|
|
Претседателот Иванов меѓународно ќе го промовира локалитетот Таор |
|
||||||
Родното место на Јустинијан Први, еден од најголемите византиски императори, ќе стане светска туристичка атракција, најави претседателот |
|||||||
|
|||||||
| Претседателот Ѓорге Иванов вчера на италијанскиот амбасадор во земјава Донатино Маркон му го претстави археолошкиот локалитет Таор, каде што се пронајдени докази дека познатиот византиски император Јустинијан Први бил роден во Скопско. Иванов најави дека на локалитетот ќе биде изграден и амфитеатар и најави меѓународна промоција на овој локалитет. - Ова е родното место на византискиот император. Ова претставува можност за меѓународна промоција на Македонија. И она што во иднина би било туристичка атракција. Многумина би сакале да дојдат и да го видат местото од каде што е човекот по чие име е крстено и правото, односно по Јустинијан. За тоа зборувавме и додека бев на Правниот факултет, односно сите студенти би доаѓале тука да го видат местото од каде што потекнува креаторот на правото, кое денеска се вика римско право - изјави Иванов. Донатино Маркон, амбасадорот на Италија, рече дека бил заинтересиран за историјата на Јустинијан и за Стариот Рим. - Очекувам дека ќе соработуваме со претседателот Иванов. За оваа цел нашата влада донира 3 милиони евра за обнова на археолошките локалитети Стоби, Скупи и Хераклеја. Очекувам реставрација и подобрување и на овој локалитет - рече Маркон. Киро Ристов, археолог од Музејот на градот Скопје, објасни дека станува збор за големо откритие како потврда дека Македонија е држава што има богата историја чии корења потекнуваат уште од античкиот период. - Тука се откриени многу пронајдоци што укажуваат дека на овој локалитет постоел античкиот град Тауресиум, родното место на Јустинијан Први. Откриен е и жиг, монограм од Јустинијан Први, кој е единствен во светот и кој има непроценлива вредност - вели Ристов. Тој објасни дека од оваа година локалитетот Таор влезе во капиталните проекти на Владата и дека истражувањата ќе продолжат сé додека има материјал. Просторот и пронајдените градби и предмети ќе бидат конзервирани, а потоа ова фантастично откритие ќе биде претставено и пред пошироката меѓународна јавност. |
|||||||
|
|||||||
| Веста е прочитана: 48 Оценка: 5 | |||||||
|
|||||||
|
|