Мапа со четири слики на Боб Дилан, кои ги нацрта професорот Владимир Величковски, чека во продукцијата „Авалон“ да му биде предадена в петок, на денот на концертот на американскиот пејач, активист и икона на граѓанскиот и рок-протестот во Скопје.
Од моментот кога пролетва беше најавено доаѓањето на Дилан во Скопје, Величковски, како голем почитувач на неговата музика и активизам уште од средношколските денови, нацртал повеќе од 30 портрети на познатиот пејач на хартија (со димензии 38 х 30 см) во разни техники - акрилик, пастел, креон, гваж. Дилан е најчесто претставен портретно, но и на настап, со својата гитара и усната хармоника, во карактеристичниот за него малку подгрбавен став, толку типичен на сцената и во животот.
„Почувствував потреба на мој начин да го насликам Вашиот портрет без оглед на фактот колку таквиот зафат подразбира одредени тешкотии и ограничувања, зашто станува збор за работа според индиректен запис и во отсуство на моделот“, му пишува Величковски на Дилан во придружното писмо.
Величковски сликал според портрети, кавери на албуми и, особено, според документарните филмови за Дилан на Пенебекер и Скорсезе, следејќи ги при тоа сугестивните искажувања на поетот Ален Гинзберг за славната рок-икона. Всушност, во портретите Величковски очигледно не инсистирал на реалистичност и идентичност, туку на магијата во музиката и појавата на Дилан. Впрочем, и Гинзберг во документарецот на Скорсезе, објаснувајќи настап на Дилан, вели:
- Се чинеше како од него да излегува воздушен столб. Тој, практично, личеше на некој мистериозен шаман.
Славниот пејач изгледа како шаман и на сликите на Величковски.
„Со внимание следејќи го изразот на Вашето лице на концерти, претставени во овие документарни филмови, ми се наметнува една можна или блиска споредба со портретот на Фредерик Шопен, насликан од Ежен Делакроа, со израз на творечка грозница и занес на лицето“, му пишува Величковски на Дилан.
Величковски е професор на Катедрата за историја на уметноста на универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје.
Познат е како ликовен критичар и теоретичар на современата уметност, но малкумина знаат дека тој е и сликар. Портретите на Дилан се одраз на неговата страст кон сликањето и кон музиката на оваа рок-икона.
„Се надевам дека на концертот ќе доживеам ново искуство, звук и ритам што ќе можам да ги преточам во некој нареден циклус слики“, му пишува професорот на пејачот.
Величковски, кој е познат по јавно искажаната критичка мисла за многу прашања од областа на ликовната уметност и на општественото живеење, не сака да го коментира својот подарок за славниот пејач. Пролетва, во екот на расправата за проектот „Скопје 2014“, професорот објави молк - до некои подобри времиња. Очигледно тие не се дојдени, иако во меѓувреме во Скопје дојде и Дилан.
- Сликите се одраз на мојата почит кон него. Ако ги прими - добро, ако не - нека ги фрли - кратко прокоментира Величковски и му се врати на својот молк. Овој пат исполнет со исчекување на претстојниот концерт на човекот, чија музика, акција и протест ги респектира веќе - 4 децении.
Ако Дилан ги прими сликите на Величковски - неговиот концерт во Скопје можеби не ќе биде „одвеан од ветрот“ на другите настапи низ Балканот („Blowing in the Wind“ е една од најпознатите песни на Дилановиот репертоар).
Текстописец или поет?
Бегајќи од неудобната квалификација
- поет, Боб Дилан можеби и не сакајќи го дава најдобриот одговор за
спрегата меѓу поезијата и песната:
„Сé што можам да испеам, го нарекувам песна. Сé што не можам да испеам, го нарекувам поезија“.
Иако
го има статусот на икона на генерациите во 1960-те и 1970-те, овој
голем уметник во текот на целата своја музичка кариера успешно се крие
зад своите стихови. Низ нив кристално јасно се огледува неговата свест
за страдањата и доблестите на отфрлените, чувството за неправдите на
современото општество, омразата кон војната и неговата лична потреба за
независност од материјалистичката култура. Неговите сликовити и
гризачки текстови се реална фотографија на состојбата во која се
пронаоѓаше тогашната генерација. Така, тој стана „таткото“ на зрелите
текстови што ги вгради во новата рокенрол-музика.
Со објавени
над 40 албуми во текот на четири децении, Боб Дилан ги има создадено
најпознатите химни на дваесеттиот век, како што се: „Blowin‘ in the
Wind“, „Like Rolling stone“, „The times They Are A-Changin“, „Knockin’
on Heavenes Door“...
Сепак, музичарите и книжевните критичари сé уште се прашуваат дали Боб Дилан треба да се смета за текстописец или за поет.
Според
некои, Дилан е меѓу најдобрите поети на сите времиња, на исто ниво со
Милтон, Тенисон и со Китс. Но неговата поезија е импрегнирана со чиста
енергија единствено преку изведбата. Потребно е стиховите, музиката и
гласот да функционираат во тандем, за да ја распакуваат моќта на
песната. Според критичарот Јан Хамилтон, неговите стихови функционираат
само со поддршка на бодликавата жица на неговите крајници. Неговата
поезија му донесе дури седум номинации за Нобелова награда за
книжевност, а тој е првиот музичар во светот што ја доби престижната
Пулицерова награда во 2008 година. |
|
|