|
|
РЕАКЦИИ ПО ОДЛУКАТА НА БРИСЕЛ: Власта - супер сме, опозицијата - назадуваме |
|
||||||||||||||||||||||||||||||||||||
Откако Советот за стабилизација и асоцијација одјави дека има забавување на реформите, но оти сега е момент да се продолжи понатаму со реализацијата на европските стандарди, сите во земјава се согласија само за едно - дека не постои механизам, со кој би се поништила минатогодишната препорака за преговори |
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||
| По констатацијата на Советот за стабилизација и асоцијација дека годинава имало забавување на реформите во Македонија и дека е вистински момент земјата да продолжи со остварувањето на европските стандарди, власта гласно го нотира сработеното, а опозицијата бара поинтензивни ангажмани. Сите се согласуваат само во едно - дека не може да се поништи препораката за преговори. - Македонија од Брисел доби многу позитивни мислења и неколку помалку позитивни, но преовладуваат позитивните коментари и позитивните оцени за сработеното. Охрабрени сме и ова го гледаме како вреднување на нашиот труд и на сите што беа вклучени во досегашните реформи и модернизација - изјави премиерот Никола Груевски. Груевски најавува дека ќе се работи на подобрување на слабостите. - Оцената од Брисел на некој начин е негација на она што опозицијата цело време го тврдеше. Оптимист сум и оваа година ќе добиеме позитивен извештај од Европската комисија - смета премиерот. И овој пат тој укажа дека одредувањето датум за почнување на пристапните преговори со ЕУ не зависи само од реформите и модернизацијата на Македонија, туку и од Грција, од која, како што рече, во овој момент нема ништо ново. Владиниот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, укажува дека постојат области во кои динамиката на реализација требало да биде подобра. - Можеби нема да ни биде сеедно, но од Брисел ни порачаа дека некои состојби за земја со препорака за почнување преговори не се својствени - изјави Џевад Адеми од ДУИ. Опозицијата смета дека Македонија пет години тапка во место во однос на евроинтеграциите. - Виновник за тоа е актуелната власт со нејзините погрешни и неодговорни политики - вели Андреј Петров од СДСМ. Малку самокритичност е видлива и кај опозицијата. - СДСМ го презема својот дел од одговорноста за состојбата со политичкиот дијалог. Сепак, сите релевантни фактори многу добро знаат кој не ги почитува нивните препораки, кој го донесе деловникот без консензус и кој не сака во Собранието да се воспостави соодветен механизам за контрола на трошењето на народните пари - изјави Петров. За либералдемократот Андреј Жерновски, констатациите на Советот практично ја прават рамката на извештајот за напредокот за годинава што ќе биде претставен наесен. - Штом минатогодишната препорака не се преточува во следната фаза, а тоа е определување датум за преговори, значи дека напредок нема или дека се назадува. Како и да е, препораката за преговори останува. Нема механизам што може да ја поништи - вели Жерновски. Поранешниот министер за надворешни работи Слободан Чашуле е категоричен дека нема механизам што би можел да ја доведе во прашање констатацијата запишана во извештајот за напредокот на земјава од минатата година. - Без оглед на тоа кој какви аспирации има кон власта, а врз основа на нашата желба да станеме членка на ЕУ, не постои механизам со кој може да биде повлечена, оспорена или поништена нашата кандидатура - вели Чашуле во изјавата за програмата на македонски јазик на радиото Дојче веле. |
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||
| Веста е прочитана: Оценка: | |||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||