|
|
Ив Летерм: Ќе бидеме чесен посредник во спорот за името |
|
||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
Грција ги убедува земјите-членки на ЕУ дека Скопје и Атина се блиску до решение на спорот, за да издејствува Македонија да не се најде на агендата на Унијата до ноември |
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
| Белгија се обврза дека како актуелен претседавач со ЕУ ќе биде чесен посредник за решавање на спорот за името, но без оптимистички прогнози дека решението може да се очекува само за неколку недели. Оптимизмот за брзо решение на долгогодишното прашање што неодамна ја изненади македонската јавност дојде токму од белгиските власти. Тогаш белгискиот министер за надворешни работи Стивен Ванакере рече дека очекува спорот за името да се реши за неколку недели. Вчера, пак, белгискиот премиер во заминување, Ив Летерм, кој му беше домаќин на македонскиот колега Никола Груевски, кажа дека не е ниту оптимист, ниту песимист, туку реалист за решавањето на спорот. - Ние во наредните недели и месеци ќе дејствуваме како посредник за решавање на прашањето, секако во соработка со Нимиц, и се надеваме дека со иницијатива на белгиското претседателство ќе се постигне решение. Веруваме дека луѓето го заслужуваат тоа и Европа го заслужува тоа, затоа што иднината на ФИРОМ е во ЕУ, која нема да биде целосна без оваа држава - изјави Летерм по средбата со Груевски. Македонскиот премиер оцени дека македонската страна го дава својот максимум за решавање на прашањето. - Сепак, ова прашање не зависи само од нас, па дури не зависи само од Нимиц, во голема мера зависи од чекорите што во иднина ќе ги преземе грчката влада. Не сакаме да кажеме ниту оптимисти, ниту песимисти, туку сакаме да продолжиме преку процесот во Обединетите нации да бараме решение што ќе ги нормализира односите со Грција, ќе нé деблокира и кое би било прифатливо - рече Груевски. Од високи дипломатски извори дознаваме дека белгиските власти вчера во Брисел и пренеле на македонската страна дека оптимизмот за решавање на спорот за името за неколку недели доаѓа од Грција. На овој начин, тврдат нашите извори, Атина се обидува да издејствува ЕУ да не го става на дневен ред прашањето за македонските преговори летово, затоа што наесен во Грција има локални избори, така што тогаш очигледно јужниот сосед нема да биде подготвен да го затвори спорот. На овој начин, решавањето на прашањето би се одолжило до декември. Според нив, Грција во последните два месеца убедувала дека Скопје и Атина се блиску до решение и барала да се остави уште малку време и да не се отвора прашањето за македонските преговори со Унијата, со образложение дека тоа ќе му наштети на преговарачкиот процес за името. - Грција со убави зборови купува време за да го одложи ставањето на дневен ред на Македонија во ЕУ летово, за наесен да имаат реален изговор - велат високи дипломатски извори. Македонските власти го информирале Брисел дека ако Македонија добие датум за преговори со Унијата, тоа ќе помогне што поскоро да се најде решение за името, со објаснување дека за Грција спорот е политичко прашање, а за нашата држава е национално. Засега, како што објаснуваат дипломатски извори, од посредникот Метју Нимиц нема најава за нова преговарачка рунда за името. |
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
| Веста е прочитана: 559 Оценка: 2,57 | |||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||