Тие се единствената пречка за европска Македонија. Само кога СДСМ и Заев ќе заминат, Македонија ќе тргне напред. Македонија ќе победи – се вели во соопштението.

Сите граѓани во Република Македонија на 30 септември, на претстојниот референдум, треба да постапат според сопствено убедување, слушајќи го срцето и расудувајќи според разумот, повтори лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

– Триесетти септември ќе дојде за неколку дена и тогаш ќе го видите мојот став – нагласи Мицкоски.

Според него, најголемиот дел од членовите и поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ или, како што рече, ќе апстинираат или ќе гласаат против.
Мицкоски го повтори ставот на партијата дека договорот со Грција не е добар и дека поставеното прашање не е решение и како такво не заслужува да биде на референдум.

– Граѓаните по сопствено убедување ќе одлучат како да постапат на 30 септември, а мое право е како лидер на опозиција да им објаснам дали овој договор им гарантира подобар живот или не – повтори тој, забележувајќи дека според него никој од „другата страна не ни гарантира дека Грција нема повеќе да ги користи своите политички мускули и да го попречува евроинтегрирањето“.

Тој истакна дека останува на ставот дека ако референдумот биде успешен, односно биде исполнет цензусот и ако мнозинството од излезените граѓани гласа „за“, тој лично тоа ќе го почитува, иако, како што рече, не верува во успех на референдумот.
– Не верувам дека референдумот ќе биде успешен. Народот гледа што се случува и знае дека договорот е штетен – заклучи Мицкоски.