Mi chiamo Alesandro, sono Macedone e cerco lavoro... „Јас сум Александра од Македонија и барам работа“. Оваа реченица на италијански јазик по укинувањето на визниот систем од страна на Европската Унија, што се очекува по 1 јануари 2010 година, ќе ја учат сé повеќе Македонци, затоа што, според домашните аналитичари, откако ќе падне визната бариера, најмногу македонски државјани ќе заминат на работа токму во Италија.
Овие претпоставки Рубин Зенон, од институтот Евро-Македонија и вонреден професор на ФОН, ги базира на фактот што и досега најмногу имигранти од земјава има токму на Апенинскиот Полуостров.
- Тоа е така бидејќи таму има полабав систем за вработување и полиберален систем за добивање легален престој во однос на другите земји во Европската Унија - вели Зенон.
Според процените на Министерството за надворешни работи, во Италија живеат речиси 100.000 македонски државјани, иако официјалната бројка на италијанските институции е само околу 78.000.
Од МНР објаснуваат дека оваа разлика се должи на тоа што дел иселеници не се пријавуваат во тамошните институции.
И Димитар Мирчев, декан на ФОН, очекувањата за миграциите по визната либерализација ги основа врз оваа голема бројка македонски иселеници.
- Македонците ќе заминуваат таму каде што имаат роднини или луѓе од нивниот крај, кои ќе им помогнат да се снајдат во прво време - вели Мирчев.
Следни дестинации на македонските мигранти, по Италија, се очекува да бидат Германија и Швајцарија. Според МНР, во првата земја има околу 80.000 Македонци што би можеле да ги повлечат своите блиски, а во Швајцарија нивниот број изнесува 63.000.
Иако нашите соседи, Бугарите, по укинувањето на визите масовно почнаа да работат во Грција, кај нас не се очекува таков тренд.
- Не очекувам да се случи тоа, пред сé, поради политичкиот проблем со Грција, односно спорот со уставното име - вели Зенон.
Може ли да се одреди, пак, која возрасна група најмногу би мигрирала?
Истражувањата на Зенон, кој докторирал на темата „Имиграциските движења од Македонија кон Европа“, со посебен акцент на Италија, покажуваат дека во оваа земја досега најголемиот дел имигранти од Македонија се доселуваат на возраст од 15 до 35 години. Од нив, пак, со високо или со вишо образование се само 7 проценти.
- Може да се претпостави дека младите повеќе би емигрирале во поголемите градови, а на повозрасните тоа не им е важно - вели Зенон.
Од Младинскиот образовен форум, пак, велат дека не може да се оцени каде конкретно би биле заинтересирани да одат младите Македонци.
- За студентите и за средношколците би била интересна која било земја од Европската Унија - вели Лазар Поп Иванов од МОФ.
Според некои истражувања на домашните институти, за повеќе од 50 проценти од македонските граѓани најважно е укинувањето на визите.
Последното истражување на Балкан Галуп монитор, пак, покажа дека повеќе од половината од тие Македонци на кои паѓањето на визниот ѕид им е исклучително важно, планираат да ја напуштат државата. Според тоа испитување на јавното мислење, ако од јануари идната година се укине визниот режим, дури 31 процент од граѓаните (600.000!) би си заминале од Македонија.
Оваа статистика покажува дека пред нас со желбата за напуштање на татковината се само Албанците, кои сакаат да одат на работа во ЕУ.
Но, и по укинувањето на визниот систем, Македонците нема да можат да работат легално во земјите-членки на Европската Унија сé додека државава не стане дел од клубот. За да не работат на црно тие, како и досега, ќе мораат да вадат дополнителни документи, кои ќе им ги обезбедат компаниите кај кои се ангажирани. Ова е сосема различно од ситуацијата во која беа Бугарите или Романците на кои не им треба ниту виза, ниту работна дозвола, оти тие веќе се „Европејци“.
Генералната процена за состојбата во балканските држави е дека, од вкупно 24 милиони жители на Полуостровот, повеќе од четири милиони сакаат да ги напуштат своите држави.
Но ова би била помала бројка емигранти од онаа со која се соочи Европската Унија по укинувањето на визите за Бугарија и за Романија, особено по нивниот прием.
Околу 3 милиони Романци досега ја имаат напуштено земјата, што претставува 10 проценти од вкупната популација. Од нив најголем дел се во Италија (околу 40 проценти), а помал дел во Шпанија (18 проценти) и во Германија (5 проценти). Според европските статистики, најголем дел емигранти работат во фабрики, но има и образован кадар, кој масовно ги напушта родните земји. На пример бројот на романски доктори што работат во Франција лани се зголемил за 320 проценти.
Слична е состојбата и со Бугарија. Петнаесет проценти од бугарската работна сила веќе заработуваат парче леб во земјите-членки на Унијата. Најпривлечни за нив се Германија, Соединетите Американски Држави, Шпанија и Грција.
Последната статистика во Бугарија, направена пред две години, покажува дека околу 50.000 Бугари работеле во Шпанија, најмногу како градежни работници, во услужниот и во земјоделскиот сектор. Дел аналитичари привлечноста на Шпанија за граѓаните на нашиот источен сосед ја толкуваат со поврзаноста на бугарскиот кралски двор со шпанскиот.
Инаку мерки против напливот од бугарски и од романски работници Велика Британија презеде уште во 2006 година. Тие имаат ограничен пристап до работните места, а Лондон го презеде овој чекор откако во 2004 година се соочи со имигрански бран од овие земји. Слични мерки имаше воведено и Данска, но тие ги укинаа ограничувањата годинава. |
|