И тоа го дочекавме. Брисел почна да ни се лути за книгите што ги издаваме. Почна да ни се меша во литературата. Фантастичниот Фуере пред два дена во Скопје на новинарски брифинг од името на Европската Унија мртов-ладен ни постави уште еден бенчмарк - или измени во Македонска енциклопедија или нема позитивен извештај. Криејќи се зад (веќе опаѓачкиот) углед и авторитет на организацијата што ја претставува, без око да му трепне, тој со ова навести дека можеби редицата на бенчмарковите спонтано ќе се издолжи и дека, можеби, некогаш ќе почнат да бараат од нас и иста боја гаќи да носиме ако сакаме да влеземе во ЕУ. „Не се исклучува можноста енциклопедијата да и донесе на државава негативни оценки од Брисел во делот за имплементацијата на рамковниот договор“, истакна охридскиот Европеец.
Да ви кажам најискрено, веќе почна да ми се лоши при слушањето на зборовите бенчмаркови, позитивен извештај, евроинтеграција, рамковен договор, мултиетничка демократија... затоа што ја означуваат фазата до која сме дојдени. Многу недостоинствена, многу понижувачка фаза. Прво, не се сеќавам дека во рамковниот договор е потпишано и дека рамковни треба да бидат и енциклопедиите, историјата, учебниците, романите... Второ, не се сеќавам ни дека типот на енциклопедиите што ги издаваме беше еден од условите за преговори со ЕУ. Ни јавија за осум, деветтиот не го знаеме.
Тогаш како сега некој наеднаш се осмелува да споменува можни негативни оцени од Брисел поради првата Македонска енциклопедија? Од кога тоа и врз издаваштвото во Македонија почнаа да висат рамковниот критериум и мултиетничкиот карактер на оваа држава како услов за работа и за живот? Има ли на планетава Земја барем уште една држава врз која се вршат ваква тортура и контрола? Ако се такви критериумите во ЕУ, ако е тоа Европа, тогаш уште еднаш, не, благодарам. Јас сум за слободата.
Сé се сврте наопаку. И најситната вошка денес излегува на телевизија и важно дава „аналитички“, „стручни“ оценки за МАНУ, осудува, премерува, критикува, раскажува историја. Вчера амбасадите во земјава си дозволија официјално да интервенираат за содржината во Македонската енциклопедија. Сакаат да ги избришат трагите од својата валкана улога во случувањата во 2001 година. Амбасадорите завчера се собрале и разговарале за содржината на Енциклопедијата и за нејзиниот ефект врз мултиетничката демократија на земјата. Таков собир, со таква тема на разговор е навистина невидена работа во меѓународната дипломатија. Барем досега не сум слушнал дека британската амбасада во Атина некогаш се побунила зошто во учебниците по историја во Грција ја нема епизодата за учеството на британската авијација во Граѓанската војна. Немам чуено дека американската амбасада во Атина досега протестирала зошто во истите тие учебници никаде го нема фактот за постоењето на македонското малцинство, за кое Стејт департментот толку упорно, секоја година пишува во своите извештаи. Не се сеќавам ни дека холандската амбасада во Скопје по издавањето на книгата „Населението и албанските населби во Македонија“, исто така финансирана од Владата, реагираше за рамковниот карактер на Македонија и за развојот на нејзината мултиетничка демократија. Во оваа книга авторот Фаузи Скендери, професор на тетовскиот универзитет, тврди дека речиси сите православни Македонци во западна Македонија се всушност православни Албанци. Оние, пак, од источниот дел од земјава се плашеле да кажат дека се Бугари оти власта во Скопје била просрпска. Во оваа книга Македонците се именуваат како „славомакедонци“, државава како БЈРМ, а бегалците од Егејска Македонија како „грчки колонизатори“.
Молк. Ниту збор. Не само амбасадорите, туку никој од македонските интелектуалци, колумнисти, новинари не реагираше за рамковната неподобност на книгата финансирана од МАКЕДОНСКОТО министерство за култура „Нури Тахири - Живата легенда на битката на Кошара“ - луксузна монографија за „живата легенда на косовското УЧК“. Ова дело беше на Годишната програма за остварување на националниот интерес на културата во 2006 година. Кој е тој интерес? Кој може да го дефинира интересот? Каде е тука македонскиот интерес??
Хаос. Албанците се веќе досадни и заморни со нивните хистерични скокања за најнормални нешта, за нешта за кои истиот кон нив наклонет Брисел, кога би се обиделе вака да му ја поткопуваат државата, без размислување инстантно би ги натрупал во затвор. Речиси десет години истите „аргументи“, истите поплаки, барања, лелекања... А веќе станува досаден и Брисел. Ќе смееме ли ние, Македонците, да прднеме на раат, а тоа да не се оцени како негативен акт во однос на евроинтеграцијата? Има ли граници европската безобразност? И што е уште поважно, има ли македонското достоинство црвена линија? Постои ли надеж за враќање на нашата слобода, можеме ли од оваа фаза до која дојдовме да кренеме кочница и да кажеме: „Е сега е доста“.
Не можеме. Нé кочат групите и поединците што се во самиот наш национален состав. МАНУ најкукавички најави дека ќе ја смени енциклопедијата. Ќе се најде ли некогаш јунак што ќе ја брани современа Македонија, и од Брисел, и од МАНУ, и од сите нејзини влади? |
|