|
|
Лобирање на наш начин - нема пари, нема практика, нема моќ |
|
||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
Малите земји што не се ниту политички, ниту финансиски моќни се водат според онаа народната: да се испружат нозете колку што е долга чергата. Ваквиот начин на лобирање, било за да се подобри имиџот на земјата во меѓународната заедница или за да се протуркаат некои нејзини ставови, е сива зона - за разлика од другите, немаме ниту регулатива, ниту некоја воспоставена практика |
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
| Додека западните земји главно своите интереси ги туркаат преку професионални лобисти и фирми на кои тоа им е работа, кај нас интересите на државата се промовираат преку официјалните претставници, а помалку преку специјализирани компании. Практиката говори дека активностите што особено добиваат на значење поради спорот за името, се повеќе свртени кон Соединетите Американски Држави, отколку кон ангажирање експерти во Брисел. Малите земји што не се ниту политички, ниту финансиски моќни се водат и според онаа народната: да се испружат нозете колку што е долга чергата. Ваквиот начин на лобирање, било за да се подобри имиџот на земјата во меѓународната заедница или за да се протуркаат некои нејзини ставови, е сива зона - за разлика од другите, немаме ниту регулатива, ниту некоја воспоставена практика. За Македонија велат дека клучно е да има чувство за пропорција, односно да се знае што може да се направи и каде, а што не. Значи потребна е свест за политичката моќ и позиција на меѓународната сцена. Оттука дел од аналитичарите укажуваат дека во ваква ситуација потребно е да се води умна политика, таква што ќе биде прифатлива за другите, а земјата да има добивка. - Залудно е да ги користите истите методи што ги користи оној што на меѓународната сцена е посилен од вас. Ако некој има повеќе пари, влијание, не може да му парирате, мала држава не може да се носи со тој товар - вели Денко Малески, професор по меѓународна политика на правниот факултет „Јустинијан Први“. Малески зборува за неговото искуство како министер за надворешни работи во времето на осамостојувањето на Македонија. - Тогаш беше ангажиран Џон Битов, кој, пак, работеше со лица што ги знае главно во Канада, но и воопшто во Северна Америка. Со негова помош беше договорена средба со тогашниот американски заменик-државен секретар Лоренс Игелбергер, кому му беа презентирани македонските приоритети - вели Малески, кој смета дека улогата на лобистите е, пред сé, да ги отворат вратите, а потоа претставниците од земјата на најдобар можен начин да го искористат тоа. За првите обиди за лобирање во периодот на меѓународното признавање на земјава зборува и Благој Зашов, кој беше активен во периодот на отворање на македонската мисија во Советот на Европа. - Таму одеше полесно за разлика од она што подразбира лобирање за време на почетоците на македонското осамостојување. Во Советот на Европа постоеше волја за вклучување на земјите, бидејќи целта на организацијата е промоција на демократските вредности - вели Зашов. Обиди за ангажирање професионалци Во 2005 година Министерството за надворешни работи склучи прв договор со фирма за лобирање блиска до Брус Џексон, од меѓународната невладина организација „Демократии во транзиција“, познат како еден од најголемите заговорници за проширување на НАТО. Освен што целта на ангажманот беше интеграција на Македонија во Алијансата, оваа фирма имала задача да ги промовира и македонските интереси во Соединетите Американски Држави. - Таа успеа да ги наметне темите што беа од интерес за Македонија, за кои разговаравме на средбата во 2005 година со тогашниот американски претседател Џорџ Буш - вели Владо Бучковски, кој во тој период беше премиер. За услугите во таа 2005 година Македонија плати околу 250 илјади долари. Сличен, но неуспешен ангажман на лобистичка фирма имаше и во 2007 година за да и се укаже на меѓународната јавност колкаво е значењето Македонија да се вклучи во НАТО, односно да добие покана на самитот во Букурешт, следната 2008 година. Грција неформално ја блокира поканата за Македонија поради спорот со името. Во контекст на актуелниот спор за името Малески укажува дека Македонија не може да им парира на Грците, кои имаат силно лоби во САД. Американците во Грците гледаат како на значаен дел од гласачката машина, бидејќи се многубројни, а имаат и многу пари. Нивното влијание е големо поради тоа што тие со генерации живеат таму, се школуваат таму и се „инсталирани“ во сите институции, во Белата куќа и во Стејт департментот. Грчкото лоби се смета за второ по моќ, веднаш по еврејското. Грчките официјални претставници, пак, се присутни и на сите состаноци на влијателните неформални здруженија, како на пример на групата Билдерберг, составена од светски моќници за кои се верува дека управуваат со светот како неофицијална, но многу влијателна меѓународна организација. Македонското лобирање и дијаспората вклучена во тоа се сосема поинаква приказна. Тоа се луѓе главно заминати во период на распадот на Југославија. Таму дури сега се појавуваат првите кадри школувани во Америка и затоа сето тоа повеќе личи на импровизација отколку на сериозно лобирање. Македонците не се дел од тамошната елита. Скромни обиди прави Обединетата македонска дијаспора, но тоа во никој случај не може да се спореди со грчкото лобирање. Влијанието на грчкото лоби, пак, се гледа и во конкретните документи во кои за Македонија се вели дека има територијални претензии, дека не сака решение на спорот со името и слично. И тоа е преточено во официјални документи на Конгресот, Стејт департментот.
На пример, се смета дека дело на тоа лоби е и акцијата во февруари минатата година, кога 30 американски конгресмени излегоа со тезата дека Македонија е закана за територијалниот интегритет на Грција, која во форма на официјален допис ја упатија до американскиот претседател Барак Обама. Од 2004 година до денес како лобисти за Македонија се спомнуваа и Теодор Вајгел, поранешен германски министер за финансии, и Ерхард Бусек, кој беше прв човек на Пактот за стабилност. Минатата година беше формирана и група за пријателство во Европскиот парламент, но практиката не покажува некои резултати. Годинава, поради кризата, два договори со фирми за лобирање, една од Вашингтон и една од Берлин, се ставени во мирување. Лобирањето во ЕУ и во САД Лобирањето во светот денеска е многу ценета, солидно платена работа. Во САД се регистрирани 36 илјади лобисти, а само во Вашингтон 13 илјади. Тоа е сериозна индустрија со 3,47 милијарди долари годишен приход. Освен Вашингтон, голем лобистички центар е и Брисел, каде што се регистрирани околу 16 илјади лобисти, а со тоа се занимаваат дури 2.500 невладини организации. Канцелариите на овие организации имаат годишни приходи 60 до 90 милиони евра. Колку наплаќаат лобистите за својата работа? Паушал за лобирање за да се добие одреден конкурс е околу 200 илјади евра или за еден час околу 800 евра. Европската комисија во почетокот на годинава го почна проектот за отворање онлајн-регистер за лобисти. Организациите во овој регистер треба јасно да наведат кои се нивните цели, во кои области имаат интерес да влијаат врз донесување на одлуките, а треба да информираат и кој ги финансира и кои им се клиентите. Потпретседателот на Европската комисија, Сим Калас, одговорен за регистарот, вели дека транспарентноста е нужна поради големите суми пари што се вртат во овој бизнис. - Голем политички успех е што има волја кај лобистите да се запишат во регистарот - изјави неодамна Калас. Недоволно дефинираната улога на лобистите е причина зошто во многу земји лобирањето се смета за активност од која нема корист. Според истражување спроведено минатата година, во Полска само 3 проценти од политичката елита сметаат дека лобирањето позитивно придонесува за демократијата. Од друга страна, пак, 57 проценти од политичарите во Унгарија и во Италија веруваат дека лобирањето има позитивно влијание на демократските процеси. Земјите од нашиот регион во Брисел имаат вкупно 14 канцеларии, од кои пет се хрватски, три од Србија, и по една од Република Српска и Црна Гора. Хрватска е најнапредна и има осум лобисти во центарот на ЕУ.
Хрватските институции информираат дека за лобирање земјата за четири години потрошила околу 1,1 милион евра, односно во просек годишно 280 илјади евра. Медиумите во регионов, пак, тврдат дека за таа цел Косово само во 2008 година, кога ја прогласи независноста, потрошило 3 милиони евра. Високите суми што ги наплаќаат лобистите се причина да се бара поголема транспарентност. Нетранспарентниот начин на трошење пари беше причина поранешниот хрватски амбасадор во Вашингтон, а потоа и во ОН, Невен Јурица, да добие кривична пријава за проневера на 120 илјади евра, по што во април годинава беше осуден на 18 месеци затвор.
|
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
| Веста е прочитана: Оценка: | |||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||