|
|
ПАСОК крева бело знаме или води битка за македонските гласови |
|
||||||
„Виножито“ преку соопштение остро реагира дека последните омекнати ставови на најсериозниот кандидат за иден шеф на грчката дипломатија Андреас Ловердос се со цел ПАСОК да ги освои гласовите на Македонците |
|||||||
|
|||||||
| ПАСОК бесрамно се обидува да ги украде гласовите на Македонците во Грција преку последните пораки на најверојатно идниот шеф на грчката дипломатија Андреас Ловердос. Со вакви зборови партијата на Македонците во Грција, Виножито, реагираше на последната најава на Ловердос дека ако ПАСОК ја освои власта на предвремените избори во Грција, ќе испрати порака на помирување кон Скопје и ќе им дозволи на бегалците од Граѓанската војна да се вратат од Грција. Последната најава за помек однос кон прашањето за името на потенцијалниот наследник на Дора Бакојани ја отвори дилемата дали социјалистите навистина креваат бело знаме или, пак, како што тврди Виножито, станува збор за лажни ветувања? Во одговор на прашањето не треба да се запостави фактот дека Ловердос доаѓа од партијата чиј лидер Јоргос Папандреу неодамна го критикуваше грчкиот премиер Костас Караманлис дека не е доволно „тврд“ за името. Од истата партија лани беше исклучен советникот Грегориј Валијанатос, поради неговите промакедонски ставови, што ги кажал во телевизиска дебата. Валијанатос оценува дека ставовите на неговиот некогашен сопартиец се сигнал дека ПАСОК може да понуди свеж поглед на спорот со името. - Се покажа дека и на ПАСОК и станува јасно дека нешто мора да се промени за да се реши спорот за името. Трпението на Обединетите нации за овој спор истекува, а секој нов ден во кој спорот останува нерешен е во прилог на Република Македонија - вели Валијанатос. Виножито, пак, во соопштението под наслов „Ловердос се обидува да ги украде гласовите на Македонците“, остро го напаѓа соработникот на Папандреу поради тоа што, според нив, во интервјуто за „Њустајм“, тој ги повторува познатите грчки ставови, на линија со грчкиот национализам кон Македонците во Грција и кон спорот за името. Ловердос како заменик-министер за надворешни работи уште во 2003 година најавуваше дека ќе ги отвори грчките граници за децата-бегалци. Сепак, ваквото негово ветување не се исполни, затоа што заврши со кревање на границите за само стотина бегалци што мораа да го исполнат условот - во новите патни исправи да не им стојат топонимите напишани на македонски јазик. Црните списоци на границите со имињата на бегалците постојат до денес, што е повод за последните остри реакции не само на Виножито. Партијата на Македонците од Грција прашува зошто Ловердос тогаш како заменик-министер не ги укинал црните списоци и не го променил расистичкиот закон. Виножито уште реагира дека Ловердос во интервјуто што предизвика интерес изјавил дека Грција не може да го признае македонското малцинство затоа што тоа не е во согласност со дефиницијата за малцинство на Обединетите нации. - Во Обединетите нации не постои таква дефиниција. Ловердос само се обидува да стигне до гласовите на Македонците во Грција повторувајќи ја веќе познатата приказна - вели Јоргос Пападакис, политички аналитичар. Ловердос е познат по тоа што како заменик-министер за време на грчкото претседателство со ЕУ го постави како висок приоритет за западниот Балкан, но и по тоа што во 2003 година во Скопје се сретна со тогашниот македонски претседател Борис Трајковски за отворање грчки конзулати во Битола и во Скопје. За време на грчкото претседателство со ЕУ, тој изјави дека ФИРОМ е одржлива држава на Балканот, чие постоење мора да се зацврсти на секој можен начин. Ловердос: Јазикот и националноста да се исклучат од преговорите Значајно е што Ловердос во интервјуто со грчкиот новинар Такис Микас подвлекува дека полесно може да се дојде до решение за името ако посредникот Метју Нимиц го исклучи прашањето за јазикот и националноста. - Ако влеземе во дискусија за јазикот и за националноста, никогаш нема да го решиме прашањето - смета тој. На прашањето дали последниот излив на национализам во Скопје е резултат на грчкото вето во Букурешт, Ловердос одговара дека Грција не ставила вето и оти преку националистичката политика премиерот Никола Груевски успеал да ја освои севкупната власт во земјата. Тој уште додава дека национализмот на Скопје не бил насочен само кон Грција туку и кон Бугарија. На прашањето каков јазик се зборува во соседната земја, тој одговара дека се зборува славомакедонски јазик. Здруженијата на децата-бегалци ја поздравија изјавата Сојузот на здруженијата на децата-бегалци со задоволство и охрабрување ја прими изјавата на високиот претставник на грчката политичка партија ПАСОК, Андреас Ловердос, во која се вели дека ако оваа партија победи на изборите, ќе им овозможи слободно враќање на македонските политички емигранти во земјата и правна процедура за остварување на нивните сопственички имотни права. Со вакво соопштение вчера излезе Сојузот на децата-бегалци, кој апелира идната грчка влада, без оглед дали ќе биде од левицата или од десницата, да заземе принципиелен став кон ова прашање. |
|||||||
|
|||||||
| Веста е прочитана: Оценка: | |||||||
|
|||||||
|
|