|
|
Дискримин(ализ)ација |
|
||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
Да не се лажеме: на светот не му е потребна само формална борба против дискриминацијата, туку му е потребна целосна дискриминализација. Кога ќе ја снема криминализацијата, ќе ги снема и цензурата и дискриминацијата. Таа е причината, а се лекуваат причините, не симптомите |
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
| Пред десет дена, сосема случајно, пребирајќи по каналите на телевизорот, налетав на фудбалски меч. Во прв миг помислив дека можеби станува збор за реприза на мечевите од Светското првенство, но кога повнимателно погледнав, забележав дека на теренот има само - жени. Стануваше збор за СП во фудбал за жени (ако не се лажам). Како и да е, бев разочаран кога камерата покажа каква е ситуацијата на трибините: беа срамно празни, по однос на она што имавме можност да го гледаме во јуни и јули, на машкото првенство. Се загледав и не се пишманив: видов воодушевувачки голови. Она што ме изненади не беше само убавината на погодоците (некои од нив беа мајстории какви што ретко се гледаат и кај машките екипи), туку и отворената игра, без многу тактички надмудрувања и калкулации. Па си помислив зошто ваков преубав спортски настан поминува толку незабележано. Можно ли е да постои таква дискриминација, и тоа во спортот, полето кое редовно се користи како стратегиски важно место токму за кампањи против дискриминацијата? И потем ми текна дека пред почетокот на мечевите на Светското првенство, редовно гледавме една иста сцена: фудбалери од сите раси - црни, бели, жолти, мешани, застануваа еден кај друг, распостилаа пред себе некакво огромно знаме на кое пишуваше на англиски: „Кажете му ‘не’ на расизмот“, и се фотографираа. Расизмот е само една од формите на дискриминацијата. Убаво е што одговорните од ФИФА се сетиле да ја жигосаат. Но зошто не се сетиле најпрвин да ја исчистат дискриминацијата во сопствениот, фудбалски двор? Мислам на дискриминацијата по родова (полова) основа. На пример, можеа да направат раскошен спектакл со тоа што пред секој машки натпревар на Светското првенство, како „предигра“ ќе ги пуштеа мечевите на женските фудбалски репрезентации. Така и женскиот фудбал ќе се популаризираше во светски рамки, публиката ќе можеше да ужива пред почетокот на „главниот чин“, а богами, ќе видевме не само фудбалска естетика, туку и ќе го разурневме моменталниот стереотип за женската убавина: манекенка сува како мотка за чукање ореви и анорексична. Ова на теренот беа „сочни“ тела. Не верувам дека оваа идеја само мене ми паднала на ум. Знам дека не станува збор за смислена, намерна дискриминација на жените во фудбалот, туку најверојатно станува збор за процена дека тоа не е економски исплатливо. Денешниов, развиен свет признава само еден Бог: богот на парите. Женскиот фудбал не носи пари; тој не може да собере десетици илјади гледачи. Освен тоа, постои и страв дека ако пред секој натпревар се пуштат женските репрезентации, може да се навлече и непредвидена реакција од публиката, од типот: „Што дават со жениве, дај го главното!“ И само што го заборавив тој настан, пред некој ден, во весник прочитав информација дека на нашиот уметник (ликовен и филмски) Александар Станковски, му биле цензурирани две ликовни дела на некој фестивал во Малта. На фотографиите во весникот ги имаше и двете дела: на нив, освен стилизирана претстава на фалус, немаше ништо друго „навредливо за јавниот вкус на Малтежаните“, како што изјавил одговорниот за изложбата. Изјавил уште дека делата содржат „строги порнографски елементи и не соодветствуваат со темата ‘Сон на душата’, која има спиритуален концепт и нема допирни точки со еротиката и порнографијата“. Лично ми беше многу мило што Ацо ја прокоментира целата ситуација во свој, лежерен стил: „Не возбудувајте се многу околу тоа, не ми е првпат да бидам цензуриран“, но работата е многу посериозна одошто изгледа на прв поглед. Најпрвин, сосема е јасно дека оној куратор на фестивалот или не знае што зборува, или ги крие вистинските мотиви за цензурата. Каква глупост е тоа – „Сонот на душата“ да нема допирни точки со еротиката? Па Фројд треба мртов да се самоубие: тој откри дека соништата вријат од еротски и сексуални конотации, фалуси, симболички замени и стилизирани претстави на фалуси, вагини и слично. Значи, душата не смее да сонува еротски соништа?! Второ, зарем кураторот навистина мисли дека денешниве корисници на порнографијата ќе се потегнат во уметничка галерија за да уживаат во „порното“ на некој македонски сликар, кога на еден „клик“ на компјутерот можат за една секунда да добијат порно по нарачка, со сите можни замисливи комбинации? Тоа е навреда за уметноста на нашиот сликар. Трето, каков е тој специфичен вкус на Малтежаните кој ќе биде навреден, ако им се покаже стилизација на полов орган? Па сите статуи од грчко време и претстави на тела во ренесансата се - голи. Да не говориме за фалусоидните култови на плодноста и карневалите кај сите народи и цивилизации, не само дионизиските. Со таа цензура се цензурира култот кон телото, сноп естетики од најразлични периоди, се ампутираат сетилноста и телесноста, што биле покренувачи на цели стилски и филозофски комплекси во историјата на идеите! Никаде, меѓутоа, кураторот не говори каква е уметничката вредност на сликите на нашиот уметник! Тој само вели што не смееле да прикажат! Си размислувам: ако дискриминацијата на женскиот фудбал не е поради квалитетот, ако овде дискриминацијата не е од естетски причини (никаде кураторот не вели дека сликите се слаби како уметничко дело), што е тогаш вистинската причина за ваквиот суптилизиран терор – цензурата? Цензура на женската сетилност, цензура на машки полов орган – каква смисла има тоа? Во каков свет живееме? Антигенитален и антигенијален? Во првиот случај женскиот полов орган не смее да стане машки; во вториов ни на машкиот полов орган не му се дозволува да биде машки? Под маската на наводната „порнографија“ во вториот случај се цензурира цело едно круцијално подрачје за менталното здравје на поединецот – еротиката. Зошто? Одговорот е многу едноставен и банален и ја открива бедата на светот во кој живееме. Затоа што ни првиот ни вториот случај не носат профит и не можат да се вклучат во најатрактивната професија денес – криминализацијата на сите сфери на живеење. Ниту ФИФА ќе ќари нешто, ниту кураторот на изложбата. Затоа, да не се лажеме: на светот не му е потребна само формална борба против дискриминацијата, туку му е потребна целосна дискриминализација. Кога ќе ја снема криминализацијата, ќе ги снема и цензурата и дискриминацијата. Таа е причината, а се лекуваат причините, не симптомите. Авторот е универзитетски професор и писател |
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
| Веста е прочитана: 613 Оценка: 1,8 | |||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
|||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||