Ги видовте ли матуранатите како играат кадрил на онаа механичка и бесчувствителна Штраусова музика? Како да матурирале во училишта за луѓе со посебни потреби. Но, тие не се виновни. Таквата музика самата ве присилува да правите глупави движења. Тоа ви е како да јадете бомбони од кал, само од некаква убаво дизајнирана кутија. Како што прочитав, оваа манифестација била иницирана од некој умен Словенец и неговата танчерска школа, а таму секоја улица има танчерска школа, чие што име започнуваше, или завршуваше, на „кур“, или така некако. Нивниот танц ме потсети на танцувањето на добро издресираните циркуски коњи. Впрочем, такви се Европјаните. Во нив има нешто страшно упорно, коњско, нешто што ги тера да војуваат најмалку четири години, нешто што ги измачува сите работи да ги доведат до некаков нелогичен крај. Сепак танцувањето на улиците не може да ја загади околината. Воопшто, богатите треба да престанат да ја загадуваат околината со нивните прекрасни скапи и брзи автомобили. Колку само би било поубаво и почисто да ги носат на раскошни, филигрански изработени носилки. Ако, возејќи се, добрите луѓе имаат само еден шофер вака ќе имаат четворица носачи кои ќе можат да си ги хранат семејствата.
Помислете, какво само доживување би било кога би можеле да го видиме господарот Ѓорге Први како го носат, облечен во чиста бела тога, со ловоров венец на главата како на улицата поминува покрај нас читајќи голема дебела книга, додека богобојажливиот народ паѓа на колена и со челата го допираат плочникот на тротоарот поздравувајќи го и благословувајќи го. Или, кога неколку дивови со златни ремени околу струкот го внесуваат Ивица Боцевски во парламентот додека тој налактен на перничето од чиничето пред себе кине зрно грозје, го фрла во воздухот и со широко разјапена уста го дочекува во своето огромно ждрело.
Исто така, ни требаат и коњи. Не дрвени тројански, туку вистински коњи, зашто ние сме и каубојска држава. Но, зошто само полицајците да јаваат коњи? Зошто велеумните банкари не би можеле на работа да доаѓаат јавајќи на липицанери? Или, ѓубраџиите. Тие се најзапоставениот слој во ова општество. Најигнорираниот. Отсекогаш ми било чудно зошто нема факултети за ѓубраџии. Ниеден доктор, или барем магистер по ѓубрологија. А на тој факултет би можело да се изучуваат предмети како Онтологија на канта за ѓубре, Феноменологија на контејнери, Теорија на метење и слично.
Кога тоа оваа држава наградила некого од нив? Зар е доволно само тоа што на тие вредни и намачени луѓе некој некогаш ќе им даде сто грама евтино кафе или некакви стари алишта? Тие се единствените што не не замараат. Просто, уредно ќе го соберат сето она што во текот на неделата сме го искашкале и скоро нечујно ќе си заминат понатаму. Не би било лошо некоја убава девојка срцето да му го продаде на некој ѓубраџија, како во онаа стара поп-песна на мојата омилена пејачка Ди Ди Шарп.
Кога коњите ќе станат пракса би можело да се одржуваат натпревари чиј коњ е најубав, како и кој коњ најмногу личи на својот господар, зашто со времето домашните животни и физички почнуваат да личат на своите стопани. Ете, коњот на Гошев би носел мустаќи како него, се разбира, лажни. Коњот на Славевски би носел очила, а коњот на Ѕинго би бил сјајно ќелав. Оној на Љубиша Георгиевски би носел брада и би имал седло украсено со дијаманти од Тифани и чорапи од Кавали.
Како казна што не ја освоиле власта, опозиционерите треба јавно да се понижат. Затоа нема да смеат да јаваат коњи туку само магариња. Децата на блгородниците на школо би можеле да доаѓаат на пони коњчиња. Но, ако може да се јаваат коњи, тоа нема да биде случај со коњските кочии. Според мене, кочии може да поседува само неговото величество, господинот Груевски. Тој треба да се вози во велелепни кочии со калота од сомот и кралски грб на вратите. Велам кралски, затоа што е време да станеме монархија, а тој нашиот крал. Зошто да организираме досадни парламентарни избори и да трошиме милиони кога однапред се знае кој ќе победи. Вака, фино, сегашниот премиер ќе го крунисаме и ем ќе заштедиме пари, ем во исто време ќе влеземе во семејството на сите европски круни.
Мене ми е жал што господинот премиер ретко патува. Мислам на патувањата во странство. Сигурен сум дека низ целиот свет постојат луѓе, а особено жени, кои умираат да го запознаат. Се надевам дека и ова ќе биде надминато и дека еден ден тој сите нив ќе ги удостои со неговото внимание. Дружејќи се со луѓето знам дека и тука има многу жени кои би сакале да го видат, чујат, па и да го допрат, зошто да не. Жени кои страсно го исчекуваат да биде со нив.
Еве, читам една досадна книга за Луј Петнаесетти и можам да ви кажам дека нашиот Ники е далеку подобар. Тој нема љубовница-интригантка која ја искористува кралевата заслепеност со неа за да на власт ги доведе најбезобзирните лопови, каква што била Мадам Помпадур. Тој покрај себе нема итра караконџула која за нејзини советници зема гатачки и кардинали и која за своја полза индиферентните ги придобива со ласкање и лажни ветувања. Нема шанси нашиот крал да ги проголта повраќаниците на таквите ниски карактери само за да не му биде досадно. Тој не е од оние големи луѓе на кои не им се живее а изгледа не им се ни умира, луѓе кои не знаат што со себе. Нашиот крал оди во црква, а таму пали и свеќа за сите нас. Некои злобници ќе кажат - за нас свеќа,за нив пари!, но Луј Петнаесетти дури ни не одел в црква, туку црквата доаѓала кај него. Ха, мислите ли дека тој перверзен Французин на сиромашните ученици им делел бесплатни учебници? Или дека неговите поданици имале матичен лекар? Но, доста. Сега ќе го гледам „Виолет Нозиер“ на Шаброл. Приказна за едно мало, опасно и злобно курвиче кое сакајќи да се спаси од сплинот и калта на париската малограѓнаштина се курва, краде, а на крајот си ги убива родителите. Виолет ја глуми намќорката Изабел Ипер, позната по тоа што никогаш не се смее. Кога сте го виделе Ники без насмевка на лицето? Перверзни Французи... Авторот е музичар |
|