Стопанска и Тутунска банка ги тужат за 275 милиони евра

Останати вести
 Печати | Прати ја страницата | Врати се назад
Bookmark and Share
 

Фирма од Нов Зеланд во судски процес побарува од Стопанска банка отштета од 250 милиони евра, што е 100 отсто од капиталот на банката, а тетовската фирма „Плаза“ од Тутунска банка побарува отштета од 26,8 милиони евра, што е 38 отсто од капиталот на банката

 
 
  
Стопанска и Тутунска банка во две посебни судски постапки добија тужби тешки над 275 милиони евра. Компанијата „Капитал конзерватор сејвинг енд лоун лимитед“ од Нов Зеланд во судски процес отворен во јуни годинава побарува од Стопанска банка околу 15,3 милијарди денари (250 милиони евра), што претставува 100 отсто од вредноста на капиталот на друштвото. Во другиот случај, тетовската фирма „Плаза“ од Тутунска банка побарува отштета од околу 1,6 милијарда денари(26,8 милиони евра), што е 38 отсто од капиталот на банката. Двете банки пред две недели побараа од Комисијата за хартии од вредност можност да не ги објават информациите за двете судски постапки, меѓутоа КХВ ги одби нивните барања, со образложение дека и двете судски постапки во кои се вклучени банките како тужени страни се со износ поголем од 5 отсто од вредноста на капиталот на банките.

Индикативно е што името на новозеландската компанија „Капитал консерватор сејвинг енд лоун“, која ја тужи Стопанска банка за целиот нејзин капитал, се појави во јавноста во септември минатата година, кога беа обелоденети наодите од полициската акција „Детергент“, по која црногорски државјанин заврши во притвор под сомнение дека е вклучен во меѓународен синџир за перење пари. Имено, „Капитал консерватор сејвинг енд лоун“ беше една од фирмите од Нов Зеланд што имаа отворено сметки во Стопанска банка на кои банки од Панама, Уругвај, Швајцарија и од други земји им префрлале милионски суми. Според полициски сознанија, на овој начин биле испрани околу 30 милиони евра валкани пари.

Тетовската фирма „Плаза“, која ја тужи Тутунска банка, на јавноста и е позната од октомври минатата година. Имено, станува збор за фирма на унгарски инвеститори, кои тогаш најавија дека ќе градат трговски центар во Тетово, со површина од 22.000 квадратни метри, инвестиција тешка околу 18 милиони евра. Во текот на вчерашниот ден никој не се јавуваше на телефонот во „Плаза“ да одговори по која основа е поднесена тужбата против Тутунска банка. Ниту одговорните во двете македонски банки не беа достапни за коментар за двата судски спора.
 
   
Автор: Владимир Николоски  
 
   
Веста е прочитана:           Оценка:
1 2 3 4 5
 
   
    Оставете коментар

Правила за објавување на коментарите
 
   
 
  Powered by Dejan Jovanovski