|
|
Бајрами: Се стремам кон перфекција во спортот |
|
||||||
На семинарот, кој го одржа гостинот од Швајцарија во ОУ „Партение Зографски“ во Скопје, присуствуваа околу 60 члена, кои со голема љубопитност ги впиваа тајните на овој боречки спорт |
|||||||
|
|||||||
| Актуелниот светски првак во таи и кикбокс (ИСКА), Џавид Бајрами, и годинава, како и лани, повторно беше во Скопје за да одржи семинар во таибокс и кикбокс, спорт што е сé попопуларен во светот. При тоа тој изрази голема благодарност кон домаќинот на семинарот Ивица Алексовски, кој е основач и главен тренер во Џиткундо-центарот за боречки вештини во Скопје. - Се радувам што вторпат сум во Скопје. Првиот пат одржав семинар во клубот Д‘стронгест, воден од Алексовски, а сега тој беше од отворен карактер за сите заинтересирани. Особено сум импресиониран што кај младите постои голем интерес, а за тоа зборува и посетеноста на семинарот. Се надевам дека кога ќе дојдам идниот пат ќе има уште повеќе посетители - вели Бајрами. За човекот што досега има 52 меча во професионалната кариера во К1 (тешка категорија), главната причина да го засака овој спорт е средбата со основачот Енди Хаг. - Се одлучив за таи и кикбоксот поради мојот поранешен тренер Хаг. Кога се запознав со него, јас завршував гимназија и сакав нешто да студирам. Енди навистина беше голем борец, спортист, шампион, но пред сé човек. Поради него го научив ова, кое го работам повеќе од 20 години - рече тој. За 33-годишниот Бајрами овој спорт има поинаква димензија отколку што се мисли. - За мене овој спорт не е обично тепање, туку еден вид филозофија на животот. Ме фасцинира средбата со мојот идол Хаг и затоа решив да заминам со него во Јапонија, каде што останав четири години. За жал, тој во 2000 година почина, велат од леукемија. Имаше само 34 години. Тоа многу ме погоди - раскажува Бајрами. За свој најголем успех го смета триумфот во Јапонија. - Победата на гранпри-турнирот во Јапонија, каде што настапија најдобрите осуммина, поточно шампионите на континентите, засекогаш ќе ми остане во моето сеќавање. Тоа е нешто највозвишено што може да го достигне секој борец во овој спорт на натпреварувачки план. Особено се гордеам што сум најмладиот освојувач на овој турнир, рекорд што не е надминат. Во финалето го победив Холанѓанецот Ван Данс, а во полуфиналето големиот Мирко Филиповиќ од Хрватска - се сеќава Бајрами. Своето богато искуство Бајрами несебично им го пренесува и на помладите, во швајцарскиот град Луцерн, каде што живее. - Тренирам секој ден, а пред некој значаен меч, два месеца интензивно се подготвувам на физички план со трчање, теретана, спаринг-борби, и на психички план. Остварив сé што може да се постигне во оваа боречка дисциплина. Трипати ја одбранив и светската круна (ИСКА). Прво против Американецот Мајк Шепард, потоа со Фредри Камајо, а неодамна во Приштина и против младиот голем талент од Украина, Дмитри Безус. Најважно е да го сакаш овој спорт, да живееш за него и секогаш максимално сериозно да му приоѓаш. Во план ми е да отворам мој клуб во Приштина, а зошто да не и во Скопје - вели тој. Стравот како и кај секој спортист, е присутен и кај него, но тој има друга димензија. - Стравот секогаш е присутен, но додека почне мечот, а потоа - исчезнува. Стравот не произлегува од противникот, туку да не се направи некој погрешен чекор, а кобен за мечот. Затоа јас, како професионален спортист, секогаш се стремам кон перфекција. Мојот стил е комбинација на удари со нозе и раце, кои еднакво ги користам во текот на борбата. Досега сум немал некои потешки повреди, но ризикот е секогаш присутен кога ќе се качиш на рингот - објаснува Бајрами. Неговите квалитети не останале незабележани во Швајцарија, како од властите, така и од провокаторите. - Полицијата во Луцерн секоја сабота доаѓа во мојот клуб и тренира заедно со мене и моите ученици. Но исто така луѓето денеска секогаш се стремат да провоцираат, но јас не реагирам на тоа и секогаш се обидувам да останам психички стабилен. Засега целосно успевам - заврши Бајрами. |
|||||||
|
|||||||
| Веста е прочитана: 86 Оценка: 5 | |||||||
|
|||||||
|
|