Во Логоварди ноќе ниту се спие ниту се дише


Други вести
Највести
Коментари и дебати
Гоце Трпковски
Колку ли е жешко македонско-грчкото столче?
Одбивањето разговор за отворен меѓусебен проблем не може да се прикаже како конструктивност, во ниеден случај и на ниеден начин, а соработката меѓу општествата и економиите (со која често се фалиме) може да почне да спласнува ...
 
Mирка Велиновска
Конзервата е отворена, има надеж
Затоа, велеше Глигоров, подобро е таа конзерва да си останела затворена. На моето наивно прашање „што ако некогаш некој ја отвори таа конзерва“, никој од двајцата не ми одговори. Ама затоа сама си дојдов до одговорот. Македонската ...
 
Ивица Боцевски
Есента на патријарсите
Есента на македонските патријарси пристигна во Македонија со огромно задоцнување. Затоа и смрдеата што зад себе ја остава гнилежот што ни го предаваат во наследство е толку тешка и неподнослива. До нас е да се осигуриме дека ...
 
 Печати | Прати ја страницата | Врати се назад
 
 

Месното население вели дека поради импровизираната печка за уништување медицински отпад луѓето се затвораат во домовите за да се спасат од загадениот воздух, а миризбата што доаѓа од депонијата едноставно не може да се поднесе и имаат чувство како да живеат во концентрационен логор

 
 
  

Загадувањето на воздухот и на околината ги исплаши битолчани

Загаденоста на воздухот во Битола деновиве е главна тема во градот под Пелистер. Податоците што излегоа во јавноста дека концентрацијата на суспендирани честици во Битола е дури 20 пати поголема од дозволеното и достигнува вредност од 1.000 микрограми на кубен метар, наспроти дозволената гранична вредност од 50 микрограми, ја крена на нозе битолската јавност. И наместо градските советници со своите политички загадени говори и реплики да ја „избистрат“ темата, уште повеќе ги загадија случајот и атмосферата во градот, а неупатените битолчани како на квиз погодуваат од каде доаѓа загадувањето во градот, дали од РЕК „Битола“ или од асфалтната база на „Гранит“. 

Од битолското село Логоварди до нашата редакција пристигна алармантно известување дека во тоа битолско село, кое се наоѓа само на неколку километри од Битола, се случува вистински хорор.

 Во селото молчат и трпат

Откако во близината на спортскиот аеродром во Логоварди е поставена импровизирана печка за уништување медицински отпад локалните жители буквално се трујат од непријатна миризба, а со оглед на близината, таквиот загаден воздух се шири и до Битола, па според нив оттаму доаѓа загадувањето на градот.

- Ова е ужас. Во Логоварди веќе не се живее. Кога ќе се запали печката, која на сѐ личи, само не на печка за уништување медицински отпад, во селото буквално не се дише. Луѓето се затвораат во домовите за да се спасат од загадениот воздух, а миризбата што доаѓа од депонијата едноставно не може да се поднесе. Имаме чувство како да живееме во некој концентрационен логор, каде што се палат човечки тела - нѐ убедуваат жителите на Логоварди, кои поради притисоците и заканите што ги трпеле да не креваат глас против оваа депонија, не сакаат јавно да зборуваат за медиумите, бидејќи сите тие што досега гласно ќе проговореле за загадувањето во селото биле прогласувани за сдсмовци и имале последици за таквите изјави.

За битолската „Дрисла“ не сакаат многу да зборуваат ни вработените со кои контактиравме, како оние што сѐ уште работат, така и оние што биле избркани од работа.

- Тоа што го дишеме од РЕК „Битола“ е ништо во однос на загадувањето на воздухот од депонијата за уништување медицински отпад што во Логоварди ја направи претпријатието „Еко-клуб“. Овде, особено ноќе, буквално не се дише. Камионите со отпадот најчесто доаѓаат доцна навечер, кога се пали и импровизираната печка. Тогаш миризбата што се шири од чадот во селото е неподнослива. Во тие вечерни часови Логоварди и околината како да се една голема скараџилница во која се прави скара од расипано месо - ни велат логоварци.

 Импровизирана депонија
 
По добивањето на информациите се упативме кон битолската „Дрисла“, која се наоѓа до спортскиот аеродром кај Логоварди. Сликата што ја видовме таму навистина нѐ вчудовиде.

Печката за уништување на медицинскиот отпад се наоѓа во една импровизирана дрвена барака. Бидејќи не ни беше дозволено да влеземе внатре, сликата за печката во која се уништува отпадот ја добивме однадвор. Само што наближивме до печката нѐ пречека неиздржлива непријатна миризба. Од дрвената барака се издига еден импровизиран оџак, од кој излегува чадот од согорените материи. Во околината на бараката има голем број буриња во кои се складира отпадот. Тревата околу бурињата и бараката е буквално пеплосана. Молчеливите работници што нѐ забележаа и тие што нѐ познаа не сакаа воопшто да зборуваат на оваа еколошка тема. Но затоа, пак, веднаш ја пренесоа веста дека сме биле таму и сме се интересирале за депонијата.

За кратко време од Србија ни се јави сопственикот на фирмата „Еко-клуб“, Сашо Јанакиевски, инаку почесен конзул на Унгарија, кој откако нѐ праша што сме барале кај депонијата, ни објасни дека фирмата ги има сите потребни дозволи и, доколку сакаме, брзо ќе ни ги достават на увид. И навистина за кратко време ни беа доставени документите во редакцијата - дозволата за собирање и за транспортирање опасен отпад, како и дозволата за вршење дејност за складирање, третман и обработка на отпад.

Во папката со документи ни беше доставен и лабораторискиот извештај од 30.11.2012 година, за извршените мерења на емисијата на загадувачи на воздухот, супстанции на воздухот и печка за спалување на медицинскиот отпад од фирмата „Технолаб“ ДОО Скопје, во кој се вели дека врз основа на анализите направени во тој период нема надминување на граничните вредности.

Во врска со загадувањето во Логоварди, од битолската клиничка болница нѐ информираа дека подигнувањето на медицинскиот отпад фирмата „Еко-клуб“ го добила на тендер и дека за таквата услуга болницата плаќа по едно евро на килограм. Понатаму нив воопшто не ги интересира каде се складира или уништува отпадот, бидејќи тоа не е нивна работа.

- Ние со договорот сме обврзани да му плаќаме по евро од килограм на „Еко-клуб“. Каде и како го уништуваат медицинскиот отпад нам не ни е познато и не нѐ интересира - ни изјави директорот на Клиничката болница во Битола, Васко Најдовски.

И така, додека во „Еко-клуб“ тврдат дека нема загадување и дека работат според прописите, во Логоварди луѓето тврдат дека се изложени на класично труење, кое ги посетува на концентрационите логори, каде што се спалуваа човечки тела. За тоа време надлежните инспекциски органи се прават како ништо да не се случува, а битолчани и натаму се прашуваат од каде им доаѓа загадувањето.

Политички препукувања

Во меѓувреме топката ја презедоа партиите, кои играта со загадениот воздух во Битола ја префрлија во Советот на општината, со што, политизирајќи го случајот, уште повеќе ја загадија атмосферата во градот.
Па така сега, додека за опозицијата загаденоста на воздухот во Битола е над дозволеното ниво и загрижува, за владејачката коалиција нема место за паника и Битола има чист воздух.

- Загадувањето на воздухот што ни се случува треба најсериозно да се сфати, бидејќи во последно време во Битола драстично е зголемен бројот на луѓето што страдаат од респираторни заболувања, а во пораст е и морталитетот на населението - предупреди советничката на опозицијата, докторката Снежана Стоилова, на последната седница на советот, на која стана збор за загадувањето на Битола.

И лидерот на СДСМ, Васко Ковачевски, предупредува дека има големо загадување во Битола.
- Загрижен сум за параметрите според кои за 10-20 пати повеќе од дозволеното е загаден воздухот со ситна прашина во Битола. Сите ние дишеме нечист воздух. Анализите за состојбите со болестите за 2011 година од Институтот за јавно здравје се алармантни. Податоците покажуваат дека имаме зголемени интервенции кај малите деца и младинците - предупреди Ковачевски.

Според советничката Наташа Петровска, од еколошки аспект Битола спаѓа меѓу 16-те црни точки во Македонија, гледано по загадување.

- Загрижена сум каков воздух дишеме. Барам како советници да имаме доблест и најсериозно да ја сфатиме ситуацијата - опоменува Петровска.

На ваквите обвинувања на опозицијата, од владејачката ВМРО-ДПМНЕ одговараат дека не треба премногу да се шпекулира со податоците и побараа одделението за екологија во општината да подготви посебен извештај за активностите и мерките што треба да се преземат за следење на загаденоста на воздухот во Битола.

Да не се крева преголема паника со загадувањето на воздухот во Битола побара и претставничката од Центарот за јавно здравје на Битола, Марика Ивановска, која нагласува дека битолчани дишат релативно чист воздух.

- Од информациите што ги имаме ние како институција, слободно можам да кажам дека во Битола дишеме релативно чист воздух. Информациите ги добиваме од Министерството за животна средина од мерната станица на централното градско подрачје. Тоа не значи дека истиот воздух го дишат и жителите од Нова Битола, каде што воздухот е почист. Според нас, загадувањето е од сообраќајот и ложиштата. Во Битола имаме голем број локални ложишта, кои се на дрва и мазут и ја загадуваат животната средина со јаглеродмоноксид - тврди Ивановска.


Местото каде што се уништува едицинскиот отпад од Битола


Како се постапува со медицинскиот отпад

Под медицински отпад се подразбира целокупниот отпад што останува од употребата во здравствените, ветеринарните или, пак, фармацевтските установи. Медицинскиот отпад е посебен вид отпад и поради своите специјални карактеристики бара посебен третман, како што се селектирањето, собирањето и транспортот на отпадот.
- Медицинскиот отпад мора да се чува на температура до 10 Целзиусови степени, бидејќи на поголема температура можат да се развијат бактерии, инфекции и вируси. Исто така, и возилото во кое ќе се превезува отпадот мора да има уред за ладење и на него да има налепница дека во тоа возило се пренесува опасен отпад.
Медицинскиот отпад може да се чува најмногу 24 часа во установата, а мора да се уништат за најмногу 48 часа - вели Боро Астроски од јавното претпријатие „Дрисла“.
Постапувањето со медицински отпад опфаќа активности поврзани со негова селекција на местото на создавање, собирање, складирање, третман, преработка, транспорт и отстранување. За секој вид опасен, односно медицински отпад, има посебен начин на транспорт, чување и преработка, односно течниот отпад се собира во непропустливо пакување, од кое отпадот нема да може да истече, додека, пак, остриот отпад мора да биде спакуван во метален или пластичен сад со голема густина за да не може отпадот да се пробие. Опасниот отпад треба да е спакуван во кутија со жолта боја, а на кутијата задолжително да го има знакот за опасен отпад. При транспортот медицинскиот отпад не треба да се меша со другите видови отпад. Патеката по која ќе се пренесува опасниот отпад секогаш мора да е најкусата, а патиштата за собирање и транспорт мора да бидат однапред планирани. Централното собирно место за опасниот отпад треба да е обележано и да служи само за таа намена, а подот на садот треба да е изграден од цврст и непропустлив материјал и да биде лесно достапен за чистење. Во негова близина не треба да има животни, инсекти, птици, ниту, пак, треба да се чува во близина на свежа храна или, пак, на место каде што се приготвува храна. Речиси сите видови опасен отпад, медицински, фармацевтски, патолошки или хемиски, се уништуваат во печка, се закопуваат на посебна парцела во гробиштата или, пак, на посебна депонија за опасен отпад.             А.М.Д.


 

 
   
Автор: Менде Младеновски   Фотографија: Саше Ристевски
 
   
   
   
     
сподели на пинг    
 
   
Веста е прочитана: 864          Оценка: 3  
   
    Оставете коментар

Правила за објавување на коментарите
 
   
Валерија
Конечно статија на оваа тема! Издржана, информативна, со факти и конкретни имиња. Секоја чест за новинарот, школски убаво си ја извршил задачата. Епа 'надлежни' сега бујрум, повелете, имате се' на тацна! Засукајте ракави и решете го случајот! Срамота е во една ваква, иако мала, релативно ретко населена земја како нашава, да не се најде простор за оваа намена подалеку од населено место. Па што правиме луѓе! Сами си се труеме! Па мислете малку! Сопствените деца ги труеме! А зошто!? Само затоа што, верувам, на друга локација би чинело поскапо, за да заштеди пари сопственикот на депонијата и да спечали повеќе некое чиновниче кое дало дозвола за тоа.И во делови на Скопје многу често (за право, порано доста почесто) ноќе се чувствува чудна смрдеа. Се зборуваше за медицинскиот одпад од Воена болница. Не знам што се направи по тоа прашање во меѓувреме. Г-дине новинар, еве ви дополнително работа: проширете го своето истражување и на Скопје, па и на целава територија на Македонија. Благодарам.
 
КС
Менде, Менде Добра статија, ама некогаш треба и да прочитате нешто за темата која ја обработувате. Медицинскиот отпад е во категорија на т.н опасен отпад за кој важат посебни пропишани правила за постапување. Според написот, во Логоварди се врши постапка за отстранување на отпад преку горење. За таа постапка потребно е поседување на дозволи, и тоа: (1) Еколошка дозвола според Закон за животна средина (која за инсталции со мал капцитет (под 10 тони/ден) ја издава општината (значи бабам Битола) (2) Дозвола за оператор на инсталацијата според Закон за управувањ со отпад (која ја издава ресорното Министерство) Дозволата што Ви ја доставиле е сосема друг вид на дозвола - складирање, третма и преработка на отпад и нема врска со постапката отстранување на отпад (горење). Ја прочитавте ли дозволата или само нејзината насловна страница Ви ја доставија? А мерењата од споменатата лабораторија?! Местени резултати. Некој лаже и прави еколошки криминал, како нарачан за истражувачко новинарство.
 
Maria.Trifunovska
Vo Bitola bevme na poseta prosloto leto.Mhogu se zagriziv za moeto zdravje koga nemozev da prestanam da kaslam i ocite postojano mi solzea Seto ova me zagrizi i me natera da ja skratam mojata poseta a vo isto vreme bev na lekar i za prv pat bev izvestena so neprijatna vest.Za zal Bitola bese eden od najcistite gradovi vo Makedonia.
 
 
  Powered by Dejan Jovanovski