Професорот Ролф Ахилес, византолог што предава на Арт-институтот во Чикаго за уметничка критика и активно се занимава со проблемот на заштитата на културното наследство, алармира на монументалната негрижа за капитални споменици на културата во земјава, од кои повеќето „страдаат“ од влага. Археолошките ископувања, кои, според него, се преобемни, на сметка на заштитата, во принцип треба да се на второ место во однос на „живиот споменик“.
По својата обиколка на некои споменици на културата во земјава, тој смета дека генерално недостасува монументална грижа за капиталните објекти во земјава.
- Најалармантна е ситуацијата со ѕидовите на црквата „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид, кои имаат големи оштетувања од влага. Таа влага не настанала преку ноќ, туку се насобирала изминативе 4-5 години. Оваа црква е од глобално значење и голема загуба е ако луѓето од заводите за заштита на спомениците во вашата земја не прават ништо да го спречат тоа - категоричен е Ахилес.
Процедурата за заштита од влага не е многу скапа, а инертноста на бирократите е очекувана. Но кога станува збор за споменик од овој ранг, истакнува Ахилес, надлежните треба да престанат да бидат зафатени со мали работи и да им посветат внимание на големите.
- Во Охрид гледате голем археолошки локалитет - Плаошник, со прекрасни мозаици и убаво реконструирана црква. Но автентичната ви пропаѓа. Како ќе им го објасните ова на туристите, кои кога ќе ја видат состојбата на црквата „Света Богородица Перивлепта“ добиваат впечаток дека целата држава ви се распаѓа? Во оваа црква секојдневно доаѓаат стотина туристи, кои ја гледаат штетата - вели Ахилес.
Во текот на својата обиколка на неколку споменици на културата во Македонија, професорот алармира на слични оштетувања и на црквите во Старо Нагоричани, Свети Ѓорѓи во Козјак, Штипско и други. За разлика од нив, според неговиот првичен увид, исламските споменици сосема се добро одржувани.
Како византолог по вокација тој не го крие своето воодушевување од нашите цркви, но вели дека некои од нив им се релативно непознати и на македонските граѓани и воопшто не може да се најдат во туристичките прирачници. Како таков пример ги посочува двете цркви во Варош, Прилеп, кои, според него, се исклучителни и како архитектура и како живопис.
- Црквата „Свети Никола“, која потекнува од 13 век, има мошне комплицирана градба. Секоја фасада и ѕид се различни, а внатрешноста има фантастичен живопис. За жал, за оваа црква нема никаква публикација во Македонија. Во нејзина близина се наоѓа црквата „Свети Димитрија“, во која има прекрасни фрески. Не мора да сте историчар на уметност за да ги сфатите големината и значењето на овие цркви. Околината исто така е спектакуларна, дури надреална, и изгледа како филмски сет - вели Ахилес.
Овие цркви, спред него, се во одлична состојба токму поради грижата на локалното население за нив, што е значаен аспект од процесот на заштитата на спомениците.
- Луѓето што ги одржуваат овие споменици го прават тоа од љубов кон нивната црква, а не заради тоа што се споменици на културата - истакна Ахилес.
Според него, музеите во споредба со живите споменици се речиси ирелевантни. Артефактите и фрескосликарството ја имаат својата полна вредност само кога се дел од целиот објект.
- Кога ја гледате фреската во музеј таа е надвор од интегралниот контекст. Кога фреските се во рамките на црковниот објект тие значат многу - вели Ахилес.
Што се однесува до многубројните и обемни археолошки истражувања што се случуваа во изминатиов период, од кои повеќето се прекинати, професорот е категоричен.
- Оваа стратегија на вашата влада е национална трагедија. Полесно е да се копа, отколку да се заштити. Не можете да дозволите да пропадне цела црква додека ископувате тули од древен град. Древниот ѕид е важен, но муралот во некоја црква е многу поважен. Како што еден жив човек е поважен од мртов човек. Можеби од археологијата учите за културните слоеви на регионот, но некоја веќе постојна градба е многу поважна од некоја урната - истакна Ахилес.
Тој признава дека археологијата секогаш е атрактивна за туристите „што сакаат да ѕиркаат во дупки“.
- Голем дел туристи што ги гледаат делата на Микеланџело во Систинската капела не знаат ништо за Микеланџело, но велат: “О, колку се убави!&рдљуо; И таа слика им останува во главата. И вашите автентични и прекрасни споменици може да искреираат убава меморија кај туристите што доаѓаат во вашата земја. Треба само да знаете како да ги продадете - вели Ахилес. |
|