Фотографии на жени-воинки ја редефинираат родовата матрица на Балканот

Останати вести
 Печати | Прати ја страницата | Врати се назад
Bookmark and Share
 

Националниот идентитет - најдоминантната и сé уште неразрешена приказна на Балканот, ми се наметна индиректно поради тоа што и тогаш, на преодот од 19 во 20 век, како и денес, прашањата на родовиот идентитет биле третирани како помалку релевантни при исцртувањето на политичката мапа на општествената моќ. Жените и тогаш биле на најниското скалило на хиерархискиот режим на претставување, вели Милевска

 
 
  
Националниот идентитет и потребата за неговото дефинирање преовладуваат над родовиот идентитет на Балканот, со што се потиснува разликата меѓу родовите, и тоа во прилог на машкиот идентитет. Ова е една од претпоставките што се подложени на преиспитување во истражувањата на историчарката на уметност Сузана Милевска во нејзиниот докторски труд „Родовата разлика на Балканот“, поднасловен како „Архиви на репрезентации на родови разлики и агенси во визуелната култура и современата уметност на Балканот“. Во него, меѓу другото, таа укажува и на суптилното влијание на родовиот идентитет врз создавањето на националниот идентитет на овие простори.



Во истражувањата на односот помеѓу градењето на родовиот идентитет и на националниот идентитет тргнувате од 19 век... Зошто?


- Главниот предмет во мојата докторска теза е претставувањето на родовите разлики во визуелната култура.  Сепак, постепено се покажа дека националниот и родовиот идентитет се нужно поврзани и дека е неможно да се дојде до какви било релевантни заклучоци без потемелна анализа на нивната историска и културна поврзаност. Националниот идентитет - најдоминантната и сé уште неразрешена приказна на Балканот, ми се наметна индиректно поради тоа што и тогаш, на преодот од 19 во 20 век, како и денес, прашањата на родовиот идентитет биле третирани како помалку релевантни при исцртувањето на политичката мапа на општествената моќ. Жените и тогаш биле на најниското скалило на хиерархискиот режим на претставување. Токму низ истражувањето на фотографиите од балканските архиви (Бугарија, Романија, Србија, Македонија, Турција, Албанија) беше полесно да се согледа комплексноста на оваа заемна поврзаност меѓу нацијата и родот за која важна улога има и класното потекло. Најдобар пример за комплексноста на оваа испреплетеност е романската кралица Мери, во чија колекција фотографии (крај на 19 и почеток на 20 век) се наоѓаат неверојатни исценирани фотографии на кои таа се појавува облечена како романска селанка, милосрдна сестра, генерал на националната армија, домородечки американски поглавар и сл. Парадоксот е што таа е Англичанка и внука на англиската кралица Викторија, но со својата привлечност и убавина станала парадигма и еден вид визуелна метафора за романскиот национален идентитет. Картичките со тие фотографии биле мултиплицирани и дистрибуирани низ Бесарабија, Буковина и низ Трансилванија, што дури помогнало при обединувањето на овие кнежевства со Романија зацврстувајќи ја монархијата, обединувајќи ја романската нација и така оформувајќи го романскиот национален идентитет.



Во своите истражувања лоциравте серија фотографии на жени во ајдучки униформи кои се бореле против Отоманската Империја и тврдите дека во тоа време дури било тренд жените да се преоблекуваат во машки ајдучки униформи и да се фотографираат...


- На вакви фотографии наидов во различни архиви во регионов, како во Бугарија, така и во Романија, Македонија, Србија... Тоа зборува дека не се работи за исклучок или случајност. Вообичаено било во некои фотографски студија дури да има ајдучки и комитски униформи на располагање за такви позирања, особено во време на карневали. Интерпретацијата на оваа појава, колку таа да била распространета, сепак не е едноставна бидејќи станува збор за извесна контрадикција и амбивалентност. Станува јасно дека повторно националниот идентитет и потребата за неговото дефинирање преовладуваат врз родовиот идентитет, со што се потиснува разликата меѓу родовите, и тоа во прилог на машкиот идентитет. Сепак, не треба да се заборави дека станува збор за уникатни жени кои со самото тоа што зеле оружје и облекле машка униформа, па дури и кога не се бореле во вистинска битка, надминале многу норми на патријархалното однесување. Со тоа се надвишиле над секојдневната поделба на улогите. Оваа појава не е нова и единствена за Балканот. Забележана е и во фотографиите од Дивиот Запад, но не беше доволно истражена на Балканот, па многу од овие исклучителни фотографии или воопшто не беа познати досега, или пак станува збор за сосема нови интерпретации на нивното културолошко значење во конструирањето на модернистичкиот идентитет во регионов.




 Во времето на Младотурската револуција постоело движење за симнување на велот во Скопје, чии предводнички биле две овдешни жени. Со оглед на сé поголемата актуелност на велот, кој се враќа со заживување на конзервативните движења, се наметнува прашањето - зошто велот толку долг период е предмет на огромен интерес и судири?

- Велот последниве години ја подели Европа - на држави што го дозволуваат како секојдневен додаток на облеката дури и во училиште, на работа или на лична карта (Англија, Германија) и на држави каде што нивото на толеранција е многу пониско (Франција, Италија). Иако во Македонија во почетокот на 20 век се забележани демонстрации против носењето на велот, денес и кај нас се забележува повторното враќање на овој специфичен предмет. Тоа е предмет кој колку што покрива толку и открива. Ако го покрива лицето на жената, открива дека сé уште постојат дилеми околу тоа колку тоа е избор, а колку наметнато општествено, религиозно и класно ограничување. Парадоксално е што на Средниот Исток велот е привилегија на богатата жена што не мора да заработува за живот. Фотографијата на одбулена млада Албанка во модерна облека што ја открив во Архивот во Битола, а која ја снимил Милтон Манаки, зборува за уште еден перформативен ритуал: одењето кај фотограф за да се сними тој субверзивен чин на спротивставување на носењето на велот. Ајде кажете дека тоа не е спротивставување на патријархалната позиција во која жената е поставена на пиедестал, но само како пасивен објект, а не како активен политички субјект.

Најновата модна ревија на различни модели со бурка на Сузана Мустафа Кемал, млада модна креаторка од Египет, ја докажува перзистентноста на велот кој е модицифиран, направен е од современи ткаенини, со заситени бои и креативен крој за да биде што поатрактивен, според зборовите на авторката, за да ги привлече и религиозните жени да се образуваат и да работат. Која иронија и кој неразумен оптимизам, како дизајнерката да верува дека патријархатот е толку наивен, па може така лесно да го надвладеете!



Кои се другите Ваши откритија за родовите разлики и нивната трансформација во изградбата на една слика за Балканот како родово нечувствителен регион? Или и тоа е само една конструкција?


- Мојата теза е дека она што вообичаено се смета за безначајно дополнување на претставувањето на националниот идентитет, на машкоста и маскулинитетот, всушност е значајно и опасно предупредување за слабоста и празнотијата на самиот тој дискурс. Низ анализата на различни феномени од визуелната култура се обидов да докажам дека репрезентациите можат да ги дестабилизираат и деконструираат етаблираната идентитетска политика и прифатените режими на хиерархија, па дури и да ги дезорганизираат строгите општествени и политички поредоци. Сликите на жени-воинки, исценираните фотографии на жени облечени во војнички униформи, или фотографии на трансродови личности познати како феноменот на вергина (девојки кои живеат типичен машки живот под влијание на семеен притисок, како надомест за машки потомок, или по свој избор поради договорен брак со несакан маж), се само неколку такви примери. На сите овие имиџи никогаш не им било посветено доволно внимание поради строгата контрола на патријархалната власт која, според Мишел Фуко и Жак Дерида, е во основа на феноменот на архивата. Јас всушност само се обидов да ги обелоденам начините на кои патријархалните режими на репрезентација дејствувале во историјата и денес. Произлезе дека тие не оперирале на очекуваниот стабилен начин, дека секогаш постоеле исклучоци кои ги нарекувам агенси, а тоа се токму оние исклучителни жени што не ја поддржувале патријархалната општествена матрица. Всушност, кај нас и денес преовладува кон себе насочената државна владина перспектива, дека единствената стабилност што е важна е стабилноста на нацијата-држава и дека никој дискурс на родова разлика не може да биде закана за таков еден пакт на стабилност.



Дали проектите на денешните уметници значенски се логично продолжение на заложбите на нивните претходнички од минатото?


- Современите уметнички проекти кои ги истражував и самите имаат уметничка стратегија на едно придвижување на некои процеси токму како хемиските агенси. Тоа се проекти каде што, на пример, уметницата може да се омажи преку Интернет за да ги истражи животите на сиромашните жени од Источна Европа кои тоа го прават како ризичен, но храбар чекор кон подобрувањето на нивната егзистенција (алудирам на проектот „Барајќи сопруг со пасош од ЕЗ“ на Тања Остојиќ). Или, пак, проектот на Христина Иваноска во кој таа им предлага на градските власти и на комисијата за именување на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, еден мост да биде наречен според Роса Плавева и Накие Бајрам, кои биле меѓу првите протестантки против велот. Значи, овие современи уметници не прифаќаат дека единствена улога на жената е улогата на жртва. Во овие дела уметниците често самите се вметнуваат во онаа историја од која отсуството на жената е повеќе од очигледно. Вистинското прашање што се наметнува е од каде сепак произлегуваат сите оние имагинарни исклучоци за кои зборував, ако симболичкиот патријархален поредок е во основа на секој реален општествен поредок.

 
   
Автор: Мимоза Петревска - Георгиева  
 
   
Веста е прочитана:           Оценка:
1 2 3 4 5
 
   
    Оставете коментар

Правила за објавување на коментарите
 
   
 
  Powered by Dejan Jovanovski