За десет години за повеќе од три пати се намалил бројот на Македонци во соседна Бугарија. Тоа го покажуваат бројките добиени од пописот на населението кај источниот сосед, кои Националниот статистички завод ги објави вчера. Според нив, во Бугарија живеат 1.609 Македонци. Во графата население по етничка група и мајчин јазик се наведува дека 411 од нив зборуваат на бугарски, 1.163 на македонски, 13 на друг јазик, а 17 не се самоопределиле.
Стојко Стојков од партијата на Македонците во Бугарија ОМО Илинден-Пирин вели дека ова е последица на манипулациите со резултатите. Тој објаснува дека од таа бројка, дури околу 1.000 биле заведени дека поседуваат македонско државјанство. За споредба тој ги наведува бројките добиени од пописот во 2001 година, кои покажале дека таму има 5.071 Македонец, а според попишаното во 1992 година, како Македонци се декларирале 10.803 лица.
- Ние уште во април излеговме со тврдење дека ќе има манипулации. Се создаваше атмосфера на страв, неколку луѓе беа избркани од работа од институтот за статистика бидејќи дозволиле графа Македонец, што беше квалификувано како непостоечки етнос. Потоа самите попишувачи не ги прашуваа граѓаните како се чувствуваат, туку директно ги пишуваа како Бугари. Ако сакаа да се декларираат како Македонци, пак, им велеа дека нема таква графа и не можеле така да се пишат - вели Стојков.
Тој додава дека на пописите кога имало графа Македонци во 1946 година и во 1956 година бројот на оние што се изјаснувале така бил околу 190.000.
Инаку, најмногубројно малцинство кај источниот сосед, според пописните резултати, е турското. Во Бугарија живеат околу 585.000 Турци, повеќе од 320.000 Роми, потоа речиси 10.000 Руси, 6.360 Ерменци и околу 3.600 Власи. Другите етнички заедници, меѓу кои Македонците, Евреите, Грците, Романците, според бугарските статистичари, не надминуваат повеќе од 2.000 лица. Во проценти тоа би значело дека речиси 85 отсто од населението се изјасниле како Бугари.
Инаку, според конечните резултати од пописот, источниот сосед има вкупно 7.364.573. Бугарската нација брои 5.664.624 жители, жените се во поголем број, 3.777.999 или 51,3 отсто, а бројот на мажите е 3.586.571 или 48,7 проценти.
Главниот град Софија е најголем град во земјата со 1.291.591 или 17,5 отсто вкупно жители во Бугарија. Бројот на населението во Бугарија меѓу двата пописи што се направени во 2001 и 2011 година е намален за 564.331 жител. Две третини од тоа намалување се последица на негативниот наталитет, а една третина на надворешна миграција, која се проценува на 175.244 граѓани.
Пописот беше спроведен во февруари оваа година во 255 општини и 50.047 села. Во 181 место не живее ниту еден жител.
|
|