Навала за „Малиот ринг“ како за Ливерпул

Останати вести
 Печати | Прати ја страницата | Врати се назад
Bookmark and Share
 

Просторијата на урбаната заедница „Мирче Ацев“ беше претесна да ги прими сите што дојдоа да ја проследат презентацијата на контроверзниот детален урбанистички план

 
 
  
Јавната презентацијата на старо-новиот детален урбанистички план „Мал ринг“, закажана за вчераутро во урбаната заедница „Мирче Ацев“, поради големиот интерес на јавноста, која буквално навали во претесните простории во центарот, не се ни одржа поради немање услови. Просторијата од едвај дваесетина квадратни метри беше претесна да ги прими само заинтересираните новинари што ги следат настаните поврзани со овој план. А камоли за жителите што живеат во најтесното централно подрачје и секако на многубројните архитекти, чија заинтересираност со овој план е во тесна врска со проектот „Скопје 2014“. Поради тоа што сите засегнати останаа надвор од просторијата, јавната презентација на новините што ги содржи овој план ќе се одржи најдоцна до 11 август, колку што е рокот и за анкетата, а кога и каде од општината Центар дополнително ќе соопштат.

Иако претставниците на проектантската фирма „Ин-пума“ се обидоа да ја почнат презентацијата, тоа не им успеа, бидејќи, освен новинарите, немаше кој да ги чуе во претесната просторија.

- Презентацијата мора да се одржи денеска, да почне јавната анкета, иако планот е ставен на увид од понеделникот, 26-ти овој месец. Но за тоа нема навистина никакви услови. Општината Центар требаше да најде соодветен простор за презентација. Ние целиот проект го имаме направено во електронска форма, дигитално, и може навистина поубаво да го презентираме, но условите не го дозволија тоа денеска - ни изјави архитектката Силвана Вановска од „Ин-пума“.

Таа појасни дека ДУП за „Мал ринг“ е истиот како оној од 2009 година, а сега само се повторува за да се запазат неопходните фази од постапката за донесување на планот, во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање. Спорни се локациите на фонтаните во Вардар, Триумфалната порта, неколку катни гаражи. Претходниот план, како што е познато, го укина Уставниот суд како противзаконски.

Професорот Михаил Токарев, претставник на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, реагираше на датумот на закажување на презентацијата.

- Сезона на годишни одмори е, а оние што се на работа не може да излезат во 10 часот наутро. Знаеме дека ова е само формалноправно повторување на процедурата. Како асоцијација повеќе пати протестиравме поради зафаќањето на просторот од кејот, особено десната страна на Вардар, кај што се планира објектот на Уставниот суд. Тој простор е дел од кејот, јавен простор за сите, и не е за градење. Сега во планот се додадени и подземни гаражи за тој објект, што е противзаконски. Не може да се прочита ни на колку нивоа се оди под земја со гаражите, што допираат до споменикот на културата Камени мост. Со ова се загрозува безбедноста на Камени мост, се навлегува во заштитната тампон-зона на споменик, што, пак, се коси со Законот за заштита на споменици. Ова докажува дека на објектот на судот не му е местото тука - објасни професорот Токарев.

Асоцијацијата на архитекти на Македонија сметаат дека срцето на градот или „Малиот ринг“ не е само на оние што живеат во центар, туку на сите даночни обврзници во државава, од чии пак придонеси во буџетот се финансира градењето на сите објекти во проектот „Скопје 2014“.
 
   
Автор: Жарко Василевски  
 
   
Веста е прочитана:           Оценка:
1 2 3 4 5
 
   
    Оставете коментар

Правила за објавување на коментарите
 
   
 
  Powered by Dejan Jovanovski