Се исплашија од Ливерпул, а тие ќе играат со „децата“

Останати вести
 Печати | Прати ја страницата | Врати се назад
Bookmark and Share
 

Во Скопје вчера дојдоа фудбалерите на Ливерпул, најпознати беа Даниел Агер, Давид Н'Гог и Милан Јовановиќ, а од Работнички покажуваат страхопочит, како да дошле вонземјани

 
 
  
Петкратниот европски шампион Ливерпул вечерва (20.45 часот) на националната арена „Филип Втори“ уште еднаш ќе покаже колку македонската фудбалска јавност е гладна за фудбал и европски мечеви, па пресметката со Работнички во третото квалификациско коло во Европската лига не е само спектакл на годината туку и можност македонскиот фудбал да сврти нов лист.

Македонија по пауза од една година повторно ќе ужива два часа на фудбалски меч, а по најдоброто од репрезентативниот фудбал со ланскиот спектакл со Шпанија, подобро нешто во земјава не можеше да дојде. Ливерпул е крем на светскиот фудбал, трето светско име, а само Реал Мадрид и Милан по трофеи се подобри од англискиот великан, со славна историја, со темни и светли страници, со навивачи што беа озлогласени во минатото, а сега се вистински симбол на англиската приврзаност кон фудбалот.

- Јас пред две недели реков дека голема е шансата пак да се видиме и го одржавме верувањето. Процентот за пак да се видиме е минимален, но во фудбалот сé е можно. За сето ова најзаслужни се фудбалерите и мислам дека успеавме да ги разгалиме срцата на љубителите на фудбалот и да покажеме дека тие се гладни за фудбал. Јас се надевам дека во иднина нема секоја година да чекаме на еден спектакл, и дека Ливерпул ќе биде искра за идни инвестиции во фудбалот - рече Зоран Стратев, тренерот на Работнички.

Работнички својата цел ја исполни, умерено и чекор по чекор, со среќна околност во ждрепката го донесе великанот на мегдан во Скопје, кое деновиве живее за фудбалот. Распродадените билети за само 24 часа се гаранција дека спектаклот ќе биде потполн, иако Ливерпул во престолнината допатува со комбиниран тим, без првата ѕвезда Стивен Џерард, модерната икона на „црвените“, без мундијалските финалисти Фернандо Торес, Пепе Реина, Дирк Кајт, Рајан Бабел, без најсвежото засилување Џо Кол... Во Скопје вчера дојдоа фудбалерите на Ливерпул, а најпознати беа Даниел Агер, Давид Н’Гог и Милан Јовановиќ.

- Нема што да се зборува за Ливерпул. Ова е еден од најдобрите европски и светски клубови. Но ние не се оптоваруваме со противникот. Јас сум убеден дека моите играчи ќе го дадат максимумот, дека тие ќе играат најдобро што можат и умеат, а колку ќе биде тоа доволно ќе видиме - вели Стратев.

Спектаклот со Ливерпул е испит за сите, за Работнички, за Скопје и за Македонија. Од тоа ќе профитираат сите, а најмногу играчите што ќе имаат шанса да излезат на мегдан на 11 фудбалери на „црвените“. Желбите не ги кријат - барем реми.

- Фудбалерите со нетрпение го очекуваат дуелот. Тајно се надеваме на позитивен резултат, а позитивен резултат е и макар реми. На крајот на краиштата и тие се од крв и месо, играме 11 на 11. Мене ме охрабрува атмосферата во клубот, а јас знам дека моите фудбалери ќе се борат за Работнички и дека ќе го остават срцето на терен, а со тоа и достојно ќе го презентираат македонскиот фудбал - рече Стратев.

Но во Дебар Маало самата шанса да се соочат со големото фудбалско име не значи дека остварената цел сега ќе донесе само формален настап. „Романтичарите“ се желни да покажат дека знаат да играат фудбал, па дури и да се обидат да изненадат.

- Сé е кажано за Ливерпул. Знаеме

дека шансите ни се минимални за каква било победа, но сите се надеваме на успешен резултат во двомечот. На крајот на краиштата, и со пораз да заминеме со гордо кренати глави. Ваква опуштена атмосфера не сум видел, а јас лично сакам да дојдат најсилните играчи за да видиме до каде сме, иако резултатски, можеби би сакал да играат со комбиниран тим, со кој шансите би ни биле поголеми за еден успех - вели капитенот Никола Глигоров.

Иако самата помисла дека утревечер Богатинов, Глигоров, Вандеир треба да излезат на мегдан на премиерлигашки ѕвезди буди страв во коски кај екипи со милион пати помал рејтинг од великанот, Стратев најавува дека не се плаши и дека ќе игра со офанзивна формација, иако природно во вакви околности е помалиот да се затвори и да игра подефанзивно.

- Составот е познат. Иако не играме со некои Андорци или Мика, туку со Ливерпул, јас собрав храброст за утре да играм во формација 4-3-3, без оглед што играме со Ливерпул, ќе играм со тројца играчи со офанзивни карактеристики Фабио, Вандеир и Зе Карлос. Јасно е дека во фаза на одбрана ќе се трансформираме во 4-5-1, но тимот во средина ќе го пополнат Тодоровски, Туневски и Глигоров, Секуловски ќе се врати на страничната позиција, каде што ќе игра и Димовски, а централна стоперска двојка пред Богатинов ќе биде Фернандо и младото откровение Егзон Белица - рече Стратев.

Работнички за дуелот е посилен за Ѓорѓи Мојсов, кој се врати од Романија и конкурира во тимот, но Стратев е решен тимот што го обезбеди гостувањето на Ливерпул, без Муарем Муарем, кој во меѓувреме направи трансфер во Турција, да добие награда од првата минута да се соочи со „црвените“.




Ливерпул ќе го забрза долгорочниот проект на Работнички

Несомнено е дека гостувањето на Ливерпул финансиски ќе ги офајди дебармаалци, кои плус ќе добијат и бесплатна реклама и презентација, како и Скопје и Македонија. Импактот од дводневниот престој на англискиот великан е преголем за Работнички, кој најавува дека овој меч ќе го забрза нивниот долгорочен проект.

- Мечот со Ливерпул ќе го искористиме на долг рок. Во моментов тој само е мотив за подобра работа, но и олеснителна околност во буџетот на тимот. Но средствата ќе бидат строго наменски, во функција на клубот и тимот. Работнички има петгодишен проект и план и со ова, ќе повторам, само ќе се забрза можноста за остварување на визиите - рече Игор Ангеловски, спортскиот директор на клубот.

Работнички со три настапи во сезонава ќе инкасира 210.000 евра од УЕФА за учеството, ќе заработи уште шеесетина илјади евра од продадените билети, а бингото ќе дојде од ТВ-права и закупувањето на рекламниот простор на теренот на „Филип Втори“, па процените се дека оваа едномесечна европска авантура ќе слее во касата еден милион евра најмалку чисти пари.

 
   
Автор: Н.Б.  
 
   
Веста е прочитана:           Оценка:
1 2 3 4 5
 
   
    Оставете коментар

Правила за објавување на коментарите
 
   
jovan
Sve znaete vie
 
egeec
Ovoj tapkarosov epten e bistar ...
 
tapkaros
Rezultatot ke bide takov, kako sto ke bidat opkladite po oblozuvalnicite. Ako ima premnogu "staveno" na Liverpul, ne e cudo na kraj da ispadne nereseno, a nie ke se utepame od raduvanje. Potoa vo Liverpul na revansot ke izgubi Rabotnicki, i normalno Liverpul "ide dalje". Se e veke mestenka, nema prav sport.
 
 
  Powered by Dejan Jovanovski