Во најевтината варијанта, патот до Венеција и назад чини 86 евра (по два билета за авион, автобус и за торба)
Евтините летови се скапо решение
Доколку одлучите да отпатувате на неколку дена во некоја од светските метрополи и се обидете да го сторите тоа со некоја од варијантите за евтин авионски лет што од неодамна ни се нудат, тогаш може да бидете и непријатно изненадени. Рекламите за авионски билет од 15 до 30 евра остануваат само недостижна понуда на интернет-страниците на авионските компании. Кога ќе се обидете да купите билет, сликата се менува. Во туристичките агенции за евтин лет, на пример, до Лондон (35 евра) или до Венеција (16 евра) ќе добиете сосема поинаква цена од првичната рекламна понуда.
Венеција
Повратен авионски билет од Скопје до Венеција во некоја од туристичките агенции нема да ве чини 25 евра (или 16 евра како што најавуваше „Виз ер“), туку цели 59 евра, а некаде и повеќе. Ова е цена за еден патник, под услов, освен личниот багаж (мала торба), да не носите ништо друго со себе. За секоја торба дополнителен багаж се наплаќа по 20 евра.
Многу е битно времето кога ги резервирате билетите. Правилото е: колку порано, толку поевтино. Така, на пример, ако сакате да купите билет за Венеција со лет на „Виз ер“ во октомври, и тоа првата недела од месецот, билетот ќе чини 59 евра, но доколку сега се одлучите да купите повратен билет за септември до истиот град со истата компанија тоа ќе чини 108 евра. Се разбира, без дополнителен багаж.
Автобускиот превоз од аеродромот во Тревизо, каде што ќе слета авионот за Венеција, до Венеција чини околу 7 евра. Треба да се внимава и со термините за полетување од Скопје и од градот во кај сте отпатувале. Термините се строго загарантирани и треба да ги знаете, бидејќи доколку заминете без да резервирате датум за враќање назад, може да се случи да останете во Венеција, Лондон, Франкфурт или во Амстердам неколку дена повеќе од планираното.
Лондон преку Лутон
Една од првите дестинации што се понудија во пакетот евтини летови беше градот Лондон. Првичната понуда на најголемата унгарска нискобуџетна авиокомпанија „Виз ер“ беше по цена од 34,99 евра во еден правец, со летови од Скопје до Лондон, трипати во неделата (понеделник, среда и петок). Во цената се вклучени сите трошоци и такси. Оваа цена е важечка доколку сами си купите билет преку Интернет на страницата на „Виз ер“, но доколку купувате билет во некоја од туристичките агенции, тоа ќе ве чини 49 евра.
Скриената карта овде е тоа што, наместо во Лондон, авионот ќе ве симне на аеродромот во соседниот Лутон, па ќе морате да потрошите дополнителни 20 евра за да стигнете до Лондон. Кога ќе ги дуплирате парите за назад, тогаш сумата е значително поголема од најавуваното.
Според информациите, од Лутон до Лондон може да се стигне со воз или со автобус, а се разбира и со такси како најскапа варијанта. Најевтиниот метод ви е однапред да купите автобуски билет преку Интернет, кој чини нешто повеќе од две евра. Инаку, редовната автобуска линија од аеродромот до центарот на Лондон чини 17 евра, а дестинацијата се поминува за околу 80 минути. Билетот за воз во еден правец чини 16 евра и се патува 25 минути, додека за превозот со автомобил до центарот се плаќа 91 евро.
Багаж
И во овој случај за дополнителен багаж се доплаќаат по 20 евра од торба.
И бесплатниот т.н. рачен багаж е со претходно зададени димензии и критериуми, што значи нема да можете патна торба или куфер да пријавите како рачен багаж, па ќе мора да платите и за него.
За рачен багаж се смета само торба, ранец или чанта што не ги надминува димензиите 55-40-20 сантиметри и притоа е со максимална тежина од 10 килограми.
Основните цени за летовите се нешто поевтини или најприближни до веќе објавените само доколку сами си купите билет директно преку интернет-страницата на авиокомпанијата со која сакате да летате, и тоа минимум два месеци порано од времето на патување. И, за крај, секако внимавајте каде планирате да патувате оти за многу држави сé уште ни треба виза.
|
|