Неодамна присуствував на самит во Лондон, каде што еден аналитичар постави просто прашање: „Дали сé што оди надолу во кризава мора да се врати нагоре?“ Публиката, околу 600 делегати на глобални фирми што нудат или бараат релокација на труд (оутсоурцинг), со нетрпение ги очекуваа предвидувањата за нивните бизниси. Ова прашање е актуелно пошироко од оваа индустрија која оперира со центри за повици, финансиски сервиси и анализи, или развој на софтвер во земји што се простираат од Чешка до Филипините.
Денешната економска криза, според сите параметри најдлабока во последниве 30 години, ги доведе во прашање различните економски модели. Веќе девет месеци по банкротирањето на Лиман Брадерс и почетокот на ледниот период во финансиите, се гледаат првите знаци на одмрзнување и раздвижување. Воедно, доста се зборува за врвот на американската економија и глобална моќ, за евентуалниот пресврт на моќта кон Кина, Русија, или Бразил, за замена на доларот како резервна валута и за некој нов финансиски поредок. За жал, домашните „експерти“ засилени од некои медиуми се однесуваат како хемофиличари во допир со бројки и наместо решенија нудат само прикаски. Затоа ќе видиме како САД и Европа, нашите највлијателни партнери, ќе се справат со кризата и какви конкретни можности нуди тоа за Македонија и нашиот понатамошен развој
Да започнеме од САД. Според табелата, во Америка е забележано најблаго паѓање на БДП во последните три квартали споредено со останатите големи развиени економии, паѓање кое лесно се споредува со македонскиот БДП. Сепак овие бројки ја затајуваат длабоката реконструкција во американската економија последниве девет месеци. Вол Стрит, местото каде што јас и илјадниците најдобри студенти од врвните колеџи со голем елан ја почнавме својата кариера, не е повеќе она што беше. Воведен е нов правилник за игра. Владата на САД се издига како најважен и најагресивен акционер, а нови регулации на финансиските инструменти се на повидок. Денес оваа индустрија според моите колеги е долината на невработеност и страв. Но, токму затоа, прочистувањето на загубите е при крај, рекапитализацијата на банките завршува и тие почнуваат да ги враќаат влоговите на Владата на САД. Централната банка (Фед) во моментов е еден од најголемите резервни купувачи на хартија од вредност и спроведува сé она што е во нејзина можност за да го одмрзне финансискиот систем. Финансирањето се враќа, пазарите се раздвижуваат и оптимизмот добива елан. Според последните показатели, резервите кај фирмите во САД се речиси потрошени, широката потрошувачка се држи на благо ниво, што означува дека потребата од ново производство е на повидок, а стимулативните мерки почнуваат да даваат резултати. Остануваат уште неколку сфери во САД кои допрва ќе претрпуваат загуби, на пример, комерцијалните недвижности, но најтешките реформи веќе се спроведуваат и довербата се враќа.
(Продолжува)
Авторот е министер за привлекување странски инвестиции во Владата на Република Македонија
|
|